Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Ернесто Масимино Белели, на која присуствуваа и директорот на Интернационалниот филмски фестивал „Џифони“, г. Клаудио Губитози, и директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башевски. На средбата се разговараше за претстојното, второ издание на Меѓународниот фестивал „Џифони – Македонија“, кој оваа година ќе се реализира од 8 до 12 октомври и на кој ќе учествуваат над 400 деца од Македонија и од околните земји. Овој фестивал е од исклучително значење за подигање на свеста на младите за филмската уметност, но и на нивната перцепција за културата и уметноста воопшто.
Исто така, оваа година Република Македонија ќе учествува и на Меѓународниот фестивал „Џифони“ во Италија кој веќе има 44-годишна традиција и на кој македонската делегација ќе биде најмногубројна досега (ќе учествуваат 13 деца). Овој фестивал е одлична можност за културна интеракција на младите од целиот свет бидејќи на оваа манифестација редовно учествуваат повеќе од 5000 млади од над 50 европски земји.
На средбата меѓу министерката Канческа-Милевска и амбасадорот Белели стана збор и за новиот договор за соработка меѓу Република Македонија и Република Италија во областа на културата кој е предвидено да се потпише при посетата на италијанскиот министер за култура на РМ во октомври годинава кога ќе биде отворена и изложбата на мозаиците од Равена.
Во текот на втората половина од 2014 ќе се реализираат уште неколку активности од областа на културата со кои ќе се одбележи претседателството на Република Италија со Европската Унија. Република Македонија во ноември ќе се претстави и на Археолошката берза во Пестум, Италија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.