Тоа што деновиве се случува во Србија и во БиХ повеќе експерти го оквалификуваа како појава која се случува многу ретко, како „сто годишна вода“ или редок феномен, но се одликува со голема деструктивна моќ, вели магистер Стевко Стефаноски, раководител на Секторот за аналитика, процени и стратегиско планирање во Центарот за управување со кризи. Според него, во вакви кризни ситуации е неопходна заедничка стратегија за дејствување на Балканот.
Дали Македонија е подготвена во случај на поплави какви што им се случуваат на Србија и на БиХ?
Стефаноски: Подготвеноста за менаџирање на ризиците поврзани со поплави од големи размери подразбира организиран и координиран пристап со преземање долгорочни и краткорочни мерки и активности од повеќе институции кои имаат споделени надлежности и одговорности. Кога се отвора прашањето за подготвеноста на Македонија за справување со поплави од типот на тие што деновиве се случуваат во соседна Србија и Босна и Херцеговина, мора да се имаат предвид фактите што се поврзани со спецификите и различностите на државите и регионите во контекст на конкретната опасност. Карактеристиките поврзани со географските, релјефните, вегетациските и, во овој случај, хидролошките параметри директно ја определуваат подложноста на опасности поврзани со природни несреќи и катастрофи. Појавата на природните феномени не може да се неутрализира во целост, но државата, преку надлежните органи, може да планира, организира и да презема мерки за намалување на последиците од овие опасности. Станува збор за капацитетот и за способностите на системот на државата за превенција, рано предупредување и одговор на ризикот од поплава. Тоа што деновиве се случува во Србија и во БиХ повеќе експерти го оквалификуваа како појава која се случува многу ретко, како „сто годишна вода” или редок феномен, но се одликува со голема деструктивна моќ. Друг е моментот кога станува збор за т.н. чести поплави кои се случуваат во одредени сезонски периоди, но последиците и штетите што ги предизвикуваат се мали или прифатливи за заедницата. Земено во целина, Македонија, на локално и на национално ниво во континуитет работи на подигнување на подготвеноста и на отпорноста за справување со ризикот од поплави, но искуството од актуелните поплави во соседството и многу други пред тоа покажува дека природните феномени, за жал, предизвикуваат катастрофални последици, што упатува на потребата од постојано зголемување на критериумите за подготвеност, а, пред сѐ, за вложување во системите за рано предупредување, што подразбира квалитетен надзор на метеоролошките и на хидролошките состојби и навремено споделување на податоците со институциите задолжени за кризен менаџмент и за заштита и спасување.
Дали е направен некаков проект за заштита од излевање на реките?
Стефаноски: Владата на Република Македонија, во соработка со надлежните министерства, дирекции и субјекти од локалните самоуправи, со години презема опсежни мерки за чистење на коритата на водотеците и на одводните канали, со што во голема мера се намалува ризикот од нивно излевање и прераснување во поплави. Тие мерки се само еден дел од подготовките, другите мерки се поврзани со просторното и со инфраструктурното уредување на територијата на општините и на Републиката во целост, со што плански се намалува изложеноста на населението, инфраструктурата и на други објекти во потенцијалните опасни зони.
Во правец на тоа Центарот за управување со кризи, врз основа на своите законски надлежности, веќе втора година спроведува ширококоординирана активност за изработка на процени на загрозеност на подрачјата на општините и градот Скопје од сите ризици и опасности. Во 2013 година се изработени и донесени процените за општините од југоисточниот и од југозападниот регион во Републиката, а во текот на оваа година е планирано завршување на изработката на процените за останатите региони. Овие процени ги разгледуваат и усвојуваат советите на општините, а со самото тоа во детали се запознаваат со „Профилот на опасности“ кој е карактеристичен за подрачјето на општината, што ќе им помогне при донесувањето на политиката и одлуките за локалниот развој, планирањето и уредувањето на територијата, издвојувањето на потребни ресурси за градење сопствени капацитети за превенирање и намалување на ризиците од присутните опасности.
Овие процени и мапите на ризици кои се изработуваат врз основа на нив претставуваат добра основа за спроведување стратегии и пристапи за трансфер на ризикот преку промовирање политики за осигурување на имот и други добра, што во последниве години е еден од владините приоритети, барем во областа на земјоделството кое како гранка трпи најголеми штети од поплави.
Исто така, надлежните министерства, како Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање, во претпристапниот период и соработката со телата на ЕУ работат на усогласување на националното законодавство со директивите на ЕУ за управување со води и менаџирање на ризикот од поплави, како и изработка на планови за интегрирано управување со сливните подрачја, што претставува основа за долгорочно и одржливо планирање на заштитата од поплави во Македонија.
