
Ацо Станковски
Кастата, како општествено-културен феномен, има силна вкоренетост во традиционалната структурологија на една поголема човечка заедница, која поминала низ историската верификација на специфичниот тип на конституција на класните и политичките, но и на едукативните дадености на еден геополитички регион со свои специфичности, потенцијали, но и ограничувања. Нема поголема дистинкција, но и дискриминација во современиот свет, од онаа, која владее на ниво на кастинското општествено уредување. Кастата е како фатум, судбина од која нема бегање, таа е како колективна, но и индивидуална карма, со која се раѓаш и умираш. Ретки се примерите на промена на рамките на кастата, за разлика од онаа во контекстот на класата, каде самиот систем, тука мислам на единствениот историски верифициран модел на општествено опстојување во современоста, а тоа е капитализмот, каде во идеолошките референци на општествениот поредок една од главните препораки е да се промени класниот статус со едукација и работа, но и со најразновидни стратегии, кои одат во дијапазон од научни, социолошки истражувања, до популарни упатства од типот – „како да станете милионер“ или подобро кажано, како да го промените својот класен статус. На овој начин во западните хуманистички општества суптилно, но сосема евидентно се провлекува оптимистичкиот дискурс на можностите и потенцијалите на едно виртуелно, да не кажам, утопистичко устројство, во кое секој трудољубив и амбициозен граѓанин може да го промени својот класен статус и да премине во повисок начин на општествено опстојување, да се искачува по скалите на општествената хиерархија од поинфериорна кон посупериорна, проаѓајќи ги класните нивоа во согласност со големината на сопствените капацитети. Дури и во сферите на пропагандно-едукативниот процес, што општеството го врши катадневно, масите се индоктринираат во правецот на едно позитивистичко гледиште, во кое феноменот на класите служи како еден неминовен фактор на еволутивна селекција, при која способните и полезните за општествениот бенефит индивидуи, се креваат нагоре кон високите класни димензии, а неспособните и не толку полезните се спуштаат удолу и стануваат евтини наемници, чија класна функција е да им служат на припадниците на повисоките класи, кои сходно на својот општествен статус, се со далеку помоќни финансиски потенцијали.
Од друга страна, кастинската идеологија што се преточува во едукација и темелна индоктринација, говори за судбинската припадност на кастата, што во потполност нè тера да препознаеме еден ригиден феудален реликт во овие општества. Но сите овие устројства се толку масивни и комплексни, што секој обид да се заземе моралистички став во однос на овој феномен нè води во небулозна и гротескна ситуација, при која финалниот резултат секогаш конвергира со позицијата на истоштувачка немоќ, исполнета со фрустрирачка залудност и ирелевантна самопромоција, од која зрачи исклучително голема магнитуда на глупост. Затоа, да отстапиме од нашиот месијанско-револуционерен порив за промени кон подобро и да ја ослободиме автентичната општествена структурологија на кастинските уредувања од нашата наивна супервизија и интервенционизам, со оглед на древната мудрост, која нѝ кажува многу јасно, дека „Патот до пеколот е поплочен со добри намери“.
Но тука не станува збор за париите, за кшатриите, за браманите или пак за цврстата индиска кастинска општествена структура, која постои на овој начин со милениуми. Тука, пред сè, нашето внимание го привлекува еден, колку комичен, толку и трагичен феномен на кастинско вообличување, кој се појавува во рамките на македонаското современо општество. Имено, во веќе херметизираниот, аутистички свет на опозициските интелектуалистички адепти, во кој дон-кихотските халуцинации и псевдо-месијанските појави стануваат редовен арсенал на нивниот „театрум мунди“, идејата за создавање на една „друга Македонија“, во која разочараните граѓани од таканаречениот „Популистички тоталитаризам“ ќе создадат свое микро-општество, со кое ќе се дистанцираат, и сходно на ова, ќе се спасат од тиранијата на мрсниот и одвратен плебс кој ги загрозува, а кој во својата колосална глупост и наивност редовно бива надмудрен и прелажан од владеачката камарила, за која редовно гласа во големи броеви, покажувајќи политичко слепило и гибел за позитивна разрешница за постојаната македонска криза и мизерија, која трае веќе со години. Значи, кога веќе нема спас од одвратните индоктринирани маси од партијата на власт, треба да се создаде посебен општествен корпус, нешто како ексклузивна групација со капацитети на посебен етнос или каста, во која едно културно и демократско засолниште би нашле сите оние, кои не го прифаќаат овој недемократски режим и сите оние, кои бараат спас од оваа неподнослива политичка, економска и културна состојба во која се најде државата, благодарејќи му на клептократското и игнорантското устројство, кое се искачило на чело на Бившата Југословенска Република Македонија, име, кое самите тие, кога беа на власт, а денес обезвластените, но полни со револуционарен набој – подвижници во опозициските афери, си го усвоија во име на просперитетот на Републиката, кој никогаш не се случи.
Чудесен е овој проект на опозициската интелектуална елита, пред сè, по магнитудата на комичност, но и гротескност, која веќе експлицитно се појавува на сцената на овој мрачен театар на желбите. Тие, што не можеа да го сочуваат сопствениот идентитет, кој конечно почна и да им пречи, како плебејското потекло што им пречи на амбициозните снобови да создадат еден цел нов идентитет од нула. Ова заслужува темелен мисловен пристап, кој би можел да резултира со огромно количество парадоксална литературна маса, што без сомнение би инаугурирала една повеќетомна едиција од областа на научно-фантастичната книжевност. На ваквото невообичаено дело најсоодветни рецензенти би можеле да бидат: античкиот философ-софист Зенон, познат по парадоксите и апориите, фамозниот барон Минхаузен, писателот Џорџ Орвел, авторот на познатото дело „Животинска фарма“, авторот на „Мајн кампф“, Адолф Хитлер, но и познатиот автор на научно-фантастичните романи – Филип К. Дик.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


