| четврток, 6 декември 2018 |

Колку и да се нема, за одмор мора да се има

Најатрактивни и најевтини локации за поминување на летниот одмор остануваат Грција и Турција. Аранжманите, пак, пред и по сезона се распродаваат веднаш штом ќе излезат бидејќи попустите за нив некогаш се движат и до 50 проценти, а во тој период има и помалку метеж во летувалиштата

Се наоѓаме на прагот на летната туристичка сезона, иако временските услови во моментов не личат дека пред нас се летните одмори. Понудите на туристичките агенции за претстојната сезона се достапни за граѓаните, а најинтересни, најбарани и најповолни се аранжманите за Турција и за Грција. Колку и да се има, колку и да се нема, за одмор мора да се најдат средства, а постои добар избор и за време на летување и за начин на плаќање. Имено, аранжманите за пред и за по туристичката сезона се веќе распродадени бидејќи се нудат со попусти и до 50 проценти, а агенциите нудат и различни поволности за плаќање, од плаќање во готово, преку кредитни картички, до поволни потрошувачки кредити. Ако, пак, се нема услови за летување надвор од државава, во игра се нашите туристички места, кои, освен за домашните туристи, достапни се и за странските, кои во последно време ги има во сѐ поголем број. Новите авиолинии, новите градби и места што можат да се видат во Македонија, привлекуваат луѓе од сите земји во светот. Низ Охрид, но и Скопје, сѐ почесто можат да се видат групи странски туристи, кои говорат на различни јазици, но со заеднички интерес да дојдат и да ги видат природните убавини на нашата земја и да ги слушнат приказните што ги раскажува секоја педа од земјава.

Најатрактивни места за летување за нашите граѓани надвор од земјава остануваат Грција и Турција.

– Најповолни места за летување на нашите граѓани беа и остануваат Турција и Грција. Бодрум, Кушадаси, Анталија се дестинации каде што со чартер-летови се стигнува брзо, па Македонците многу често ги избираат за летување. Турција е атрактивна поради прифатливите цени, убавите плажи. Голем е интересот и за Грција, каде што се патува со организиран или самостоен превоз, а и цените се поволни, па најголем дел од нашите граѓани за одмор ја избираат оваа соседна земја. Ние во нашата понуда, како локации за летување ги имаме Малта, Палма де Мајорка, Тунис и некои поексклузивни дестинации, но за нив се решаваат помал број клиенти – вели Никол Голубов од туристичката агенција „Аурора“.

Според него, последниве години во Македонија почнаа да се менуваат навиките за летување на граѓаните.

– Се промени и траењето на сезоната. Сега сезоната почнува во мај и трае до крај на септември. Раниот букинг на аранжманите почнува во март и април и луѓето масовно го користат тоа. Раните аранжмани имаат пониски цени и до 30 проценти, па се распродаваат веднаш штом ќе излезат. Што се однесува, пак, до начинот на плаќање, тоа најчесто се прави во готово или на рати со кредитни картички или преку синдикат, а постои и варијанта за плаќање преку потрошувачки кредити што ги нудат банките– додава Голубов.

Од Стопанската комора за туризам на Македонија велат дека минатата година бројот на туристи што летувал надвор, но и во земјава, бил намален поради економската криза, но се надеваат дека оваа и наредните сезони таа бројка ќе почне да се движи по нагорен тренд.

– Минатата година е регистриран за 20 проценти помал број лица што летувале надвор од земјава, но и 10 проценти помалку лица што летувале во земјава, што се должи на економската криза. Се надеваме дека претстојниот период таа тенденција ќе се промени и бројот на туристи ќе почне да расте. За тоа придонесуваат поволните аранжмани, посебно пред и по туристичкиот шпиц. Пониските цени во тие периоди привлекуваат сѐ повеќе Македонци да летуваат во некои од соседните земји, посебно Грција и Турција. Овие две земји остануваа најпривлечни за летување и во шпиц на сезоната бидејќи се блиску (посебно Грција), а имаат и пристојни цени. Во Грција летуваат дури 70 проценти од лицата што заминуваат на одмор, при што се користи и хотелското сместување, но и закупот на туристичките агенции на вили. Втора земја, чиишто одморалишта најмасовно се користат од страна на Македонците, е Турција, каде што се патува чартер или со автобуси, а најчест облик на летување таму е со сѐ платено. Од страна на нашите агенции како туристички дестинации се користат и хрватското крајбрежје, Црна Гора, Бугарија, како и ексклузивните одморалишта во Дубаи и во Египет, но нив ги користат мал број лица – вели Татјана Перовиќ – Митрова, извршна директорка на Стопанската комора за туризам на Македонија.

