| четврток, 6 декември 2018 |

Даша Дрндиќ, добитник на наградата „Прозарт“: Врз интимата може да се гради литературата

Фестивалот синоќа беше отворен во Младонскиот културен центар (МКЦ), а од денеска почнува првиот литературен пазар во Македонија, кадешто десетина издавачи од Македонија ќе им претстават повеќе од дваесетина наши писатели на членовите на првата Скопје фелоушип програма

unnamed

– Исповедното претпоставувам дека не е толку литерарен поим, Исповедната проза може лесно да се лизне во некоја мелодраматика и патетика претпоставувам, а врз интимата може да се гради литературата. Литературата, всушност, е интима ако обработуваме некој лик. Интимата, според мене, пак, му дава поинаква можност на авторот. Исповедната проза сметам дека не е баш добра проза – изјави Даша Дрндиќ, добитник на наградата „Прозарт” на фестивалот „Про-за Балкан“ што ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски допринос кон развојот на балканската книжевност.

Фестивалот синоќа беше отворен во Младонскиот културен центар (МКЦ), а од денеска почнува првиот литературен пазар во Македонија, кадешто десетина издавачи од Македонија ќе им претстават повеќе од дваесетина наши писатели на членовите на првата Скопје фелоушип програма. Меѓу нив, е светски познатиот литературен скаут, една од најпознатите дами во светот на издаваштвото, скаут за Пингвин, за Рандом хаус Канада и уште многу други – Ен Луис Фишер од Велика Британија.

proza balkan

Дрндиќ, годинешната добитничка на наградата Прозарт, вели дека кога ја прашуваат од каде е таа вели дека веќе не знае и сето заради честите промени на местото на живеење.

– Сложени се тие односи со градовите. Белград беше мој град, но веќе не е. Тоа е како однос со љубовник со кого веќе немате контакт, но се уште имате некакви емоции – рече Дрндиќ.

Синоќа на отворањето говореше и Алеш Чар, кој вели дека е турист во листературата, туку таа му е хоби.

– Јас сум дома се – новинар, уредник, колумнист, се само не писател. Јас сум само турист во литературата, таа ми е хоби. Немам ни Л од литература, ни П од писател –  вели Чар, авторот на книгата “Мејд ин Словениа”, преведена и на македонски јазик.

Во Скопје е и Марио Леви, авторот на книгата „Истанбул беше сказна“, која има околу 1.000 страници и за која вели дека ја пишувал 7 години само затоа што не можел целосно да и се посвети од едноставна причина што морал да работи и други нешта во животот за да егзистира. Пишувал седум години по два-три часа дневно.

– Доаѓам од Истанбул, град за којшто се мислеше дека има 3000-годишна историја, но најновите истражувања покажаа дека овој град на Босфорот е стар 8000 години. Значајно е што бил главен град на три различни цивилизации и империи. Ова е многу значаен град низ историјата и град на миграции, многу семејства биле принудени да го напуштат и денеска ретко, односно многу тешко во Истанбул може да сретнете семејство кое три генерации живее во истата куќа. Но иако е град на миграции и моите се дојдени од Шпанија го чувствувам како мој град. Ова не го кажувам само јас, туку и моите херои, кои оставија големо наследство и една значајна карактеристика дека Истанбул е град во кој многу брзо се случуваат промени и некогаш може да се случи во својот роден град да се чувствувате како странец – вели Леви.

unnamed1

Авторот на „Сахиб“, Ненад Величковиќ, вели дека хуморот е средство на рационалниот ум да укаже на некои случувања.

– Мојот роман “Сахиб” кој е издаден пред 15 години сега сфаќам дека нема никаква врска со ова што сум денес. Се променив јас, но се промени и времето. Сатирата е одговор на карактерите на малите луѓе околу нас. Сатирата е тука да ги исмејува нивните мани и недостатоци. Меѓутоа во меѓувреме открив една работа во врска со хуморот, а тоа е ние да ги препознаеме нашите сојузници, да осветлиме некои работи кои пред тоа биле невидливи. Хуморот е средство на рационалниот ум да укаже на некои случувања. Во мојот случај хуморот беше една маска за големиот кукавичлук. Секогаш кога требаше да ги стиснам забите и да решам некој клучен проблем, се решавав за хумор и ги насмејував луѓето. Ако направите некоја шега и луѓето се смеат, тоа значи дека ве разбрале и имате повратна реакција. Во последно време решив ако веќе треба да се потсмевам, да се потсмевам на самиот себе. Себеси најдобро се познавам – рече Величковиќ.

Сликарот и режисерот Слободан Шијан, автор на култниот филм „Кој тоа таму пее“ е исто така присутен на меѓународниот фестивал „Про-за Балкан“.

– Помина времето кога правев популарни филмови. Човекот низ годините се менува, иако секогаш има нешто актуелно за што можеме да зборуваме. Проектите на кои работам во последно време се сведуваат во рангот на некомерцијални форми, а не на популарни филмови. Така е затоа што сега и целите и приоритетите не ми се исти како некогаш. Сега се бавам со работи кои не се за широка публика, туку за одредена група на луѓе. Но се ширам во повеќе насоки – и кон пишувањето и кон визуелната уметност, што всушност беше прва област со која се бавев бидејќи прво дипломирав сликарство, а потоа запишав филмска режија”, вели Шијан.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top