Илјадници угинати животнни се наоѓаат во надојдените води во поплавените подрачја на БиХ, а се заканува и опасност од зарази доколку тие итно не се отстранат поради што претседателот на Федерацијата БиХ, Живко Будимир, побара дополнителна помош од Хрватска.
– Може да се случи епидемиолошка катастрофа доколку дојде до распаѓање на мршите. Тоа би можело да предизвика големи проблеми и да ги контаминира објектите и земјата – изјави Будимир за локалните медиуми во БиХ, истакнувајќи дека во земјата нема доволно специјализирани тимови кои сами ќе ја завршат работата.
Будимир, по консултациите со осиечко-барањскиот жупан Владимир Шишљагиќ, предложи да се ангажраат сите расположливи моторни чамци и други пловила за животинските мрши да се отстранат од водата и на тој начин да се спречи можноста од избивање зарази.
Неговото барање е проследено на разгледување пред хрватските власти, јави агенцијата Хина.
Како што се проценува, илјадници мрши плутаат низ поплавените подрачја од босанска Посавина. Само во општината Домаљевац има околу 5.000 мрши крупна стока и домашни птици од кои околу 2.000 крај патот меѓу Шамац и Орашје.
Ветеринарните стручњаци во БиХ вчера предупредија дека остана многу малку време за отстранување на мршите по поплавите.
Според Јамин Феризовиќ, претседател на Ветеринарната комора на БиХ, мртвите тела мора да се отстранат најдоцна 72 часа од моментот на угинувањето бидејќи во спротивно се закнува избивање зарази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



