| четврток, 6 декември 2018 |

Кер Линдзи: Грција непотребно зазема остар став за името

Морам да кажам дека сум доста разочаран од начинот на кој Атина го блокира почнувањето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Често велам дека ако Грција продолжи да ја блокира Македонија да влезе во ЕУ (или НАТО) без конечно решавање на името, Атина барем треба да го дозволи почнувањето на преговорите за членство со ЕУ. Но, наместо тоа, таа зазема непотребно остар став за којшто верувам дека повеќето стручњаци сметаат дека им нанесува штета на сите

Intervju90-James-Ker-Lindsay-1

Луѓето се уморни од конфликти. За луѓето сега е најважен економскиот развој. Токму економскиот развој е тој што ќе придонесе најмногу за намалување на ризикот од повторна појава на насилство – вели Џејмс Кер Линдзи, британскиот експерт за меѓународни односи. Според него на сите стручњаци им е јасно дека решавањето на проблемот со името трае предолго. Но, тешко е да се согледа која нова рамка би можела да се воведе.

Дали Европската унија би сакала да ја преземе улогата на посредник? Да претпоставиме дека ќе сака. Но, дали македонската влада треба да се радува на тоа? Дали народот во Македонија ќе ѝ верува на ЕУ како неутрален актер во ситуација каде што ќе посредува меѓу нејзина земја-членка и земја која не е нејзина членка? Да речеме дека тоа е прифатливо, јас не мислам дека тоа е сосема невозможно, иако се чини дека не е веројатно да се случи – коментира тој.

 

Какви се изгледите на Западен Балкан, дали е очигледно дека ЕУ и НАТО не се многу заинтересирани за напредок на ситуацијата во регионов? Или, можеби, грешам?
Кер Линдзи: Што се однесува до Европската унија, несомнено е дека важноста на прашањето за проширување опадна во изминатите неколку години. Тоа, најверојатно, се должи на економската криза со која се соочува ЕУ, која е во фокусот на политичкото внимание. Во таа насока, имиграцијата стана многу поважна тема. Ова предизвика стравувања од можни импликации од проширувањето. По пристапувањето на Бугарија и на Романија кон ЕУ, се зголеми загриженоста за примање земји што не се подготвени за членство. Сега ЕУ е многу построга во поглед на осигурување дека новите членки ги исполнуваат барањата за членство. Целокупната клима за кандидатите е многу построга. Меѓутоа, не мислам дека ЕУ го сврти грбот на процесот на проширување. Мислењето на многу високи функционери е дека прашањето на Западен Балкан не е ширење на ЕУ, туку нејзино комплетирање. Овие земји се сметаат како држави што треба да бидат дел од Унијата. Значи, ќе кажам дека ЕУ, дефинитивно, сè уште е заинтересирана за проширување, дури и ако навидум е намален некогашниот ентузијазам за прифаќање нови членки.

И по две децении од Дејтонскиот договор, се чини дека регионов е далеку од стабилен. БиХ, Косово и Македонија сè уште важат за жаришта каде што, покрај националистичките, има и многу други проблеми, што е основа за многу радикални движења.
Кер Линдзи: Мислам дека сликата е многу измешана. Јасни се загрижувањата за овие три земји. Меѓутоа, постои голем оптимизам дека ситуацијата во Косово е разрешена. Дијалогот меѓу Белград и Приштина, под покровителство на ЕУ, даде импресивни резултати. Иако има уште многу да се направи, многу набљудувачи го делат мислењето дека Косово веќе не претставува толкава закана како порано. Што се однесува до Македонија, се разбира дека постои загриженост за повторна појава на тензии. Неуспехот за почнување пристапни преговори се смета за потенцијален извор за загриженост. Меѓутоа, БиХ претставува најголем проблем од овие три земји. Оваа загриженост често се споменува од властите на ЕУ. Иако малкумина мислат дека насилството ќе се повтори, државата очигледно е нефункционална. Како што стојат работите, има големи изгледи за БиХ да заостане од другите земји во регионот на патот кон членство во ЕУ.

