| четврток, 6 декември 2018 |

Морнарскиот стил e секогаш во мода

Главна инспирација за стилот се морските мотиви, а e идеален за тие што го сакаат класичниот стил на облекување, а со него никогаш нема да погрешите

Atraktivno90-1

Морнарскиот стил никогаш не излегува од мода, посебно напролет и во лет. Неговата препознатливост е во боите – основата е бела боја во комбинација со сина или, пак, црвена, а доминираат линиите во хоризонтала или во вертикала.

Главна инспирација се морските мотиви, а е идеален за тие што го сакаат класичниот стил на облекување, а со него никогаш нема да погрешите. Одлично изгледа во исклучително спортска комбинација, но и во умерена елегантна варијанта. Овој стил лесно се обновува и без големи вложувања во нови парчиња облека. Без проблем маичката во линии во морнарски стил од предминатата сезона може да ја комбинирате со нови бели или сини панталони. Белата лелеава блуза или кошула ќе одговараат со темносино здолниште или со панталони, како и со црвени варијанти.

Морнарскиот стил може да се долови дури и со еден детаљ, како чанта, шапка, колан или мокасини. Накитот инспириран од морето и од морнарите, исто така, е добредојден.

Atraktivno90-3

Модните куќи за оваа сезона лансираа нова колекција, која ја опишуваат како морнарски тренд со пресврт.

Хоризонталните линии и цврстиот материјал се основната идеја. Доминира класичниот стил, а од боите темносина, црвена и бела, со додатоци на зелена.

Морнарскиот тренд се враќа, но дизајнерите постојано го прават оригинален и свеж.
Фармерки со морнарски линии, заедно со маица жолта како лимон се одличен избор за летните денови.

Класичните темносини пантолони може да ги освежите со еден добар џемпер во морнарски стил, кој има интересен брош на реверот. Одлична чанта е полн погодок за деловен изглед.

За да бидете во тренд облечете долго здолниште и куса маица во морнарски стил.

Atraktivno90-2

За младешки изглед, кусите пантолони се совршено парче гардероба ако сакате да ги истакнете убавите нозе. Со интересна маица и накит, вака може и да излезете во вечерна прошетка.

За на плажа и за отпуштена прошетка – памучна маица со сино-бели линии, летен и лесен фустан во истите бои, комбинација од морнарска маица и сини куси панталони, марама како додаток на деколтето…

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 90. број на неделникот „Република“, 23.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top