| четврток, 6 декември 2018 |

Сивата економија ќе се намали преку подобрување на деловната клима

siva_ek

Сивата економија во Македонија, која според надлежните институции изнесува околу 20 проценти, споредено со дугите држави од регионот, е сведена на прифатливо ниво. Најзастапена е во трговијата, по која се индустријата, земјоделството, туризмот и градежништвото. За натамошно намалување клучни се деловната клима и создавањето доверба на приватниот сектор и на граѓаните во администрацијата и даночниот систем.

Тоа се дел од укажувањата изнесени на денешната конференција на тема „Соочување со скриената економија: засилување на јавно-приватниот дијалог“ во организација на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП).

Според професорот Томе Неновски,  во Македонија  по растечкото ниво на сивата економија во претходната декада од околу 50  проценти, од средината на минатата  деценија се намалува како резултат на повеќе мерки од надлежните институции. Намалувањето на сегашните 20 проценти, смета Неновски, се должи на подобрената деловна клима, првенствено во областа на  даночната политика, фискализацијата, гилотињата во администрацијата, брзината на отворање  бизнис.

– Во изминатите седум-осум години неформалната економија е сведена на прифатливо и натпросечно ниво. Просечното ниво во европските  земји се движи од 12 до 15 проценти. Во Косово имаме висока стапка на сива економија, од 50 проценти, Грција,  можеби, е со рекорд  во европската монетарна унија, а во Бугарија со околу 40 проценти, е исто така некаде во врвот на сивата економија во рамки на ЕУ – наведе Неновски.

Во следниот период, укажа, е потребно натамошно подобрување на деловната клима и зацврстување на  веќе воспоставениот здрав однос меѓу  јавниот и приватниот сектор, во смисла  приватниот сектор се повеќе да му верува на јавниот сектор, административните бариери да се сведат на  што е можно помало ниво, да се продолжи со кампањата за тоа што значи сивата економија со сите негативни последици и да се укаже на населението  дека даночниот систем е стабилен и треба да му се верува.

Според Љубомир Мишков од Универзитетот „Шефилд“, феноменот на сивата економија не треба да се потценува од креаторите на политиките во државите.

– Карактеристично за европскиот пристап при соочувањето со сивата економија е што има поголем фокус на потиснувачки мерки, отколку на стимулирачки за официјализирање на бизнисите и непријавената работа – рече Мишков.

Треба да се има предвид, посочи, фактот дека сивата  економија е еден од инкубаторите за создавање  претприемачи затoа што голем дел од легалните бизнисмени ја почнале својата работа како дел од таа економија.

– Токму затоа се потребни стимулирачки мерки бидејќи третирањето со многу рестриктивни мерки може да се одрази на нивото на претприемништвото – укажа Мишков.

Според Јеромир Левичек, раководител на оддел за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ во Скопје, скриената економија е феномен што постои во секоја земја и генерално се смета како индикатор за лошо  економско управување  и структурални проблеми.

– Според некои проценки големината на скриeната економија на Балканот е над 30 проценти од БДП. Овие високи нивоа на неформалност нормално дека го попречуваат процесот на приклучување кон европските економии и создава маргинализирани групи на  популацијата. ЕК  во својот Извештај за напредок на Македонија забележа дека неформалната економија останува да биде предизвик и оти е постигнат ограничен напредок во делот на справување со неформалниот сектор. Свесни сме дека претставниците на јавната власт се свесни за овој проблем и имаат волја  да се справат со ова прашање – рече Левичек.

Проектот за мониторирање на скриената економија во Македонија, ЦИКП го спроведува заедно со Центарот за развој на демократијата од Република Бугарија, со поддршка на програмата ЕИДХР на Европската комисија. Во рамки на проектот е изработена збирка трудови од најдобри практики за следење на скриената економија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top