По неделните избори за нов состав на Европарламентот дел од европските лидери се најдоа во небрано. Дали да се лета на картата на популизмот и да се прифати реториката изникната од резултатите на изборите или да се оди против ветрот и да се инсистира до крај на заедничките европските вредности? Дали да се ризикува губење на поддршката од неопределените на кои антиевропското расположение им е најлогично во услови на криза? Францускиот претседател Франсоа Оланд го направи токму тоа, и покрај поразот остана да вози на сѐ потесниот евроавтопат. Британскиот премиер Дејвид Камерон не го издржа притисокот и почна да игра по нотите на вториот најмоќен десничар на островот, лидерот на Британската партија за независност Најџел Фараџ, кој на евроизборите лесно ги победи и лабуристите и конзервативците.
Најголемата опасност за иднината на Европа, сепак, не лежи во зголемената поддршка за антиевропските партии туку во нивното влијание на националните политичари. Тие немаат можност да го променат генералниот курс на ЕУ, но можат да станат фактор, фигуративно кажано „страшило“ во европската нива од кое ќе се плашат сите што донесуваат проевропски одлуки во земјите-членки. Сега на шефовите на држави и на влади што ќе се среќаваат во Брисел ќе им биде потешко да промовираат паневропски идеи и проекти знаејќи дека секој нивни чекор ќе биде будно следен од евроскептиците, кои со напади на „еврооптимистите“ можат да ја засилат позицијата на национално ниво.
Не е првпат во Европскиот парламент да влезат неофашисти или радикални националисти, кои промовираат антиевропски политички агенди, ветуваат јавно протерување Роми и други „неевропски“ вредности од нивниот двор. Унгарското Јобик – Движење за подобра Унгарија, партијата на Фараџ и ќерката на некогашниот француски неофашист Жан Мари Лепен со својот Народен фронт со години се дел од европскиот претставнички дом. Тоа што е сега поинакво, а за многумина загрижувачко е тоа што со Лисабонскиот договор Европарламентот има значително променети ингеренции, кои ако еден ден дојдат под контрола на евроскептиците и на радикалните движења, кои сега се во малцинство, можат од темел да ја урнат европската кула. Најзагрижувачки е што од избори во избори расте бројот на партии, чијашто агенда е антиевропска, а се намалуваа бројот на партиите и на лидерите што се безусловно проевропски настроени.
Во согласност со Лисабонскиот договор Европскиот парламент добива поголема моќ како законодавец затоа што сега се јавува како коспонзор на закони во 40 нови подрачја каде што има исти права како и Европскиот совет. Меѓу нив се земјоделство, енергетика, имиграција , ред и внатрешни работи, здравство и структурни фондови. Заедно со советот, ЕП ќе донесува одлуки и за буџетот на ЕУ. Европратениците со новите правила имаат нова улога во односите со другите институции на ЕУ. Отсега резултатите од изборите директно решаваат за изборот на лидерите на ЕУ.
И Македонија меѓу можните жртви на расположението во ЕУ
Политичкиот земјотрес, како што голем дел од влијателните европски медиуми и политичари ги нарекоа резултатите од изборите, може да го почувствуваат земјите-членки, но и земјите-кандидати како Македонија. Еден од првите компромиси што може да ги направат водечките луѓе во Европската комисија е со леснотија да ги спроведат механизмите за повторно воведување визи за земјите од западниот Балкан. Најголем дел од радикалните евроскептици се противат на имигранти или на азиланти од земјите-кандидати и затоа може да се очекува уште на почетокот на работата во новиот состав да биде поставено вакво барање, кое, со оглед на проблемите со невработеноста во еврозоната и на притисокот на национално ниво, големите партии тешко ќе можат да го избегнат без последици по својот национален рејтинг.
Една од првите жртви на изборите за Европарламентот, секако, може да биде и проширувањето, кое и така со години е ставено во втор план како резултат на „заморот“ со кој се правдаат дел од политичките лидери во ЕУ.
ГЕРБ и СИРИЗА станаа најмоќни партии во Бугарија и во Грција
Влезот на радикални елементи од соседна Бугарија и Грција во Европарламентот може да ја промени реториката на бугарските и на грчките екстремистите во Брисел и во Стразбур, но не може значително да ја влоши позицијата на Македонија. Тоа што може како новитет да го гледаме е порадикална сценографија кога ќе се разговара на тема Македонија, при што секое споменување на терминот „Македонија“ и на „македонскиот посебен идентитет“, ќе биде напаѓан од Златна зора и од БНД на Красимир Каракачанов, кои за да го зголемат домашниот рејтинг ќе прават циркуси во Брисел и во Стразбур. Тоа што како индиректен резултат може да донесат овие евроизбори е барање за нови парламентарни избори и во Грција и во Бугарија каде што сега победија опозициските партии ГЕРБ на Бојко Борисов и СИРИЗА на Алексис Ципрас. Ако овие резултати бидат повторени на евентуални национални избори, дури тогаш ќе можеме да видиме дали пораките за поддршка од Борисов, кој во Скопје ги даде на три дена пред последните бугарски избори, биле само маркетинг или цврст политички став. Исто како што ќе можеме да провериме дали конструктивноста на Ципрас во одредени периоди од неговата кариера за македонското прашање била само обичен блеф или вистинска желба да се затвори прашањето.
Не победи секаде екстремната десница
И покрај тоа што акцентот на европските и на светските медиуми, а особено на балканските медиуми беше ставен на влезот на екстремната десница во ЕП, сепак, генерално, во Европа доминантни остануваат народните партии, социјалистите и социјалдемократите и либерал-демократите. Наспроти општиот впечаток, во шест држави политичките трендови се придвижија кон левата опција.
Во Шпанија, покрај Народната партија, одличен резултат остварија и социјалистите, но и младата ПОДЕМОС формирана само пред неколку месеци од луѓето што протестираа во Мадрид во 2011 година. Успех постигна и малата Обединета левица, која освои четири евромандати.
Во Грција, покрај фантастичниот скок од 0,5 проценти за Златна зора во 1999 година, на 9,37 проценти, годинава генерален победник, сепак, е левицата. Покрај победникот СИРИЗА, добар резултат постигнаа и другите левичарски партии, што покажува дека грчкото општество оди кон поларизација со практично исчезнување на политичкиот центар.
Италијанскиот премиер Матео Ренци се смета за главниот „виновник“ за победата на неговата централнолевичарска Демократска партија. И втората најпопуларна партија на овие избори Движењето пет ѕвезди, која ја води екскомедијант, е од групата левичарски партии.
Во Португалија опозициската Социјалистичка партија освои најголем процент од гласовите. Во Словачка гласаа само 13 проценти од граѓаните, а тие, главно, гласаа за владејачката партија СМЕР.
Во Романија убедлива победа однесе владејачката алијанса на Социјалдемократската партија на Виктор Понта со 37,3 проценти од гласовите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.