| четврток, 6 декември 2018 |

Потпишан меморандумот за проектот „Спортски бон-тон“

Нашите деца треба да спортуваат, да растат и да живеат заедно. Тоа е суштината на македонскиот модел на соживот и почитување што се пренесува од предците на потомците, од родителите на децата и од наставниците на учениците, истакна претседателот Ѓорге Иванов по потпишувањето на меморандумот за соработка за
спроведување на проектот „Спортски бон-тон“.

Sportski bon ton 03 (Custom)

Меморандумот за соработка денеска го потпишаа Здружението за развојни иницијативи – Геостратешки институт „Глобал“–Скопје и градоначалниците на општините Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село, Охрид и на Свети Николе, вклучени во проектот.

Sportski bon ton 04 (Custom)

Претседателот Иванов, кој е и покровител на проектот, посочи дека спортот заедно со семејството и училиштето е третиот столб на образованието на децата.

– Спортот има моќ да зближува, да поврзува и да интегрира, да ги брише етничките, јазичните, религиските и социјалните разлики. Разбран погрешно, спортот може да се претвори во борбено поле на меѓусебни навреди и омаловажување од кое сите заминуваат поразени, вклучително и спортот. Најдобра спортска победа, како што додаде, е онаа добиената преку фер игра. Единствено вредна победа е онаа во која нема поразени. Проектот „Спортски бон-тон“ има за цел да им овозможи на децата да ја постигнат и највредната спортска победа, во која има два победника – младите и Македонија –  рече Иванов.

Sportski bon ton 06 (Custom)

Иван Анастасовски од Здружението за развојни иницијативи-Геостратешки институт „Глобал“ – Скопје истакна дека целта на проектот Традиционални спортски игри „Спортски бон-тон“ е промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.

– Проектот Традиционални спортски игри „Спортски бон-тон“ ќе биде македонска препознатлива приказна која ние ќе ја пласираме во европски рамки – додаде Анастасовски, чие Здружение е иницијатор за реализирање на проектот.
Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс истакна дека добриот спортски однос, дружењето, соработката и тимската работа никогаш не излегуваат од мода.

Sportski bon ton 02 (Custom)

 

– Тие се основите на кои се надградуваат победничките тимови и успешните заедници ширум светот. Укажувајќи
им ја важноста на овие вредности на македонските деца и подеднакво важно моделирајќи ги овие вредности за нив проектот „Спортски бон-тон“ ќе придонесе за посилна и пообединета Македонија. За доброто на сите нејзини граќани, нагласи амбасадорот Волерс.

Sportski bon ton 05 (Custom)

Проектот „Спортски бон-тон“, кој се одржува трета година по ред, е поддржан од Амбасадата на САД и има за цел да влијае за надминување на стереотипите и предрасудите, и суштински да придонесе за градење на духот на толеранција, заедништво и почитување кај младите во Република Македонија.

Sportski bon ton 01 (Custom)

 

Фото: Игор Ангеловски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top