По изборот на Ѓорге Иванов и победата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, кои го бележат својот најголем рејтинг, на СДСМ во Брисел, на средбата на Заев и Шекеринска, му се случи „тежок нокдаун“, анализира Ивица Боцевски.
Во својата емисија „Ринг“, посветена на анализи, интервјуа, коментари, дебати и соочувања, која се емитува на „Радио Слободна Македонија“, Боцевски се фокусираше на политиката во државава, формирањето на новата влада и однесувањето на опозицијата.
Пораките од Филе според кого местото на СДСМ е во Собранието и во другите институции каде што треба да ја водат политичката битка е јасен сигнал за позицијата што ја имаат Заев и Шекеринска не само во земјава туку и на меѓународен план смета Боцевски, кој се прашува зошто СДСМ се откажува од можноста преку третиот канал на МТВ кој ги пренесува јавно седниците на Собранието да ги канализираат своите политики, идеи и проекти.
„Тие избраа да бидат улична, кафеанска партија“, смета Боцевски посочувајќи дека соопштението од СДС за формирање на техничка влада е смешно налудничаво.
Осврнувајќи се на дилемата дали треба да се оди на дополнителни избори за испразнетите места на опозиционерските пратеници од парламентот Ивица Боцевски е со став дека најверојатно ќе треба да се пристапи кон германско решение за ваков случај.
„Се надевам дека СДСМ ќе излезе од своето безумие и ќе се врати во Собранието“, рече во емисијата Боцевски.
Ивица Боцевски во својата емисија „Ринг“ на „Радио Слободна Македонија“ посвети внимание и на предложениот нов состав на владата на Никола Груевски.
„Ова е Влада на континуитет, каде со минимални измени се продолжува работата“, вели Боцевски.
Набројувајќи го новиот состав Боцевски рече дека единствено изненадување е само Зоран Јолевски кој доаѓа на позицијата министер за одбрана кој доаѓа од најтврдото проатлантско крило на македонската политика.
Во делот на кадровските решенија на ДУИ, Боцевски исто така забележа континуитет, но и нагласи дека „омекнува федералистичката политика на ДУИ“ која според него беше забележлива за време на изборната кампања пред се со барањето за консензуален претседател.
Боцевски исто посочи дека треба да се види дали ќе има рокади во владејачката партија по претстојниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Резимирајќи за темата нова влада тој потсети дека „централно е ветувањето за економски раст“ но и дека како што нагласи „ВМРО-ДПМНЕ сериозно ја сфати задачата т.с ветувањето за намалувањето на невработеноста на 22 % “.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


