| четврток, 6 декември 2018 |

„Фајненшл тајмс“: Бугарија против руските интереси

juzen potokОдлуката на бугарскиот премиер Пламен Орешарски да ја замрзне реализацијата на проектот „Јужен тек“ е сериозен удар на напорите на Русија да ја зацврсти својата позиција на главен енергетски дистрибутер на Европската унија, оценува британскиот весник „Фајненшл тајмс“.

Според весникот, изградбата на „Јужен тек“, преку кој Русија би доставувала гас до европските земји заобиколувајќи ја Украина, би му овозможил на Кремљ да го засили притисокот врз Киев, бидејќи со функционирњето на овој гасовод ќе биде возможно запирање на доставувањето гас за украинските потрошувачи, без притоа да биде загрозена дистрибуцијата на рускиот енергенс до Европа.

„Фајненшл тајмс“ оценува дека со разгорувањето на украинската криза, ЕУ и САД ги засилиле притисоците врз Софија за запирање на реализацијата на „Јужен поток“, особено што во неговата изградба низ бугарска територија учествуваше и руската компанија „Стројтрансгаз“, чиј директор Генади Тимченко е на листата на руски претставници кон кои САД воведоа санкции поради мешањето на Русија во Украина.

„Политичкиот притисок врз Бугарија е огромен, па затоа не е случајно што одлуката на премиерот Орешарски беше обелоденета по средбата со тројца американски сенатори, меѓу кои беше и Џон Мекејн“, наведува „Фајненшл тајмс“.

Весникот пренесува и изјава на бугарскиот аналитичар Илијан Василев кој оценува дека најавата на Орешарски била со цел да ги смири странските и домашните критичари, но дека неговата одлука за замрзнување на проектот „Јужен тек“ треба да добие поддршка и од Владата.

– Продолжувањето на проектот „Јужен тек“ во голема мерка зависи и од политичките и бизнис интересите на Бугарија, па затоа бугарската Влада делува несигурно по ова прашање, заклучува Василев.

Според весникот, одлуката за замрзнувањето на „Јужен тек“ може да доведе и до распад на владината коалиција, бидејќи во владејачката Социјалистичка партија има големо крило кое се залага за поблиски врски со Кремљ, додека од друга страна помалиот коалициски партнер на социјалистите е за целосно почитување на политиката на Брисел околу изградбата на гасоводот.

Од другата страна, рускиот весник „Комерсант“, исто така, оценува дека решението на Орешарски може да предизвика пад на неговата Влада и да доведе до политичка криза во Бугарија. Москва проценува дека одлуката на Софија е резултат на политички притисок од Брисел. Весникот додава дека треба да се почека и ставот на Италија, која, како што наведува, се уште „не го кажала својот последен збор“, имајќи предвид дека по „Газпром“ еден од главните акционери во „Јужен поток“ е и италијанскиот концерн „Ени“. Концернот е еден од најголемите даночни обврзници и располага со големо влијание и административни ресурси. Тој механизам едноставно не смее да се занемари, сметаат експертите, оценувајќи дека е возможно Италија да изврши притисок врз Европската комисија за деблокирање на изградбата на гасоводот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top