| четврток, 6 декември 2018 |

Шпанија опасно виси, светскиот првак може да испадне и со 6 бода

Шпанците доживеаја вистински дебакл против Холандија, загубија со 1-5, па нивната судбина сега зависи од исходот на останатите резултати во Б групата на Свстеското првенство во Бразил. Дури и со две победи, против Чиле во следниот меч и со Австралија во последната рунда, „црвената фурија“ може да се прости од мундијалот, иако би имале 6 бода.

Чиле ја победи Австралија со 3-1 и сега лесно може да се случи три репрезентации во оваа група да имаат по 6 бода и во евентуален круг Шпанија да биде најслаба.

Проблем за светските прваци ќе биде лошата гол-разлика поради дебаклот со 5 примени погодоци со Холандија. Евентуална разврска во која Шпанија би ги победила Чиле и Австралија, Холандија да слави со „кенгурите“ и да загуби од Чиле, ќе го исфрли од игра актуелниот светски првак. Во таков случај би имало круг од три селекции, Холандија, Чиле и Шпанија со по 6 бода, а светските прваци да имаат најслаба гол-разлика и да бидат елиминирани.

Лошо за Шпанија е што Холандија и Чиле според распоредот ќе играат во последното коло. Постои реална варијанта ако Холандија претходно ја победи Австралија, поради одлична гол-разлика „лалињата“ веќе да бидат првопласирани во групата и да им одговара и минимален пораз од Чиле.

Во третото коло натпреварите се играат во исто време, а на мундијалите имало неколку случаи кога послаби репрезентации ги победувале веќе пласираните фаворити во последната рунда во фазата по групи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top