Таа вели дека постои тренд на намалување на бројот на домашни туристи во туристичките места во државава како што се Охрид и Дојран, но останува надежта дека тоа ќе се промени со сите инвестиции што ги прави државата во овој сектор, најмногу преку инвестирање во инфраструктурата, која е главниот крвоток на сите економски движења, вклучително и туризмот.

– Автопатиштата се значајни за брзо да се стигне до саканата дестинација, како за нашите граѓани, така и за тие што доаѓаат од надвор. За старинските туристи треба да се инвестира и во осовременување на граничните премини, кои се првата слика за земјава, а најчесто се запуштени, без тоалети и места за одмор, места каде што туристот ќе може се освежи. Сите треба да бидат на услуга на туристите за тие да добијат убав впечаток за земјава и да посакаат да се вратат кај нас. Освен на организираните групи, треба да се посвети внимание и на индивидуалците, кои најчесто не знаат да се снајдат сами бидејќи нема кој да ги упати како да стигнат до некое место, а нема ни доволно патокази со означени места и начин како да се стигне до таму – вели Петровиќ – Митрова.

Според неа, многу им е полесно на туристите што доаѓаат во организирани групи, кои, пак, ги има сѐ повеќе и повеќе.

– Со субвенциите што ги дава Владата за странски туристи, од година во година сѐ поголем е бројот на туристи што ја посетуваат земјава. Најчесто доаѓаат од Турција, Бугарија, Грција, Албанија, Холандија. Кај групите од Холандија и од Белгија се забележуваат повратници, односно лица што еднаш биле и повторно доаѓаат во Македонија. Овие туристи се заинтересирани не за класично летување, туку за тури за разгледување. А сакаат да видат сѐ, од природните убавини до културно-историските споменици. За нагласување е фактот дека посебно интересен проект за туристите е „Скопје 2014“. Со него се зголеми бројот на ноќевања на туристи во Скопје, кои се одушевени од сите споменици, а како и не би биле кога скопскиот плоштад со првото доаѓање може да ја раскаже целата историја на Македонија – објаснува извршната директорка на Стопанската комора за туризам.

Според неа, за да има напредок во туризмот, потребно е земјите од регионот да одат со заеднички настап надвор, со оглед на тоа што податоците говорат дека туристите се заинтересирани со помалку пари да видат повеќе.

Нашата земја изобилува со туристички потенцијали, туристички ресурси, туристички места и локалитети, меѓутоа главни туристички центри и главни ривали во областа на туризмот и угостителството во земјава се Скопје како најголем и главен град на Република Македонија, и Охрид, како најголем туристички центар во земјава.

Изминатава година излегоа некои теории дека Скопје според бројот на туристи го надмина Охрид и дека „некогаш неприкосновениот Охрид” сега е на второ место. Меѓутоа истражувањето на Тони Павловски, студент на Факултетот за туризам и за угостителство од Охрид, укажува на тоа дека бројките и податоците велат нешто сосема друго. Имено бројките покажуваат дека во Охрид изминатата година престојувале 92.637 домашни туристи, додека во Скопје 19.596 туристи. Значи по бројот на домашни туристи води Охрид. Бројот на ноќевањата покажува дека во Охрид се остварени 522.718 ноќевања, додека во Скопје 29.074 ноќевања од страна на домашните туристи. Ако ги споредиме овие два сегмента, бројот на туристи и остварените ноќевања, во Охрид секој домашен турист, во просек, се задржал по пет дена, додека во Скопје секој домашен турист се задржал по еден ден.

