| четврток, 6 декември 2018 |

ЕБРД продаде дел од акциите во ТТК Банка

ttk
Во блок-трансакција на Македонската берза денеска се продадоа 3,4 отсто од основната главнина на ТТК Банка, соопштија од банката. Продадени се 31.339 акции по цена од 698 денари за акција, во вкупна вредност од 21,9 милиони денари (356 илјади евра).

Како продавач на акциите се јавува Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), која уште лани најави дека ќе се повлече од акционерската структура на банката.

– Со оваа трансакција ЕБРД која е акционерот со квалификувано учество во ТТК Банка, го намали своето  учество за 3,45 отсто односно од 22,35 отсто на 18,90 отсто од акционерскиот капитал на ТТК Банка – стои во соопштението.

ТТК има издадено вкупно 907.888 акции, а најголеми акционери во Банката се текстилниот комбинат „Тетекс“ со 42,56 отсто и ЕБРД која има 22,35 отсто од акциите.

ЕБРД ја докапитализираше ТТК банка во 2007 година со 3,7 милиони евра со што се стекна со четвртина од капиталот на банката.

ТТК банка беше формирана во јули 2006 година со спојување на Тетекс кредитна банка и Тетовска банка и денес спаѓа во групата на средни банки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top