| четврток, 6 декември 2018 |

Колку што сме посиромашни, толку сме подебели

Сѐ поголем е бројот на Македонците што имаат прекумерна тежина, една третина од децата на возраст од шест до седум години имаат зголемена телесна тежина, а 13 проценти се сметаат за дебели. Дваесет проценти од Македонците се дебели и тоа, пред сѐ, поради лошата исхрана и физичката неактивност

Ако порано во Македонија се умирало од старост, денеска ни се заканува смрт поради дебелина. Колку што сме посиромашни, толку сме подебели. Статистиката покажува дека во македонските маркети сѐ уште најмногу се продава леб, брашно и зејтин, а помалку се јаде свежа храна. Земјата ни дава прекрасен зеленчук и овошје, кое сѐ помалку го јадеме, а брзиот начин на живот ни го „изеде“ здравиот оброк од трпезите. Инстант-супи, инстант-кафиња, јадења за подгревање, ручеци во кафеани, кои изобилуваат со прженици, стануваат правило, а не исклучок. Децата јадат пржени маслинки, пржено топено сирење и кашкавали место свежи салати, супи и зготвени јадења, а за десерт редовно посегнуваат по слатки место по овошје.

Сѐ поголем е бројот на Македонците што имаат прекумерна тежина, една третина од децата на возраст од шест до седум години имаат зголемена телесна тежина, а 13 проценти се сметаат за дебели. Дваесет проценти од Македонците се дебели и тоа, пред сѐ, поради лошата исхрана и физичката неактивност. Податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека е во пораст бројот на граѓани што водат западен стил на живот и внесуваат нездрава, односно брза храна. Бројките говорат дека дури 60 проценти од мажите и 47 проценти од жените во земјава, повозрасни од 20 години, имаат зголемена тежина. Токму поради тоа е изработен водич за здрава исхрана на населението со кој здравствените власти ќе се борат со ризиците што ги носат вишокот килограми.

– Мислам дека овој документ ќе биде еден вид револуција прво за подигање на свеста, а второ за следење на вистинските насоки. Различни се мислењата за тоа што треба, а што не треба да се јаде. Сега, конечно, ќе имаме нешто како темел на кој ќе може да се потпреме и надградуваме. Целта е да нема појава на предвремена болест или смрт, односно колку што е можно да го редуцираме губењето на годините на здрав живот. Со тоа би се зголемил и очекуваниот животен век на населението во државата, кој сега е 74 години. Пред дваесетина година тој бил под 70 години, така што напредокот е евидентен, но нема дискусија дека може и треба да се направи уште многу – вели д-р Игор Спироски, началник на одделението за физиологија и за набљудување на исхрана при Институтот за јавно здравје.

Зголемената тежина, лошата исхрана и физичката неактивност, според мис­лењето на докторите, се најголеми ризици за смрт на населението и предизвикувачи на разни срцеви болести, висок притисок, шеќерна болест, остеопороза и на некои типови рак.

– Јас како лекар нема да бидам задоволен додека процентот на лица што имаат одреден степен на дебелина не биде помал од пет проценти или помалку. Но, тоа е нереална цел. Факт е дека бројот на лица со зголемена телесна тежина и дебелина се зголемува во однос на состојбата од пред 20 години. Би сакал, на пример, да ги имаме бројките на Холандија, каде што 16 проценти од луѓето повозрасни од 20 години се со различен степен на дебелина – смета д-р Спироски.

Дебелината кај децата е посебен проб­лем и вообичаено тоа е комбинација на индивидуални и на општествени фактори. Индивидуалните имаат врска со здобиените навики во семејството и во околината во која живее, лесната достапност на брзата храна, која има слаба нутритивна вредност, а општествените фактори се однесуваат на стимулирањето на околина што ќе промовира здраво живеење.

– Тоа е улога на државата, таа треба да повикува на здрави навики во животот – вели д-р Спироски.

Начинот на живот влијае на животните навики и на здравите навики во исхраната, но тоа е индивидуален избор на кој може да влијаеме и да го видоизмениме.

