| четврток, 6 декември 2018 |

Бакрачески: Населението не е загрозено, не е првпат да се шират дезинформации

nikola bakraceski

Нема место за паника кај населението, ниту пак е загрозена човековата околина од вулканот во Косел. Со претпазливост се следат настаните поврзани со Охрид, не е првпат да се шират дезинфомрации – изјави градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески за време на неговото гостување во вестите на Сител телевизија.

– Ние како одговорна локална власт бевме задолжени да прибереме секакви релевантни информации од релевантните институции во Република Македонија, како што е Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, како и Институтот за земјотресно инжењерство и сеизмологија, од каде ги потврдија нашите претпоставки дека не се работи за ништо невообичаено, туку се работи за една вообичаена поствулканска појава којашто неретко се случува на ова место, рече градоначалникот Бакрачески.

Според надлежните лица, како што истакна Бакрачески, излегувањето на поголемо количество гас од вулканот, настанало поради запушување на постоечките пукнатини од градежниот отпад којшто несовесните граѓани го депонираат во близина на Косел.

– Во програмата за заштита на животната средина за оваа година предвидуваме мерки со кои сакаме да го промовираме ова место како туристичка атракција, и за таа цел неколкупати беше чистен градежниот смет и другиот отпад што постоеше тука, беа поставени информативни табли и патокази и на македонски и на англиски јазик,, истакна Бакрачески.

Додаде дека очекува во иднина ова место да биде своевидна туристичка атракција, која ќе биде интересна за гостите кои што ќе го посетуваат Охрид.

Бакрачески апелираше до медиумите и новинарите да бидат прецизни и коректни во известувањето од овие случувања, бидејќи како што нагласи, и минатата година пред почетокот на туристичката сезона имало слични дезинформации кои и наштетуваат на туристичката сезона во Охрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top