Приказната за големи земји на Балканот постои со векови. Што мислите за таа опција во денешно време? Минатата недела водачот на Исламската верска заедница во Македонија индиректно промовира една таква мапа на својот профил на „Фејсбук“. Проблемов беше споменат од страна на неколку високи функционери во Албанија, Косово и во Македонија. Кој може да ги запре таквите идеи доколку еден ден станат основа на политичка агенда?
Кер Линдзи: Прашањето за границите нема да исчезне туку-така. Очигледно има многу личности во регионов што би сакале промена на границите. Меѓутоа, постои огромен меѓународен отпор за тоа. Погледнете ги само приговорите за отцепувањето на Косово или за тоа дека Република Српска би можела да се оддели од БИХ. Доколку отцепувањето на една територија не е во согласност со сите засегнати земји, што не се чини дека е реална опција, јас едноставно не гледам можност за сепаратистичките групи да остварат напредок во идеите за Голема Србија, Голема Албанија, Голема Хрватска, Голема Босна итн. Ќе им биде нагласено дека не можат да побегнат. Вниманието на меѓународната заедница ќе биде насочено кон автономни формации кои оставаат простор етничките заедници сами да одлучуваат за своите прашања. Бевме сведоци на ова во БиХ во 1995 година, во Македонија во 2001 година и сега во Косово.

БиХ неодамна нè потсети дека ситуацијата е многу поделикатна отколку што мислевме. Дали некој се грижи за опасноста од повторување на крвопролевањето од времето на Југославија?
Кер Линдзи: Секогаш постои можност за тоа. Никогаш не вели никогаш. Сепак, мислам дека нема општа загриженост за повторна појава на војна во регионот. Луѓето се уморни од конфликти. За луѓето сега е најважен економскиот развој. Токму економскиот развој е тој што ќе придонесе најмногу за намалување на ризикот од повторна појава на насилство.

Можеби не во таа мера како Украина, но Србија е уште еден пример каде што се судираат интересите на Истокот и на Западот. Белград зборува за членство во ЕУ, а заборава дека треба да се потруди многу за членство во НАТО. Русија, во меѓувреме, отвори свој Центар за хуманитарни акции, кој, според многумина, е руски безбедносен и разузнавачки пункт на Балканот. А, да не ги споменувам руските инвестиции во енергетскиот сектор…
Кер Линдзи: Србија во моментов е целосно посветена на членство во ЕУ. Тоа е очигледно според начинот на кој се справува со косовското прашање во изминатите неколку години. Меѓутоа, подеднакво е јасно дека Србија сака да ги зачува и добрите работни односи со Русија. Освен постојните историски и културни врски, на Белград му е неопходна поддршката од Москва во Советот за безбедност на ОН сè до решавањето на прашањето за Косово. Неодамнешните случувања, очигледно, го отежнуваат одржувањето добри работни односи меѓу ЕУ и Русија. Но, и покрај тоа, Белград се труди да заземе неутрална позиција. Дискутабилно е дали таа стратегија е изводлива на долгорочен план. Србија може да се најде во многу тешка ситуација. Меѓутоа, мислам дека повеќето Срби се свесни и веруваат дека нивната иднина е во ЕУ.

Што се однесува до НАТО, не мислам дека Србија заборавила на тоа. Мислам дека се работи за незаинтересираност за членство во НАТО во моментов. Сосема разбирливо по случувањата при крајот на 90-тите години. Сепак, сметам дека тоа прашање не е исклучено и дека Србија ќе одлучи да се приклучи кон НАТО. Таа веќе е членка на Партнерството за мир, а српските вооружени сили имаат блиска соработка со вооружените сили на НАТО и на земјите-членки. Сепак, ја гледам Србија како дел од НАТО.

Во поглед на односот на Москва кон Украина (Крим), генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во неделата ги спомена Повелбата и принципите на ОН. Зошто НАТО никогаш претходно не се изрази на ист начин, на пример во случајот кога 15 судии од Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесоа одлука дека Грција ги прекрши правилата на НАТО и Привремената спогодба со Македонија? Зошто постојат двојни стандарди за Македонија знаејќи дека НАТО не ја прифати одлуката на Меѓународниот суд на правдата, кој е орган на ОН?
Кер Линдзи: Очигледно, постојат суштински прашања за одлуката на Грција да ја игнорира одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Меѓутоа, важно е да се сфати дека НАТО е сојуз на суверени држави. Секоја држава има право на вето за земја што сака да стане членка. Грција со тоа ја прекрши спогодбата со Македонија. Меѓутоа, мора да биде јасно дека Грција има потполно право на вето за земја-кандидат од која било причина. Истото се однесува и на Европската унија. Мислам дека е важно македонскиот народ да го сфати тоа. Многупати добивам впечаток дека Македонците мислат оти ЕУ и НАТО едноставно можат да ја заобиколат Грција доколку сакаат и дека единствената причина поради која не го прават тоа е бидејќи, наводно, се согласуваат со Грција на некој начин. Воопшто не се работи за такво нешто. Грција има право да блокира, а правилата на сојузот гласат дека другите членки мора да го почитуваат тоа, дури и да не им се допаѓа. Всушност, сето тоа значи дека мора да се постигне договор со Атина.