– Денес најевтината храна е најчесто и нутритивно најсиромашна и затоа во развиените земји и во земјите во развој луѓето од пониските социјални слоеви се често и со поголем степен на дебелина, што го зголемува нивниот ризик од појава на хронични незаразни болести – смета д-р Спироски.

Затоа се препорачува соодветно внесување овошје, зеленчук, недефинирано жито, мешункасти растенија, млеко со пониска масленост, риба, бело месо, незаситени масла.

– Треба да се избегнува преголемо внесување црвено и мрсно месо, заситени масти, сол, шеќерни концентрати, газирани и негазирани пијалаци со додаден шеќер – вели д-р Спироски.

 

Zdravje89-debeli-2

Инстант-храна за инстант-задоволство

Денес речиси сите прехранбени производи се имитација на храна. Како резултат на многубројните технолошки процеси на кои е изложена оваа храна, таа ги губи витамините и минералите, како и значајната количина влакна што му помагаат на варењето и ја одржуваат цревната флора. Во инстант-производите при обработката целиот скроб останува во нив, што значи дека консументите брзо почнуваат да ја зголемуваат својата телесна тежина, а за да го подобрат вкусот, производителите често додаваат шеќер и ароми.

Инстант-производите во себе содржат засилувачи на вкус, бои, стабилизиатори, анти-оксиданси, но не и витамини и минерали. Тоа доведува до нутритивен недостиг, а нејзиното постојано внесување може да доведе до рак, висок крвен притисок и други смртоносни болести. Консумирањето ваква храна ги прави децата почувствителни, раздразливи и агресивни. Стручњаците препорачуваат децата да избегнуваат маргарин, мајонез, чоколада, индустриски готови оброци и месни преработки, гуми за џвакање…

 

Zdravje89-debeli-3

Не јадеме квалитетна храна, затоа сме дебели

– Не јадеме квалитетна храна, затоа сме дебели – вели нутриционистката Тања Турунџиева. Во изобилство на свежа храна што ја има во Македонија, прекрасно овошје и зеленчук, Македонците прават погрешен избор, па јадат само еден оброк во кој има сѐ и сешто.

– На нашите трпези е застапена многу брза храна, која само заситува, а нема ни­каква хранлива вредност. Тој вид храна само здебелува, а не најадува. Тоа што е застрашувачки е што децата се одвикнаа да јадат чорбеста храна, како на пример боранија, грашок, леќа, грав… Тие, едноставно, се гадат од таков вид храна, што е сосема погрешно. Добро е ако еднаш во денот јадат таков оброк, на училиште или во градинка. Но, лошо е што останува само на тој еден оброк. За здрав начин на живот се потребни три здрави оброци во денот, а помалку нездрави ужини како переци, соленки, кроасани. Македонија изобилува со прекрасно овошје и зеленчук и тоа, навистина, треба да се искористи во исхраната. Во тие три здрави оброци мора да има и многу свежа салата – препорачува Турунџиева.

Таа говори и за поразителниот факт дека една третина од децата во Македонија на возраст од шест и од седум години имаат покачена телесна тежина, а 13 проценти се сметаат за дебели.

– Освен лошата исхрана, и физичката неактивност е една од причините за дебелината. Сите деца се пред компјутер, таблет, на телефон. Навистина, родителите се трудат да ги ангажираат децата и тие посетуваат курсеви по фудбал, кошарка, ракомет, пливање, но и тоа не е доволно. Долго време седат во училишните клупи, лошо се хранат и сето тоа лошо влијае на нивниот организам. Да не се лажеме, нема само Македонија ваков проблем, туку дебелината е светски проблем и дебелината е болест со која се борат големи светски нации – вели Турунџиева.

Нутриционистката има долгогодишно искуство со диетски режим на исхрана кај различни возрасти на лица и вели дека кога децата ќе стасаат во пубертет, дебелината рапидно се зголемува. Затоа, потребна е едукација уште од мали нозе, односно од дома. Здрав начин на исхрана е и здрав начин на живот.