Во однос на странските туристи, изминатата 2013 година во Охрид престојувале 100.109 странски туристи, додека во Скопје 149.027 странски туристи. По бројот на странски туристи Скопје е на првата позиција. Во однос на остварените ноќевања од странските туристи, во Охрид се остварени 273.330 ноќевања, додека во Скопје 259.608 остварени ноќевања од странски туристи. Ако тука го погледнеме просекот на тоа колкав период се задржале странските туристи во Охрид и во Скопје, ќе го утврдиме следново: во Охрид просечно еден странски туристи се задржал по два дена, додека во Скопје по еден ден.

Вкупно домашни и странски туристи изминатата година во Охрид престојувале 192.746 туристи, додека во Скопје престојувале 168.623 туристи. По вкупниот број домашни туристи Охрид е на првото место. По бројот на остварени ноќевања, заедно и од домашни и од странски туристи, во Охрид се остварени 796.084, додека во Скопје 288.682 ноќевања.

Доаѓаме до заклучок дека Охрид, сепак, останува на првата позиција, како најпосетен туристички центар во земјава, веднаш по него е Скопје. Но, секако, не смееме да го потцениме фактот дека странските туристи во најголем број го посетиле Скопје. Сето тоа се должи на многуте туристички атракции што ги има во овој град, вклучувајќи го и проектот „Скопје 2014“, кој, сепак, на крајот се покажа дека е многу интересен и привлечен како за домашните туристи така и за странските.

Од Министерството за економија велат дека износот на субвенциите за 2014 година изнесува 155 милиони денари, што е речиси двојно повеќе од 2013 година, кога беше 75 милиони денари, а со новите авиолинии на нискобуџетни компании дополнително ќе се зголеми бројот на туристи во Република Македонија.

– Годинава, со веќе обезбедените 220.000 евра – грант преку програмата УНИДО, ќе се организираат обуки, едукации и доедукации на туристички работници во Македонија, што ќе придонесе нашите туристички работници, кои ќе бидат обучени од светски стручњаци, да ги подобрат знаењата и вештините во комуникацијата со туристите и при креирањето на туристичката понуда. Покрај константното зголемување на бројот на туристи, особено на странски, уште позначајно е зголемувањето на бројот на нови вработувања во туристичкиот сектор, и тоа за повеќе од 30 проценти и константното зголемување на девизниот прилив во земјата, што укажува дека порастот во овој сектор е два до трипати поголем од просечниот светски пораст – велат од Министерството за економија.

Владата интензивно работи на нови проекти, кои треба да донесат нови туристи, што беше вградено и во нивната предизборна програма за предвремените парламентарни избори.

– Како неколку најважни проекти што би ги издвоил е дека ќе продолжиме со промоција на Македонија како туристичка дестинација, што значи ќе продолжиме со интензивните рекламирања и подготовка на спотови за најпознатите светски медиуми. Кај сите овие е предвидено изработка на нови спотови, некаде повторување на постојните, но зголемен број емитувања со цел да се промовира државата што повеќе како туристичка дестинација, особено во земјите на Бенелукс – истакна неодамна вицепремиерот Владимир Пешевски, кој е и член на владиниот комитет за туризам, кој работи на унапредување на овој сектор.

– Втор многу важен проект што даде резултати во изминатиот период и кој имаме намера да го продолжиме е проектот за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет во Република Македонија, односно туроператори што носат туристи. Токму овој проект успеа да го заживее туризмот со земјите од Бенелукс, пред сѐ со туристите од Холандија и од Финска. Планираме овој проект да го прошириме понатаму и затоа во наредните четири години ќе издвоиме најмалку десет милиони евра, но очекуваме повеќекратно од овие средства да бидат вратени во Република Македонија и како приходи во буџетот, но, пред сѐ, како зголемен број туристи и отворање нови работни места – објасни Пешевски.

Според него се очекува секторот туризам да биде извор и на економски развој и на нови работни места бидејќи Македонија има што да покаже, а македонските граѓани се покажаа како едни од најуслужливите и најгостопримливите во светот и тоа треба да си добие соодветна валоризација.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 89. број на неделникот „Република“, 16.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top