Македонската јавност Ве знае како ликовен уметник, сопственик на „Остен“, кој вложи огромен труд и средства за да ја возобнови Галеријата на карикатури, но и колекционер на уметнички дела. Што од сето ова најмногу Ве исполнува? Каде најмногу се наоѓате?
Јанкуловски: Секоја активност што се прави со љубов исполнува и секоја има своја убавина. Со уметност почнав да се занимавам многу одамна, од 14-15 години и оттогаш сум постојано во некој креативен процес. Дали е тоа сликање, карикатура, колекционерство или менаџирање на „Остен“ – активностите се преплетуваат, надополнуваат и секогаш ми треба подолг ден за да го направам тоа што сум го замислил. Кај мене водечка сила е интуицијата, јас ја препознавам, ја следам и затоа можам да кажам дека секогаш се наоѓам токму таму каде што сум во моментот – уметник, карикатурист, колекционер или менаџер.
Деновиве во галеријата „Остен“ е поставена изложба на цртежи и на скулптури од Салвадор Дали. Кажете ни какви и кои дела ги содржи изложбата, а со оглед на тоа дека станува збор за уметнички дела што се во ваша сопственост, тешко ли е да се дојде до дела со потпис од големи уметници?
Јанкуловски: Отворањето на изложбата „Салвадор Дали – графики и скулптури“ е еден од тие моменти кога на површина излегуваат резултатите од долгогодишната посветеност и стануваат оправдување и мотив да продолжиш понатаму. На изложбата имаше преку 2.500 посетители, многу од нив млади, што особено ми е драго. Беа претставени дела од Салвадор Дали од колекцијата на „Остен“ – 14 графики (рачно потпишани), еден цртеж, две скулптури и шест дизајнирани керамички плочки.
Со можностите што ги нуди глобалниот пазар воопшто, а во овој случај пазарот на уметност, има можност да се дојде до дела на големи уметници, но не е лесно. Тука владеат други правила, кои треба да ги осознаеш и да ги применуваш за да дојдеш до работите што те интересираат, а по цени што можеш да си ги дозволиш. Треба голема посветеност, концентрација и следење за да може да се дојде до саканиот резултат.
Уште ми е подраго кога самите уметници ќе ја препознаат идејата, па се вклучуваат со оставање дела во колекцијата на „Остен“ во вид на легати. Неколку познати уметници веќе го имаат направено тоа, како на пример Васко Ташковски (35 дела), Глигор Чемерски (50 дела), Павле Кузмановски (170 дела), Ниче Василев (со околу 120 дела), како и Владимир Величковиќ (Србија/Франција) со околу 50 дела, Јоже Циуха (Словенија) со околу 250 дела, итн.
Исто така, самото Биенале на цртеж – Светска галерија на цртеж создава можности во колекцијата на „Остен“ да дојдат меѓу 500 и 700 дела годишно од уметници од целиот свет.
Како љубител на уметноста во Вашата колекција се и дела од реномирани автори како Пикасо, Вангел Наумовски… Дали е регистрирана Вашата збирка и како ги заштитувате уметничките дела?
Јанкуловски: Колекцијата, која ја собирав со години (30-40 години), беше основа за формирањето на колекцијата на „Остен“, која продолжи да се надградува по повеќе основи. Последниве години, во „Остен“ интензивно работиме на создавање услови за професионално чување на делата. Тоа подразбира нивно физичко сместување, евидентирање и архивирање. Имаме посебно дизајнирана база на податоци за евиденција, која се ажурира на дневна база, а за што посоодветна заштита, делата се чуваат во простор со посебни услови (апарат за одржување влажност на воздухот и сл.).
Со оглед на тоа дека и во тој дел од светот на уметноста постојат измами, сте наишле ли некојпат на фалсификати? Како излегувате на крај со процената на оригиналноста на делата?
Јанкуловски: Кога станувате дел од глобалниот пазар, истовремено сте изложени на глобален ризик. Бидејќи самиот процес на купување се одвива преку аукции на кои учествуваме од далечина (телефонски или онлајн), каде што прво се плаќа, а потоа се добиваат делата, има можност за измама. На пример, на аукција во Њујорк од Руски арт салон имавме купено две платна од Малевич и Сутин, за кои потоа се утврди дека се фалсификати. Од Лондон, пак, купивме дела од Кит Харинг и од Рој Лихтенштајн, кои воопшто не ги испратија. Се разбира, овие случаи се пријавени преку МВР во Интерпол.
Со тек на време се здобива доверба кај проверени и реномирани продавачи со кои се соработува со доверба и со задоволство, но, секако, постои ризик, како, впрочем, и во секоја работа и во сѐ во животот.
Разговараше: Невена Поповска | Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Мице Јанкуловски е објавено во 89. број на неделникот Република, 16.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