За да се намали ризикот од поплави, односно да се ублажи нивниот деструктивен потенцијал врз населението, природната и изградената средина, во периодот 1950‐1985 година беа преземени обемни превентивни инженерски мерки. За да се обезбеди заштита на земјоделските региони и на инфраструктурните системи, изградени се голем број хидроградежни објекти. До 1985 година, во Македонија беа изградени дваесет повеќенаменски брани со потполна контрола на акумулациите, со што значително се намалија протоците и ризикот за поплавување на низводните региони. Во 2003 година на најголемата десна притока на Вардар е завршена изградбата на браната „Козјак“, повеќенаменската акумулација „Козјак“, која, покрај значителната хидроенергетска функција, има големо водостопанско значење, посебно на планот на уредување на водниот режим на реката Треска – ублажување на поплавниот талас и заштита на градот Скопје од поплави и корекција на режимот на мали води на Вардар во сушниот дел од годината.
Каде постои најголема опасност од излевање во Македонија?
Стефаноски: Поплавите се последица на зголемувањето на количеството вода во речните текови над точката до која природното или регулираното речно корито може да ја прифати, што резултира со излевање и плавење на просторот околу речното корито. Најголем и најбогат со вода е вардарскиот слив кој го сочинуваат реката Вардар и нејзините многубројни притоки, од кои најголеми се Црна Река, Брегалница, Пчиња, Треска и Лепенец. Поплавите на овој слив најчесто се случуваат како последица на излевањето на реката Вардар или на некоја од поголемите притоки. Податоците за најголемите поплави на овој слив забележани во минатото покажуваат дека екстремно високи води на Вардар се јавуваат со повратен период од 39‐40 години. Циклично, секоја четириесетта година територијата на сливот на реката Вардар се одликува со долготрајни и обилни дождови кои резултираат со екстремно високо ниво на водата, чија последица се катастрофални поплави.
Анализите на поплавите што се случувале во Македонија во минатото покажуваат дека територијално тие најчесто се случуваат долж текот на реката Вардар, главно во долниот дел на Полошката Котлина, Скопско Поле, пред влезот во Таорска Клисура, на потегот Башино Село ‐ Велес, Неготино ‐ Криволак и од Демир Капија до границата со Грција. Поплави често се јавуваат и на долниот тек на реката Пена, после Тетово, реката Лепенец по Генерал Јанковиќ, Маркова Река кај село Батинци, Пчиња и Кумановска Река пред нивниот состав и низводно, Брегалница во Беровско и Делчевско, долниот тек на Злетовска Река, Црна Река од Доленци до Мариовско, како и на реката Боротино од под Црнилиште, па сѐ до нејзиниот влив во Црна. Во сливот на река Струмица најкритични се Радовишка Река над бунарите за водоснабдување и после Радовиш, Ораовичка Река низводно од Ораовица, Смиљанска Река под Подареш и Струмица од составот на претходните три притоки до Смоларски мост.
Во Македонија посебен проблем претставуваат поројните поплави кои се последица на краткотрајни интензивни врнежи настанати како последица на специфични атмосферски услови, посебно во летниот период. Таквите краткотрајни луњи можат да бидат причина за локални краткотрајни поплави кои нанесуваат големи материјални штети, посебно ако се зафатени поголеми урбани средини. Во поројните поплави од 1995 година вкупните директни штети изнесуваа 2,930 милиони денари, односно околу 3,4% од бруто-производот на Македонија за фискалната 1994 година.
Анализите покажуваат дека како резултат на летни луњи, поројните поплави се карактеристични за централниот и за југоисточниот дел на Македонија, кои се одликуваат со релативно мало количество врнежи во текот на целата хидролошка година. Луњите проследени со поројни поплави најчесто се јавуваат во:
1) Кавадаречко ‐ на реката Луда Мара;
2) Прилепско ‐ река Боротино;
3) Скопско ‐ река Лепенец;
4) Кумановско ‐ Кумановска Река; и,
5) Струмичко ‐ на река Струмица.
Заедничка карактеристика на овие подрачја е тоа дека станува збор за претежно голи непошумени ридови изложени на ерозија.

Како системот ХААРП влијае врз климатските промени?
Стефаноски: ХААРП (High Frequency Active Auroral Research Program, односно Програма на активно аурорално истражување на високи фреквенции) е истражувачки проект кој има цел да ги стимулира и да ги контролира процесите во јоносферата кои можат да ја изменат работата на комуникациските системи и на системите за надгледување. Почнат е во 1993 година и иницијално било предвидено да трае 20 години. Опремата за проектот ХААРП се состои од многу голем број радиотрансмитери со огромна сила и соодветни инструменти за детекција. Неговите антени се со голема сила, опслужувани со моќни генератори, кои, според расположливите информации, секојдневно во атмосферата емитуваат енергија поголема од 3.000.000 вати. Овој систем има повеќенаменски функции и може да се користи во повеќе области. Истиот овозможува комуницирање со подморниците во големите длабочини на океаните, со употреба на екстремно ниски фреквенции. На ист начин се пробива и до најдлабоките слоеви на земјата, проучувајќи го нејзиниот геолошки состав. Овозможува заштита и рано предупредување од приближување небески тела, проектили и сл. Исто така, овозможува и менување на хемиската структура на повисоките слоеви на атмосферата, што помага во преземање превентивни мерки и ублажување на силата на природните феномени (урагани, циклони, тајфуни и сл.).
