| четврток, 6 декември 2018 |

Мики Трајкоски: Работата ми е задоволство, а колегите семејство

Пред да се придружи на искусниот тим на агеницјата за комуникации и односи со јавност „Елемент ПР“, Мики Трајкоски имаше десетгодишно работно искуство во медиумите и во здруженија на граѓани. Сега, веќе неколку години работи како менаџер за односи со јавност кој во својата работа гледа задоволство, а во своите колеги - семејство. Со него разговараме за секојдневните активности и настани во полето на односите со јавноста.

Како релативно млада личност, својата работна навика почна да ја создава во медиумите и во цивилниот сектор, кој беше предизвикот за да се почне на работа на 16 години?

Мики:  Искрено уште на 16 години знаев дека сакам да работам се што е поврзано со комуникации, веројатно тоа ми е врежано уште од мали нозе кога помагав во фото студиото на баба ми и дедо ми, познато како „Фото студио Љупка“. Телевизијата ми беше прва љубов, така што почетоците беа на Канал 5 телевизија со забавната емисија „Нешто интересно“, тогашното Мега радио, како и тинејџерскиот магазин „Тини“, за да продолжам во утринската емисија Журнал на Сител телевизија. По краток временски период сум работел и во останати медиуми. Во меѓувреме постојано бев активен во граѓанскиот сектор каде земав учество на младински семинари, размени, тренинзи, граѓански акции. Навистина времето ми беше исполнето со предизвици, контакти со луѓе и низа активности, како и образование.

Повеќето те препознаваат од акцијата за уривање на шенгенскиот зид „Виза?! – Нема шанси!“, какво искуство извлече од граѓанскиот сектор?

Miki - Visa - no way

Акцијата „Виза? – Нема шанси!“

Мики: Моите почетоци во цивилниот сектор не беа случајни, членував и координирав во повеќе Здруженија, како голема и драга активност беше акцијата за уривање на шенгенскиот зид, која беше вистински предизвик за сите кои се вклучија во кампањата. Навистина беше напорна кампања затоа што сами ги креиравме активностите, почнувајќи од екипирање и вклучување на младинските здруженија и студентски организации, соопштенија, прес конференции, гостувања во медиуми, како и координација со нашите и европските институции. Имаше навистина среќни моменти особено кога се отвараа вести со нас, кога не препознаваа како активисти на улица. Лично, запознав пријатели кои ден денеска ми се најдобри другари и тоа е една од позитивните придобивки, како и искуството со кое се стекнав како во Македонија, така и во Словенија и Белгија.

Првото искуство во маркетинг и односи со јавноста го работиш во образованието, односно во Петта приватна гимназија и е една поинаква насока од сѐ останато…

Мики: Како природен тек на работите по комуникацијата која ја имав за време на активностите од граѓанскиот сектор, беше поканата да бидам дел од приватното средно училиште Петта приватна гимназија. Дефинитивно тоа беше различно искуство за мене, особено што во средина каде што има наставници кои максимално се посветуваат на учениците ми даде различни видици во работата. Подготвувавме весник, јавни настапи, промоција во основни училишта, најважно од се беше тимската работа и поддршката која ја имав од наставниците за активностите.

По две години во Петта приватна гимназија, започна со Здружението „Превентус“ и здравствениот портал превентус.мк, создадено од млади ентузијасти, од каде идејата?

Miki Trajkoski - nastan Ajnur

Мики и колешката од „Елемент ПР“, Ајнур

Мики: Интересно е што млади ентузијасти, пријатели го создадовме Превентус и беше поинаков пат кој сакавме да го трасираме, но повеќе ни беше хоби одошто вистинска работа. Нашата цел беше да придонесеме во општеството. За порталот бев задолжен за маркетинг делот, каде ја водев комуникација со компаниите за да донираат и бидат дел од нас и можам дс кажам дека деноноќно се закажуваа состаноци. Навистина сум благодарен на компаниите кои искрено не поддржаа како Алкалоид, Roche, Bayer и останати, кои забележаа страст во нашата работа. Така, постојано комуницирав со агенции и се случи мојот последен предизвик Елемент ПР.

Дали случајно си дел од тимот на агенцијата за комуникации „Елемент ПР“, сите жени и ти?

Element PR - team

Тимот на „Елемент ПР“

Мики: Во животот ништо не е случајно, па така и „Елемент ПР“. Преку превентус.мк комуницирав со сегашната колешка Ајнур, со која комунициравме за клиентите. Од таму се размислував дали да побарам средба со мојата сегашна шефица, но сепак на крајот се решив дека немам што да изгубам во животот, може само да добијам. Така, се одржа средба, успеав да се продадам, иако немаа потреба, но побарав шанса за која сум многу среќен. Дефинитивно ми беше шок, кога видов дека сите се жени во фирмата, но компактен тим, со кои за само две недели се чувствувам дека сум како дома.

Како ти поминува еден твој ден во „Елемент ПР“?

Мики: Во „Елемент ПР“ секој ден е различен. Исполнет ми е со постојана комуникација со клиенти, медиуми, институции, останати соработници. Колку и да претставува стресно мене ми е задоволство и на крајот од денот сум комплетен. Сепак во нашата агенција функционираме како семејство, што тоа не се купува со пари. Најинтересно ми е кога имаме настани, кога не сме заглавени во канцеларија,  како и летните кампањи кои ги реализираме во Охрид.

Како млад човек, каде се гледаш себеси во иднина?

Мики: Сепак, не можеш да испланираш се во животот, постојано имам пречки но брзо ги елиминирам за да се исполни целта. Би сакал повремено да живеам надвор од нашите граници за интересни предизвици, но околу тоа засега не сум се одлучил. Секогаш сме на крстопат и треба внимателно да се одлучува, така што до сега сите одлуки биле правилни и не сум се каел за истите. Го живеам моментот и уживам во него, бидејќи животот е борба со себе и општеството.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top