| четврток, 6 декември 2018 |

Фејсбук и лични податоци – 59 Македонци се жалеле за лажен, 17 за хакирани профили

direktor direkcija

Дирекцијата за заштита на личните податоци одбележува девет години од работењето. Директорот на Дирекцијата Димитар Ѓеорѓиевски во интервју за МИА посочува дека низ годините се повеќе се зголемува бројот на добиени претставки за злоупотреба на личните податоци од страна на граѓаните. Вели може да се забележат различни сектори на кои се однесуваат претставките од граѓаните, но најчесто добиваат претставки за нарушување на приватноста на интернет, на социјалните мрежи. Оценка е дека јавната свест кај граѓаните се зголемува. – Покрај помошта од страна на медиумите кои секогаш покажуваат интерес за правото на заштита на личните податоци, свеста кај граѓаните ја јакнеме и преку различни кампањи во одделни сектори за кои сметаме дека се најактуелни (телекомуникации, банкарство, осигурување итн), преку развој на различни наши иницијативи, како и постојано информирање на граѓаните преку давање препораки од областа на заштита на приватноста, вели директорот на ДЗЛП.

На 22 јуни оваа година одбележувате девет години од основањето на Дирекцијата за заштита на личните податоци. Што сè е постигнато во изминатите години?

– Концептот за заштита на личните податоци е за прв пат воспоставен токму пред девет години кога е и формирана Дирекцијата за заштита на личните податоци. Воспоставувањето на овој нов концепт во Република Македонија подразбира вклучување на правото на приватност во нашиот правен систем, поконкретно, заштита на личните податоци. Со Законот за заштита на личните податоци, приватноста станува задолжителна компонента на новото општество, а не само индивидуална потреба. Воспоставувањето, но и унапредувањето на правната и институционалната рамка за заштита на личните податоци, и тогаш а и сега претставува огромен предизвик за професионалците од оваа област. Основните принципи предвидени во Законот треба да бидат лесно применливи во пракса, без разлика дали станува збор за обработка на лични податоци од страна на контролорите или за развивање на правила и политики на работа кои се тесно поврзани со заштитата на приватноста на граѓаните. Токму во таа насока работиме континуирано со цел да го доближиме правото на приватност до граѓаните на секој можен начин.

За каков тип  прекршувања во однос на заштита на лични податоци имате добиено претставки од граѓаните во изминатите години?

– Низ годините сè повеќе се зголемува бројот на добиени претставки од страна на граѓаните. Mоже да се забележат различни сектори на кои се однесуваат претставките од граѓаните. Најчесто добиваме претставки за нарушување на приватноста на интернет, на социјалните мрежи, но секако тука се и претставките кои се однесуваат на секторите: телекомуникации, банкарство, работни односи, образование, осигурување…итн. Вкупно се поднесени 132 претставки. Три претставки се поднесени во секторот финансии, банкарство и инвестициски фондови, две од телекомуникации, една од правосудство, пет од образование и наука, четири од работни односи, 17 што се однесуваат на државните органи, 59 за лажен профил на Фејсбук односно за социјалните мрежи, 17 за хакирани Фејсбук профили, девет за други социјални мрежи на интернет, пет за видео надзор, два за медиуми, шест за здруженија,  четири за ажурирање на лични податоци, една за игри на среќа и една за домување. Она што е подеднакво важно е и видот на злоупотребата на личните податоци. Тука забележуваме неколку видови на злоупотреби на личните податоци кои се повторуваат,  како на пример: задржување на фотокопија од лична карта, преобемна обработка на ЕМБГ, инвазивно користење на видео надзорот во работна средина, објавување на туѓи фотографии и податоци на интернет.

Оценка е дека се зголемува јавната свест за оваа проблематика, особено кај граѓаните. На што се должи тоа?

– Имајќи предвид дека за правото на приватност до 2005 година не постоел концепт, наша обврска е напорно да работиме на подигнувањето на јавната свест. Покрај помошта од страна на медиумите кои секогаш покажуваат интерес за правото на заштита на личните податоци, свеста кај граѓаните ја јакнеме и преку различни кампањи во одделни сектори за кои сметаме дека се најактуелни (телекомуникации, банкарство, осигурување итн), преку развој на различни наши иницијативи, како и постојано информирање на граѓаните преку давање препораки од областа на заштита на приватноста. Се трудиме секогаш да им бидеме достапни на граѓаните на секој начин за комуникација, па освен официјалните барања кои можат да ги поднесат кај нас во Дирекцијата, тие сè почесто комуницираат со нас на дневна основа, електронски, со поставување прашања или барање консултација по однос на некои дилеми особено кога се јавуваат во својство на контролори. Остануваме да бидеме сервис за граѓаните.