Очигледно е дека нема изгледи за брзо решавање на проблемот со името меѓу Македонија и Грција. Кои други сценарија би можеле да се разгледуваат на среднорочен план, освен неуспешните преговори на ОН? Дали треба да чекаме уште 20 години или, можеби, еден ден некоја нова администрација на САД или на Германија ќе почне со булдожер-дипломатија?
Кер Линдзи: На сите стручњаци им е јасно дека решавањето на проблемот со името трае предолго. Но, тешко е да се согледа која нова рамка би можела да се воведе. Дали Европската унија би сакала да ја преземе улогата на посредник? Да претпоставиме дека ќе сака. Но, дали македонската влада треба да се радува на тоа? Дали народот во Македонија ќе ѝ верува на ЕУ како неутрален актер во ситуација каде што ќе посредува меѓу нејзина земја-членка и земја која не е нејзина членка? Да речеме дека тоа е прифатливо, јас не мислам дека тоа е сосема невозможно, иако се чини дека не е веројатно да се случи.

А, што се однесува до булдожер-пристапот, не сум сигурен што би се добило преку тој метод. Мислам дека Грција нема да го смени ставот преку закани и други крајности. Всушност, тоа би можело да ја отежни ситуацијата со преговорите со Грција. Но, исто така, за жал, мислам дека ни поблаг пристап не би ја средил ситуацијата во моментов. На крај, целокупната слика е жива депресија. Малкумина гледаат излез од проблемот без голем знак на добра волја од една или од двете страни.

Магичниот круг во кој се врти Македонија сè уште е тука, без решавање на името таа не може да влезе во НАТО и во ЕУ, без членство во ЕУ нема економски просперитет, со лоша економска ситуација нема социјална кохезија итн.
Кер Линдзи: Апсолутно се согласувам. Ситуацијата е ужасна. Морам да кажам дека сум доста разочаран од начинот на кој Атина го блокира почнувањето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Сметам дека тоа е сосема контрапродуктивно. Често велам дека ако Грција продолжи да ја блокира Македонија да влезе во ЕУ (или НАТО) без конечно решавање на името, Атина барем треба да го дозволи почнувањето на преговорите за членство со ЕУ. Но, наместо тоа, таа зазема непотребно остар став за којшто верувам дека повеќето стручњаци сметаат дека им нанесува штета на сите.

Верувам дека не е само пристрасен заклучок ако речам дека Владата на Грција не сака да преговара. Премиерот Андонис Самарас не сака да се сретне со колегата Никола Груевски, веројатно за да во очите на грчките националисти не излезе дека попушта. Што да се прави кога една од страните ја злоупотребува позицијата како членка на ЕУ и на НАТО и ја блокира Македонија од свои причини.
Кер Линдзи: За повеќето однадвор, навистина, звучи неверојатно тоа што проблемот сѐ уште не е решен. Без да се потценува важноста на проблемот со името за луѓето во Грција и во Македонија, навистина е невообичаено тоа што Србија и Косово разговараат меѓу себе и постигнуваат доста важни договори, а Атина и Скопје, пак, не.

Искрено, мислам дека двете страни носат дел од вината за моменталната ситуација. И Македонија и Грција заземаат ставови што мислам дека го отежнуваат постигнувањето решение за името. На пример, јас едноставно не прифаќам Македонија да има две официјални имиња. Тоа би создало секаков вид легални проблеми и неправилности. Не постои земја во светот со две официјални имиња. Доколку се постигне договор, тогаш новото име ќе мора да се употребува во сите случаи (иако, секако, ништо не може да ги спречи луѓето да го користат името Македонија како кратенка, исто како што Хеленската Република е општо позната како Грција). Аргументирањето дека не е лесно да се промени име, не е вистинито. Се случува. Од друга страна, пак, јас сум наклонет кон македонскиот поглед кон употребата на придавки. Ако името на државата мора да се смени, тогаш Грција треба да покаже малку добра волја и да дозволи барем јазикот да биде познат како македонски јазик.

