Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста и спречување службено лице во вршење службено дејство, полициската станица од Струга против лицето З.Ѓ.(38) од струшкото село Велешта, поднесе кривична пријава.
-На 27-ми мај оваа година, пријавениот манифестирал агресивно однесување и на висок тон почнал да навредува, а потоа и физички нападнал полицискиот службеник кој на раскрсницата на магистралниот пат кон граничниот премин Ќафасан вршел физичко регулирање на сообраќајот – соопштуваат од СВР Охрид.
Настанот се случил околу 18 часот кога по магистралниот пат се движела делегација со полициски возила во придружба. Несакајќи да го причека поминувањето на колоната возила и непочитувајќи го јасно дадениот знак за застанување, пријавениот З.Ѓ. го придвижил своето патничко моторно возило „опел корса“ преку издигнатите површини на раскрсницата и застанал до полицискиот службеник. Излегол и веднаш со тупаници го нападнал полицискиот службеник удирајќи го во пределот на левото уво на главата и десната рака. Притоа му откинал и делови од полициската униформа.
Пријавениот З.Ѓ. е лице против кого досега се поднесувани кривични пријави за кривични дела против правниот сообраќај за што му е изречена тримесечна затворска казна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



