| четврток, 6 декември 2018 |

Театарот „Глоуб“ прв добитник на наградата на „МНТ фест“

Наградата на „Глоуб“ ќе му биде доделена на затворањето на „МНТ Фест“ на 5 јуни, кога познатиот театар со четиривековна традиција ќе ја изведе претставата „Хамлет“ во два термина, од 16 и од 20 часот. Режијата е на Доминик Дромгул и Бил Бакхраст

театар

Театарот на Шекспир „Глоуб“ од Лондон ќе ја добие наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот, која првпат оваа година ќе ја додели Македонскиот народен театар (МНТ) на првиот меѓународен театарски фестивал „МНТ фест“.

–  Наградата ја симболизира театарската традиција на македонската почва и ќе се доделува секоја година. Наградата за исклучителни естетски достигнувања ќе се доделува на автори или театарски институции за нивниот придонес во театарската уметност – соопшти денеска на прес-конференција Дејан Пројковски, уметнички директор на МНТ.

Наградата на „Глоуб“ ќе му биде доделена на затворањето на „МНТ фест“ на 5 јуни, кога познатиот театар со четиривековна традиција ќе ја изведе претставата „Хамлет“ во два термина, од 16 и од 20 часот. Режијата е на Доминик Дромгул и на Бил Бакхраст.

– „Глоуб“ е една од институциите што ја трасираат новата визија каде треба да се движиме – посочи Пројковски зборувајќи за изборот на првиот добитник на востановената награда. Нејзиното име МНТ не го отркива до свеченото доделување. Се работи за статуетка поврзана со Скопје.

Првиот меѓународен театарски фестивал „МНТ фест“ ќе почне задутре, 25 мај, со „Вечната куќа“ на театарот-домаќин, за која влезот е слободен. Фестивалот требаше да го отвори Државниот театар од Тбилиси. Неговото гостување се поместува за втората половина на јуни поради поплавите во Србија, која заедно со Македонија, е во агендата на Грузијците за турнеја.

В понеделник на фестивалот ќе биде 50.а изведба на монодрамата „Сребрена свадба“ со актерката Катина Иванова, по текст на Габриел Гарсија Маркес, во режија на Звезда Ангеловска, која премиерно беше поставена во 2010 година.

Како што МНТ веќе најави, на 27 мај Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија ќе ја изведе „Лет над кукавичиното гнездо“ на познатиот режисер Александар Морфов, Националниот театар од Азербејџан ќе се претстави на 28 мај со „Мене…нас…“ во режија на Гунер Сатај, на 29-ти Црногороско народно позориште ќе ја изведе „Everyman Dzilas“ на режисерката Радмила Војводиќ, „Медеја“ на Томаж Пандур во изведба на Хрватско народно казалиште ќе гостува на 31 мај, а Народно позориште од Белград на 3 јуни доаѓа со „Народен пратеник“ на режисерот Саша Габриќ.

Во „Мојот театар“ ќе има средби со режисерите Морфов и Војводиќ, а во „Двајца за чај“ на 28 мај, на 3 и на 4 јуни ќе гостуваат актерите Тони Михајловски, Никола Ристановски и Сенко Велинов. Меѓу содржините на фестивалот е и промоција на книга драмски текстови од Срѓан Јаниќијевиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top