| четврток, 6 декември 2018 |

Утрински муабети со Марта Попивода на „Македокс“

Во Скопје постои една магична смоква. А под нејзината голема зелена крошна убави расположени луѓе, слатко од смоква и док-муабети. Се водат филмски муабети кои слушајќи ги, човек ќе помисли дека се муабети за животот. А таквите крај немаат.

Ниту, пак, муабетите за Југославија. И Марта Попивода зборува за неа, за младинските работни акции, за првомајските паради, за прославите на Денот на младоста, за студентските демонстрации и протестите, но, за чудо, не ни е досадно. Зашто многу поретко се зборува за југословенското општество и тогашната идеологија низ призмата на масовните државни перформанси.

Карпо Година зборува за „илјада војници, илјада жени, а ниедно дете“. Земајќи го сето она што југословенската армија му го понудила – дивизија со 20.000 војници, голема количина филмска лента и потполна слобода во креативниот процес тој, спротивно на очекувањата, зборува за апсурдноста во која живеат регрутираните војници. Да не ја украл од Армијата, најверојатно никогаш немаше да ја дознаеме „Уметноста на љубовта“.
А токму таа уметност се обидува да ја совлада Татјана Божиќ. Решена да открие зошто не ѝ оди во љубовта, таа ги посетува сите свои бивши партнери. Што сe не прават луѓето за да сфатат дали можеме да бидеме среќни засекогаш.

Но, засекогаш не постои за Боб и Марсел, кои се имаат договорено дека заедно ќе си заминат од овој свет. И така, едниот продолжува да си пие пиво, а другиот да си шета низ шумата, свесни дека „ако не чувствуваме болка, тогаш нема да можеме да знаеме кога ни е добро“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top