| четврток, 6 декември 2018 |

Прв Италијански фестивал во Скопје

Првиот Италијански фестивал во Македонија беше отворен вчера во организација на ИЧЕ – Канцеларијата за економска соработка при Амбасадата на Република Италија, а ќе трае во текот на следните неколку месеци. Италијанскиот Фестивал е единствена и традиционална манифестација што ИЧЕ ја организира во различни земји во светот, со главна цел промоција на италијански производи, италијанска култура и животен стил и вклучува настани како дегустација на вина, промоција на италијанска храна и специјалитети, модни ревии, промоција на италијанска технологија и дизајн, и сл.
Темата на овогодинешното издание на Фестивалот што се одржува во во Македонија е „Почувствувајте ја Италија со сите ваши сетила” и вклучува курс за вљубеници во италијанската кујна, дводневна практична обука за професионални готвачи, презентација на италијански производи во Веро Центар, модна ревија со италијански дизајнери, семинар за технологија за винска индустрија, итн.
Главен партнер за организација на јунските настани е АЛМА, Меѓународната Академија за италијанска кујна и најценетиот образовен институт за италијанска кујна во светот.

Програмата на Фестивалот вклучува: вечери на италијанската кујна со гостување на шеф Кристијан Броља во три скопски ресторани: Воденица, Џино и Пелистер, на 13, 14 и 18 јуни кои за оваа прилика ќе понудат ексклузивни менија по промотивни цени кои ги отсликуваат традиционалните рецепти од различните региони на Италија, сонцето и морето.

Курс за љубители на италијанската кујна, кој ќе се одржи на 15 јуни (9-14 часот) во Средното Угостителско училиште Лазар Танев во Скопје, каде Броља ќе ги открие тајните за подготвување на традиционалните италијански јадења како и неколку ексклузивни рецепти на Гуалтиеро Маркези.

Презентација на италијански прехранбени производи и пијалоци во ВЕРО ЦЕНТАР на 21 и 22 јуни, со цел промовирање и подобро запознавање на потрошувачите со италијанската кујна, животен стил и вредности.

Во септември се планира дегустација на италијанска храна и вино во Скопје на која ќе учестуваат брендови од Италија кои се уште не се присутни на македонскиот пазар. Во октомври, во рамките на модната недела на Скопје ќе биде организирана модна ревија со италијански дизајнери, а во ноември семинар за презентација на италијанската технологија во винската индустрија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top