Се забележува зголемување на претставките што се однесуваат на Фејсбук и генерално на злоупотреби на Интернет. Како се справувате со нив и која е главната препорака до граѓаните?

– Претставките за нарушување на правото на приватност на интернет се во континуиран пораст во последниве неколку години. Секако, повеќе причини доведуваат до оваа состојба. Од една страна, станува збор за подигнување на свеста за постоењето на законот и институцијата која може да помогне, а од друга страна, зголеменото користење на интернетот, особено промените на политиките на приватност на социјалните мрежи и намалувањето на старосната граница на интернет корисниците. Во обидот да се справиме со сите овие случаи, развивме исклучително добра соработка со неколку социјални мрежи, па во директна комуникација со нив успеваме да го решиме најголемиот број на случаи на нарушување на приватноста на интернет. Со оглед на бројот и видот на злоупотребите, веројатно би требало да дадеме многу препораки, но ако се фокусираме на социјалните мрежи можеби најважно е да се запрашаме колку пати сме прочитале политика за приватност од почеток до крај? Колку пати сме кликнале „I Agree“, без да ги прочитаме условите на интернет страницата на која ги оставаме нашите лични податоци? Која е обврската на интернет страниците кон нас? Одговорите на овие прашања може да делуваат и превентивно и едукативно за тоа како самите да ја заштитиме нашата приватност на интернет.

Дел од вашата работа се и инспекциските надзори. Во тек е инспекцијата во средните училишта. Што произлезе од оваа инспекција?

– Иако инспекциските надзори во средните училиште се сè уште во тек, од досега спроведените надзори, како првична генерална оценка може да се каже дека за разлика од порано, денес свеста кај вработените во училиштата е во нагорна линија. Имено, како генерална забелешка е дека средните училишта во голема мерка ги применуваат прописите за заштита на личните податоци. Сепак, сè уште постои простор за понатамошно подобрување на состојбите, особено во делот на целосното донесување и доследно применување на потребната документација за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци, како и примена на соодветно ниво на технички мерки преку кои ќе се минимизира ризикот од евентуална злоупотреба на личните податоци на учениците, како и на самите вработени во училиштата. При тоа ваквото понатамошно подобрување несомнено ќе се постигне преку спроведување на инспекциските надзори кои се во тек, но истото ќе се постигне и преку спроведување на периодични контроли од страна на самите училишта, а што како укажување веќе го даваат инспекторите во текот на спроведување на надзорите.

Редовни ваши активности се и обуките. Кој сè може да побара обука од Дирекцијата за заштита на личните податоци?

– Една од активностите која е сè поинтензивна е токму одржувањето на обуките. Обуките се реализираат согласно Годишна програма за обуки на контролори и обработувачиа заинтересираните контролори, правни лица кои вршат обработка на лични податоци се вклучуваат во планираните обуки преку постапка на пријавување. Голем број од обуките се спроведени и врз основа на склучени Меморандуми  за соработка. Дирекцијата спроведува два типа на обуки: организациски во рамки единствено само од страна на Дирекцијата и во рамки на соработката меѓу Дирекцијата и Семос Едукација, односно EC Council – USA. Во рамки на ДЗЛП, обуката се спроведува според однапред утврдени модули и тоа еден Општ модул – за општи познавања од областа на заштитата на личните податоци (генеричка обука), 16 специјализирани модули и 5 посебни модули, во зависност од областа од која доаѓаат контролорите.

Што ќе следува до крајот на годината и какви кампањи и активности може да се очекуваат од Дирекцијата?

– Оваа 2014 година е значајна за Дирекцијата по многу нешта. Во првата половина од годината бевме домаќини на две големи меѓународни конференции за заштита на личните податоци, со што покажавме кои се нашите капацитети, резултати кои ги имаме постигнато, како и професионалност во работењето. Спроведовме голема кампања за ажурирање на личните податоци на корисниците на вода, електрична и топлинска енергија, и организиравме кампања за заштита на личните податоци на граѓаните при осигурувањето. Продолжуваме со несмален интензитет и во втората половина од годината кога нè очекува организација на уште еден меѓународен настан, продолжување на активностите за подигнување на свеста за правото на приватност кај учениците и наставниците во средните училишта, модернизација на работата на Дирекцијата со воведување на он лине инспекција, како и многу други активности кои се планирани како најава за следните големи проекти.

Елизабета Вељановска Најдеска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top