– Нашите стари не умирале од дебелина, туку од старост или од болест. Се хранале умерено, не претерувале во оброците и биле умерени во тоа што го правеле. Постовите во христијанството не се тукутака, туку се со цел да прочисти телото. Кога децата ќе стасаат во пубертет, дебелината драстично се зголемува. Во адолесцентната доба почнуваат да внимаваат на себе. Во крајот на четвртата година, посебно пред матурските вечери почнуваат да се грижат како изгледаат и потоа таа навика ја префрлуваат и на факултет. Денес, за разлика од порано, има многу повеќе момчиња што внимаваат на линијата, на тоа како се хранат и како изгледаат. На факултет веќе почнуваат да разменуваат искуства, се дружат со повеќе различни групи луѓе и им се отвораат нови хоризонти – коментира Турунџиева.

 

Ден на револуција во исхраната во градинките во Македонија

Маја Лазаревска е еден од амбасадорите на Фондацијата за храна на Џејми Оливер во Македонија. Таа во соработка со Министерството за труд и за социјална политика на 16 мај го организира Денот на револуцијата во исхраната во сите градинки во нашата земја. Планирано е да бидат опфатени сите деца на возраст од две до шест години што посетуваат градинка во сите градови во Македонија. Планирано е кратко објаснување на важноста на здравата храна во градинките, а децата, преку игри, боенки и приказни ќе откриваат од каде потекнува нивното јадење, што содржи нивната храна и како влијае храната врз нивното тело. Ќе приготвуваат салата виножито во палачинка, а ќе засадуваат зеленчук во малата органска градина во дворот на градинките. Иако настаните во градинките ќе бидат од затворен тип, Лазаревски ги охрабрува сите родители заедно со своите деца да се вклучат во оваа акција и со нив да зготват вкусни и здрави рецепти.

– Мене готвењето ми е пасија и готвам 20 пати на ден. Не ми е тешко, уживам во тоа и сакам моето семејство да се храни здраво. Почитувам семејства што живеат и се хранат свесно, сакаат да знаат што јадат и од каде доаѓаат хранливите материи на нивната трпеза. Да се разбереме, мразам фанатизам и јас сум против секаков тип фанатизам во животот. Значи во тоа за што се залагам не станува збор за вегетаријанство, веганство или некаков посебен тип исхрана кај децата во градинките, туку, едноставно, тие малку нездрави ужини што ги имаат во менијата да се заминат со здрави оброци како јаболки, моркови, краставици, домати. Сите тие кроасани со чоколада, чоколатца, да се заменат со свежи ужини како јаболко, портокал, краставица – вели Лазаревска.

Платформата „Револуција во исхраната“ e основана во 2010 година, како кампања и борба против епидемијата од дебелина и на болести, чијшто причинител е исхраната. Taa претставува движење што овозможува луѓето што сакаат добра и здрава храна да дојдат и заедно да споделат информации, талент и ресурси, а, исто така, да го пренесат своето знаење и вештини и со тоа да придонесат до оживување на традиционалните погледи за приготвување на храната и за готвењето како есенцијална вештина што може да ја има еден човек. Идејата е да се создаде едно светско движење, кое ќе инспирира промени во навиките во исхраната на луѓето, притоа промовирајќи мисија за подобра храна и едукација за важноста на храната на сите заедници и возрасти. Сите амбасадори-волонтери своето време волонтерски го вложуваат во реализирање на свои проекти и замисли, кои се однесуваат на здрава и домашно подготвена храна и во својата содржина ги содржат начелата на Фондацијата за храна на Џејми Оливер и платформата Револуција во исхраната.

– Своето време го вложувам во создавање настани, кои имаат за цел да ја променат перцепцијата за храната и со мали чекори од најмала возраст децата да се едуцираат да го направат вистинскиот избор. На настаните што ќе се организираат под моја координација се вклучени и голем број волонтери, кои ми помагаат да создадеме ресурси на македонски јазик, да стапиме во контакт со компании, институции, општини и со тоа да допреме до поголем број семејства. Огромна благодарност до министерот Диме Спасов и до Министерството за труд и за социјална политика, кои ја поддржаа целата идеја и застана во заедничка реализација – вели Лазаревска.

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 89. број на неделникот „Република“, 16.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top