Емитувањето на сигналот од овој систем во високите слоеви на атмосферата, на височина од 100 до 350 километри, предизвикува негова апсорпција од јоносферата. Тоа предизвикува загревања на јоносферата на местото каде што е насочен сигналот, а со тоа се поврзува и проблемот на пробивањето на озонскиот заштитен слој. Колку сето тоа има поврзаност и влијание на климатските промени е предмет на постојано истражување и потврдување.
Колку сериозно може да се сфатат заговорите дека промената и поплавите се последица на ХААРП?
Стефаноски: Често се наоѓаат теории и написи, особено дека системот ХААРП се поврзува со настани на природни катастрофи, како потреси, поплави и вулкански ерупции. Деновиве по повод состојбите со големите поплави во Србија повторно се појавија во медиумите написи кои ја поврзуваат катастрофата со постоењето на ваквите системи. Но, сето тоа останува предмет кој науката и експертите од таа област треба да го поткрепат или демантираат.
Можеше ли Србија, односно човечкиот фактор, со навремено преземање одредени активности, да ја минимизира штетата што беше направена?
Стефаноски: Анализите на сите катастрофи го опфаќаат и сегментот на реакција на системот, односно надлежните институции, дали и колку биле соодветни преземените мерки. Во овој случај е премногу рано да се извлекуваат оцени за тоа. Повторно како клучни би ги издвоил најавите, односно алармот кој беше издаден од страна на хидрометеоролошките служби (националните, регионалните и глобалните) и колку тие беа сериозно сфатени и земени како основа за преземање конкретни мерки за заштита (изградба на заштитни насипи) и евакуација на најизложените подрачја. Анализите по поплавите ќе укажат на евентуалните недостатоци во системот, кои натаму како научена лекција ќе бидат вградени во правната и во процедуралната рамка за одговор на катастрофални поплави.
Може ли една држава сама да се справи со таква катастрофа или е неопходна и помош од други држави?
Стефаноски: Катастрофите со големи разорни димензии секогаш и секаде ги надминуваат способностите на погодената земја или регион, како во овој случај. Тоа го покажува историјата. Помошта од други држави во такви случаи е неопходна, и тоа не само помош во фазата на амортизирањето на првиот ударен бран, туку и помош во периодот на санација на последиците и рехабилитација од катастрофата. Оваа потреба е препознаена од страна на глобалните и на регионалните организации и системи, како ООН, НАТО, ЕУ и др., кои заради тоа развиваат посебни механизми и градат соодветни капацитети, брзо распоредливи и достапни за погодената земја. Во овој правец и Република Македонија од своето осамостојување, па наваму, настојува да биде интегрирана во рамките на овие глобални системи и механизми.
Можна ли е заедничка стратегија за дејствување на Балканот во такви ситуации?
Стефаноски: Не само што е можна заедничка стратегија за дејствување на Балканот во вакви кризни ситуации, туку искуствата покажуваат дека е неопходна. Искуствата од големите шумски пожари што во 2007 година го зафатија регионот, сериозно го отворија тоа прашање. Сега состојбата со поплавите повторно го отвори прашањето за потребата од градење заеднички регионален капацитет за одговор на катастрофи. Речиси сите земји од Балканот спаѓаат во категоријата мали и економски недоволно јаки земји, што претставува ограничувачки елемент за градење национални капацитети наспроти можноста со заеднички вложувања на еден порационален и економски поприфатлив начин да се изградат капацитети што ќе бидат за заеднички потреби на балканските земји.
Сметате ли дека регионот соодветно одговори на повикот за помош на Србија?
Стефаноски: Поплавите во Србија и во БиХ ја потврдија изреката дека соседот е првиот што притрчува на помош кога за тоа има потреба. Сите земји од регионов преземаа активности за што побрзо упатување помош до загрозените подрачја. Дел од тие активности, како што можевме да видиме, беа организирани и преземени од страна на државата и на институциите, а друг дел беше преземен од страна на невладини организации, иницијативи на граѓани и здруженија на граѓани. Сето тоа го потврдува фактот дека земјите во регионот многу бргу одговорија на повикот за помош. Но, при такви состојби е неопходно придржување до одредени принципи и начела, што подразбира внимателно согледување на природата на потребата која погодената земја ја бара и соодветно на тоа да се упати адекватна помош, во спротивно ќе се предизвика дополнителен товар и проблем на националниот елемент за прифаќање и распределба на помошта, било да станува збор за човечки сили, материјално-технички средства или хуманитарна помош. Ако не се почитуваат тие принципи, помошта може да се претвори во дополнителен проблем.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со м-р Стевко Стефаноски е објавено во 90. број на неделникот Република, 23.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


