| четврток, 6 декември 2018 |

Боцевски: СДСМ ќе биде пресреќен ако бојкотот ѝ наштети на Македонија

Ivica-Bocevski-1

СДСМ во моментов се изгубени во вселената. Потегот што го направија со бојкотот на Собранието очигледно апсолутно никого не возбудува. Институциите си функционираат непречено, политичкиот живот си тече, а СДСМ никаде го нема, односно оваа партија се повеќе и повеќе бледее зад хоризонтот.

Ваков е ставот на аналитичарот Ивица Боцевски откако СДСМ вчера одлучи да поднесе оставки за освоените пратенички мандати и следните четири години да дејствува надвор од институциите.

-Тие во моментов се надеваат дека нивниот бојкот ќе наиде на разбирање кај граѓаните, од една страна, како и дека ќе предизвика сериозно странско замешателство, од друга страна. Меѓутоа, во моментов, како и секогаш по изборите, целокупната политичка енергија е истрошена, изборите беа момент на катарза и сосема јасно определија какво е расположението на народот. Доколку имаше, макар и минимални, нерегуларности или фалсификати досега ќе имаше протести, блокади и сериозни проблеми за власта. Затоа што Македонија имаше едни од најчистите, фер и демократски, избори во историјата, јасно е секому дека резултатите прецизно ја отсликаа волјата на граѓаните, па затоа никој посебно не се потресува околу одлуките на СДСМ за бојкот, истакна Боцевски за Курир.

Втората линија на дејство на СДСМ е насочена кон меѓународната заедница.

-Тие посакуваат интернационализација на кризата, странско замешателство, туѓи посредници, па дури деновиве прочитавме и дека сакале некаков политички Рамковен договор со опозицијата?!? Тоа јасно кажува дека оваа партија не може да се носи со плурализмот, демократијата и политичкиот натпревар. Тие себеси не може поинаку да се замислат, освен како партија на власт. Нејсе, тие ќе бидат пресреќни доколку нивниот бојкот и наштети на Македонија на меѓународен план, па нивното безумие стане дел од некакви извештаи, а секако дека би биле пресреќни доколку се разнишаат позициите на Македонија во однос на поканата за НАТО или препораката за преговори. Тоа најубаво кажува каков е односот на овие луѓе кон својата држава и колкав е нивниот патриотизам, кога се подготвени и државата, нејзините перспективи и нејзините стратегиски долгорочни проекти да ги стават на коцка само за да дојдат до власт! Засега не гледам дека овие нивни потези наидуваат на разбирање кај било кого, а институциите на ЕУ, по овој изборен земјотрес, уште долго ќе се консолидираат, посебно имајќи го предвид фактот дека ЕУ треба да ги пополни сите политички функции. Во такви услови тешко дека било кој ќе се занимава со Македонија, а уште помалку со неразумните потези на СДСМ, истакна Боцевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top