Шест ноќи и шест дена нема ниту трага ниту глас од рибарот кој исчезна на Козјак. Семејството Котески од Скопје, коа моли за помош, е скршено од тага и болка, откако рибарот Стеван исчезна во неделата додека пловел со чамецот по езерото.
51-годишниот скопјанец се уживал во риболовот цели 30 години. Неговата сопруга Ленче нагласува дека еден ден пред да замине на Козјак, Стево бил малку нервозен оти во Скопје врнело и грмело, а неговиот син и пријателот биле на езерото на риба, па им се јавил и им најавил дека следниот ден и тој ќе дојде да им се придружи.
– Околу 2.30 часот пристигнал на браната и ги почнал подготовките. Ги внел сите рибарски алатки во чамецот, ја ставил капата на глава и тргнал. Никогаш на риба не заминал без капа. На само пет минути пловидба со чамецот од местото каде што беше нашиот син, исчезна. Во чамецот останало сè што носеше, дури и отвореното шише со сок. Полицајците ни рекоа дека ако се удавил во езерото први ќе испливаат капата или цигарите што ги имаше. Но, веќе шест дена минаа, а од него ниту трага ниту глас. Не знам што се случува и зошто уште ништо не знаеме за Стево. Вчера полициските нуркачи проверувале до длабочина од седум метри, а подлабоко од тоа не се гледало – вели сопругата на Котески за „Плусинфо“.
Семејството моли за помош и апелира сите што ќе го видат Стеван да ја известат полицијата. Тој е висок 165 сантриметри, има бела брада и мустаќи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


