| четврток, 6 декември 2018 |

Почна истражувањето на пештерната црква и на параклисот во „Св. Преображение“, Зрзе

пестера

Со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, Институтот за старословенска култура од Прилеп почна со истражувања со цел да се добијат продлабочени познавања за значењето, хронологијата
и програмските решенија на фрескодекорацијата на пештерната црква и на параклисот во монашката населба на локалитетот „Св. Преображение“ – Зрзе.
Активностите во рамките на овој проект предвидуваат документирање и хемиска анализа на малтерот и на сликарските бои врз фрагментите од фрескодекорацијата, по што ќе биде направена компаративна анализа
со сликарството од манастирската црква „Св. Преображение“ и мирската црква „Св. Никола“. На овој начин ќе се создадат услови да се определи хронологијата на сликарството, да се утврди неговото потекло, по што ќе се направи графичка и дигитална реконструкција на дел од програмата на живописот на пештерната црква и на параклисот.

истразување
Со ваквите истражувања, ќе се понудат продлабочени познавања за животот, карактерот и за другите аспекти на монашката населба и на културниот комплекс „Св. Преображение“ – Зрзе, а преку хемиските анализи и конкретните идејни решенија ќе се овозможи конзервација, реставрација и презентација на овие фрагменти како следен чекор за нивна заштита. Сликаниот ансамбл на манастирската црква „Св. Преображение“ и на мирската црква „Св. Никола“ – с. Зрзе е производ на повеќе сликарски целини, кои настанале во различни хронолошки периоди и кои сведочат за богатото културно минато на овој регион. По своето историско и ликовно значење се истакнуваат фреските кои настанале во втората половина на XIV век, сликарството на мајсторот Онуфриј, околу 1535 година, и програмата нa тремот на манастирската црква коja била насликана во првата половина на XVII век.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top