
Коста е четириестгодишен машински инженер, вработен во странска компанија во Македонија. Активно го следи политичкиот и социјалниот живот во својата татковина, слуша музика на интернет, игра игри кога е слободен и кога сака да се релаксира. Постојано пребарува на интернет, посебно за стручни работи што го интересираат од неговата бранша. Нема профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ и не го смета тоа за хендикеп.
– Не ми е интересно да знам за другите и не ме интересира. Немам време за „Фејсбук“. Ако имам профил, мислам дека тоа ќе ми одземе многу време и енергија, која може да ја потрошам на друг начин. Да се дружам со децата, на пример. Искрено, ми се чини непристојно да ѕиркам во туѓ живот. За некој со кој не можам да се видам во живо, непријатно ми е од самиот себе да го видам на „Фејсбук“ – вели Коста, за кого, очигледно, оваа социјална мрежа апсолутно не е привлечна за дружење. Тој останува од тие од „стар ков“, кои претпочитаат да се дружат во живо.
Во моментов во Македонија има повеќе од еден милион корисници на „Фејсбук“. Точната бројка е 1.001.140 корисници и со тоа нашата држава се наоѓа на 83. место на светската ранг-листа на земји што ја користат оваа социјална мрежа.
Гордана Настевска е новинарка во „Теа модерна“. Социјалната мрежа „Фејсбук“ ја користи од 2008 година, но е поактивна од 2009 година. Во еден период го деактивираше профилот.

– Почнав да користам „Фејсбук“ од љубопитност. Првата година повеќе не бев таму, отколку што бев, но потоа повеќе бев таму, отколку на кое било друго место. Ја искусував таа фаза на споделување музика, филмови, размислувања со виртуелните пријатели, со активен чет. И веќе по две години тоа ми стана толку напорно и бесмислено. Не можев да го прифатам фактот што „Фејсбук“ толку ми го обзеде вниманието и времето. Загубени часови во ништо. Буквално. И го деактивирав. Уште една причина што го деактивирав е тоа што таму имаше, како што јас ги нарекувам, „натрапници“, кои едвај чекаат да напишеш некој став како статус за да ти се нафрлат. Не почитувам луѓе што не ги почитуваат туѓите ставови. Мирував речиси една година, кога времето на интернет го поминував во „прелистување“ многу поквалитетни содржини. „Фејсбукот“ денес за мене е само алатка за извршување на професионалните задачи. Секоја алатка е корисна ако се користи мудро. Повеќе го користам службено, отколку приватно – вели Настевска.
Таа има и апел до родителите, кои на своите профили ставаат фотографии од децата. Ја разбира љубовта на родителите кон своите деца и желбата да ги покажат своите сонца, но нејзиниот апел е родителски.
– Има можности што нудат заштита на фотографиите од сите пријатели на „Фејсбук“, па може да си ја искористат, да ги гледаат фотографиите само на блиските роднини во туѓина или на блиски пријатели. Во училиштата веќе оди кампања за заштита на децата од манијаците на „Фејсбук“ и од педофилите и таа нема да биде успешна ако самите родители ги изложуваат своите деца на погледите на секакви болни умови, со растроени фантазии – смета Настевска, мајка на две деца.
Навлегувањето на „Фејсбук“ во Македонија е 48,58 проценти, што значи дека бројот на отворени профили во Македонија е близок до една половина од бројот на населението, што не е случај во практика затоа што често некои корисници имаат и по два или повеќе профили. Иако тоа е спротивно на правилата на компанијата, свои профили на „Фејсбук“ отвораат и правни лица. Според истражувањето на специјализираните агенции, дури 93,91 проценти од луѓето што користат интернет во Македонија, имаат свој профил на „Фејсбујк“. Само во последниве шест месеци бројот на корисници на оваа социјална мрежа пораснал за 62.640 или за речиси три проценти од вкупниот број на населението.
Но, сепак, има одреден дел од населението што не го користи „Фејсбук“ како алатка и тоа и меѓу интелектуалците и меѓу бизнисмените. Има и такви што долго време активно го користат, но, според нив, почнува да им станува напор и планираат да се тргнат од него. Па, дел од корисниците на „Фејсбук“ се селат на другата социјална мрежа „Твитер“.
Богдан Илиевски ака Бетмен велит е еден од тие луѓе на „Фејсбук“ што ви го разубавуваат денот. Луциден со коментарите, досетлив, интересен, интелигентен, едноставно уживање е да го читаш. Тој смета дека сите сериозни компании во светот имаат свои профили не само на „Линкдин“, туку и на „Фејсбук“ и на „Твитер“.

