Припадниците на црногорската полиција и Управата на царината запленија во пристаништето Бар 250 килограми кокаин, чија пазарна вредност се проценува на околу 13 милиони евра, соопшти денеска директорот на Управата на царината во Подгорица Владан Јоковиќ, дополнувајќи дека станува збор за рекордно количество запленета дрога во Црна Гора.
Тој информираше дека дрогата била пронајдена во контејнер со банани. Испраќач била компанија од Еквадор, а примател компанијата „Рапо компани“ од Албанија.
Јоковиќ објасни дека цариниците го прегледувале контејнерот со банани, кој со анализа на ризикот бил одреден за детален преглед. Според него, контајнерот бил скениран, по што припадниците на Одделот за сузбивање на криумчарењето го отвориле, притоа користејќи и специјализиран алат за откривање наркотици. На дното на контејнерот пронајден е специјално изработен бункер, со 223 пакувања кокаин.
– Според првите мерења, станува збор за количина од околу 250 килограми кокаин, чија пазарна вредност, според слободните проценки, изнесува близу 13 милиони евра – изјави Јоковиќ пред новинарите.
Управата на Царината за сето ова ја известила Управата на полицијата, која заедно со Обвинителството презема натамошни мерки и дејствија во рамки на својата надлежност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.