Уште колку може да потрае оваа лажна солидарност. Сѐ уште не е познато зошто германската канцеларка, Ангела Меркел, одеднаш побара да се види со посредникот Метју Нимиц пред неколку месеци. Дали верувате дека македонските аргументи и исполнетите критериуми за членство еден ден може да бидат посилни од традиционалното партнерство меѓу стратегискиот сојузник на ЕУ?
Кер Линдзи: Секоја земја си има сопствени национални интереси кои ги брани најдобро што може. Во случајот со Грција, тоа го прави со блокирање на процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ. Жално е и контрапродуктивно, но другите земји не можат да направат ништо за да го избегнат ветото. Солидарноста игра мала улога во тоа. Ова е само начинот на кој функционираат правилата во Унијата.

Во меѓувреме, Македонија мора да продолжи со реформите најдобро што може. Важно е да не заостанува, туку да оди напред. Има многу работи кои државата може и треба да ги направи во врска со подготовката за преговори, во случај Грција ненадејно да одлучи да го смени ставот и да дозволи да почнат преговорите за членство. Колку повеќе работа ќе се сработи сега, толку побрзо ќе се одвиваат преговорите кога ќе почнат. Дури и ако преговорите не почнат, повеќето од реформите што се потребни за пристап кон ЕУ се, всушност, добри за државата. Затоа, јас ја храбрам државата да си го продолжи патот кон ЕУ.

Дали можеме да очекуваме од политичкиот лидер Андонис Самарас, кој еднаш јавно изјави (на една грчка национална телевизија во 2009) дека Грција треба да чека да се распадне Македонија поради меѓуетничкиот конфликт, еден ден да разговара за спорот со името?
Кер Линдзи: Добро го разбирам сомневањето што луѓето го имаат за премиерот Самарас, со оглед на неговото минато. Но, исто така, вреди да се запомни дека често токму луѓето што играле клучна улога во создавањето извесен проблем се тие што можат да го решат тој проблем. Постојат многу примери за тоа. Можеби најјасен пример од Балканот е актуелниот дијалог меѓу Хашим Тачи и Ивица Дачиќ. И двајцата беа главни личности во конфликтот во 90-тите години на минатиот век, а, сепак, и двајцата играат важна улога во обидот да изградат нова врска меѓу Србите и Албанците. Да, постојат дури и дискусии за нивната номинација за Нобелова награда за нивните напори. Тоа не значи дека премиерот Самарас веднаш ќе предложи решение за спорот со името. Но, и покрај тоа, важно е да се задржи отворен ум и да се запомни дека обично јастребите се тие што се во подобра позиција да донесат мир отколку гулабите.

Постојат неколку сценарија за земјите што се наоѓаат на европскиот континент, кои поради некои причини не можат да станат полноправни членки на ЕУ во текот на следната декада. Едно од нив вели дека постои план за посебен „статус на партнерство“ наменет за земјите што поради економски, безбедносни и други проблеми, каков што е спорот со името, ќе бидат дел од едно вакво сценарио. Колку е тоа остварливо?
Кер Линдзи: Лично не го гледам тоа како особено добра опција за Македонија. Идејата за привилегирано партнерство, навистина, беше дискутирана, но се однесуваше на Турција (и можеби Обединетото Кралство доколку одлучи да ја остави Европската унија). Но, тоа е навистина погодно за земји што имаат важна стратегиска улога во Европа и имаат извесна моќ околу формирањето на политиката на ЕУ. Беше предложена и друга опција, Македонија да ги следи стапките на Швајцарија и на Норвешка. Но, тоа навистина не е соодветен модел. Овие земји просперираат поради други фактори, како, на пример, во случајот со Норвешка, нафтеното богатство. А, сепак, многу луѓе и во двете држави веднаш би одговориле дека нивниот однос со ЕУ е далеку од идеален. Тие мора да плаќаат за да можат да имаат придобивки од еден маркет, а во исто време и да ги следат правилата што ги налага ЕУ. А, тие дури и немаат никакво влијание врз подготвувањето на тие правила. На крај, знам дека има луѓе што велат дека Македонија треба да ја заборави ЕУ и да се фокусира на други велесили, како Русија, Кина и Индија. Но, тоа едноставно не е изводливо. Дали Македонија, навистина, треба да очекува да биде некаков вид остров во југоисточна Европа и да се залага за односи со далечни делови од светот, додека сите други околни земји се залагаат за членство во ЕУ? Едноставно, не ми изгледа реално тоа.

 

Разговараше: Горан Момироски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со експертот за меѓународни односи, Џејмс Кер Линдзи, е објавено во 90. број на неделникот Република, 23.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top