– Нормално е да одат на мрежи на кои имате по милијарда корисници, зошто да не одат? Па секое терање инает на оваа тема го сметам како бениген тумор на парче од егото, отпор пред неизбежното. Кому му е убаво надвор од виртуелниот пазар, нека седи таму. А, за интелектуалците што немаат профил на „Фејсбук“ не мислам ништо лошо. Моите родители немаат профил на „Фејсбук“, па бескрајно ги сакам. Социјалните мрежи се алатка, не насушна потреба, па секоја индивидуа нека си ги користи по ќеф. „Фејсбук“, „Твитер“ и другите социјални мрежи што постојат во моментов или што се сѐ уште во мозочето на некој нов Цукерберг што работи на својот сон, се исти како и секоја работа што паѓа во рацете на луѓето. Автомобилот е корисен, но може да биде и фатален за вас или за некој друг, ако не знаете да го управувате. Истото важи и за пеглата. Социјалните мрежи се одлични и за забава и за информирање „од прва рака“, особено што овозможуваат нов аспект на комуникацијата, продирање до персонални зони, секогаш интересни, кои во формалната комуникација не се вообичаени – изјави Бетмен велит.
Според него, нема правилно или неправилно користење на „Фејсбук“.
– И Опенхајмер и Склодовска – Кири и Тесла и Ајнштајн немале „Фејсбук“. Истото важи и за Чарлс Менсон или за Џек Мевосек. Ова е слично на прашањето „Дали тие што имаат шпорет правилно го користат“ – со вок-тави, готвејќи брокули и карфиол, или голтаат пржени колбаси и помфрит. Прашање на вкус и на потреба. Правилно е сѐ што те прави среќен и е во рамките на позитивните законски прописи на Република Македонија – додава Бетмен велит.
Според психолозите, различни се причините поради кои интелектуалци, личности од деловниот сектор, па и познати јавни лица не се вклучени во социјалните мрежи.
– Некои од овие личности не се заинтересирани и немаат потреба за овој вид социјално дружење токму поради тоа што се директно, интензивно вклучени во разновидни значајни социјални случувања. Вклучувањето на социјалните мрежи би барал од нив поголем ангажман, а со тоа и повеќе слободно време потрошено за ова активност. Една друга група од овие личности не е заинтересирана да го следи брзиот напредок на технологијата и не е премногу заинтересирана за учење и за здобивање вештини за вклучување во социјалните мрежи. Таквите личности најчесто се многу повеќе заинтересирани за директни, лични комуникации, отколку за комуникација со посредство на разновидни технички помагала – вели Натка Пачоска, клинички психолог, психотерапевт во Институтот за брак и за семејство и за системска практика „Алтернатива“.
Таа додава дека некои од овие познати личности не се вклучуваат на социјалните мрежи бидејќи сакаат да ја зачуваат својата приватност и приватноста на своето семејство подалеку од очите на широката јавност. Некои од овие личности, пак, се вклучуваат во социјалните мрежи, но се достапни само за одредена група пријатели и многу малку податоци за нив се достапни пред пошироката јавност. Тоа најчесто го прават за да обезбедат поголема приватност во социјалната комуникација со одредена група пријатели.

– Бидејќи најчесто овие се познати личности во јавноста, дел од нивниот приватен живот ѝ е познат на пошироката јавност. Токму тоа ги исправа пред сериозна одговорност, во смисла на вложен ангажман и одржување позитивна слика за себе, на морален, интелектуален, професионален, семеен и на социјален план. Вклучувањето на социјалните мрежи во ваквите ситуации за некои од нив би бил дополнителен ангажман и поголема одговорност за зачувување на изградената слика за нив – вели психологот Пачоска.
Пишува Александра Мазнева-Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


