| четврток, 6 декември 2018 |

Пожарникарот од Косел го скроти и вулканот Етна

По успешното справување со вулканот кај охридско Косел, пожарникарот Мирче од Охрид вчера со чартер лет отпатува на Сицилија на барање на италијанските служби за цивилна заштита. Според информациите од терен, Мирче за само неколку часа успеал да го скроти и вулканот Етна кој во последните години често пати еруптираше и предизвикуваше големи проблеми на локалното население.

Мирче, кој преку ноќ стекна светска слава и го доби прекарот fireman Sam (затоа што сам се справува со вулканите) за светски познатите медиуми Си Ен Ен, Би Би Си и Ал Џезеира открива во што е неговата тајна.

– Сулфурот што гореше во Косел го угасив со расолницата на дедо ми. Тоа е стар рецепт за справување со вулкани од тој тип, а ми го остави мојот дедо во наследство. Јас сум десетта генерација во моето семејство кое го одржуваме вулканот мирен. Секоја година во октомври ставаме кисела зелка, а во мај кога се буди вулканот, односно кога се пали сулфурот, јас го гасам со расолницата што ќе остане од зимницата. Не се сметам за херој затоа што тоа би го направил секој домаќин и добар пожарникар, скромно раскажува Мирче.

Откако веста за импресивниот потег на охридскиот пожарникар ја откри неговиот командант од противпожарната бригада и за миг се прошири ширум светот, телефонскиот број 193 непрекинато ѕвони со барања од сите страни на земјината топка за негово ангажирање. Први имаа среќа да добијат слободна линија италијанските власти кои бараа помош за гаснење на пепелта што ја исфрла Етна. Пожарникарот воопшто не се двоумеше да го прифати повикот за помош и веднаш замина со чартер лет од охридскиот аеродром. На пат за Сицилија со себе понесе 100 литри смрдлива вода специјално наточена од изворите на минерална вода во близина на Гевгелија за гасење на пепелта. Резултатот бил видлив за само неколку часа, вулканот престанал да исфрла пепел, но Мирче наместо назад во Охрид, продолжил во Мексико од каде што дошол следниот повик. Таму тој ќе треба да се справи со еден од најактивните вулкани во светот Попокатепетл. Какво тајно оружје ќе искористи популарниот fireman Sam се уште не се знае, но очекуваме во текот на денот да добиеме информација дека и таму успешно е завршена работата.

Во меѓувреме исландските власти му испратиле понуда за работа на пожарникарот Мирче со работна виза на неопределено време. Властите во Рејкјавик сакаат да го ангажираат како супервизор на противпожарните служби во земјата која има повеќе од 140 вулкани од кои 26 се активни.

Калимеро

***  Целта на „Калимеро“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со правите луѓе и институции е случајна.  

Калимеро

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top