| четврток, 6 декември 2018 |

Владата на Србија ја укина вонредната состојба од поплавите

Владата на Србија денеска донесе одлука за укинување на вонредната состојба на целата територија на земјата, јави Танјуг.

britanija poplavi

Одлуката е донесена на владина седница, на која по предлог на српскиот премиер Александар Вучиќ е решено да се подготви посебен извештај за мерките преземени за време на поплавите, кој ќе биде доставен до Собранието на Србија и презентиран пред граѓаните.

Претходно, претседателот на српскиот Црвен крст, Драган Радановиќ, соопшти дека според најновите податоци, како исчезнати за време на поплавите на Србија се водат 73 лица.

Тој информираше дека досега се евакуирани околу 34.000 лица кои се сместени во 140 прифатни центри низ земјата, како и кај свои роднини и пријатели.

Началникот на Секторот за вонредни состојби при српското Министерство за внатрешни работи, Предраг Мариќ, соопшти дека состојбата со поплавите во Србија во моментот е стабилна, но дека и во следните четири дена ќе продолжи следењето на ситуацијата со нивото на водостојот во реките.

Во Белград ситуацијата на Сава и на Дунав е стабилна, во очекување на пораст на водостојот во текот на денов. На Дунав состојбата е под целосна контрола. Водостојот кај Бездан е под границата на редовната одбрана, а во Унгарија е во натамошен пад.

Ситуацијата во поплавените места во Срем се смирува, но, сепак, околностите не се безбедни за враќање на евакуираните граѓани.

На подрачјата погодени од поплавите досега се пронајдени 27 жртви, од кои најмалку десет или 11 починале од природна смрт. Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека обновата на земјата ќе се одвива во четири фази, а оти од донаторите се очекува една четвртина од потребните пари.

Паралелно со санирањето на последиците од поплавите, во Србија се преземаат и напори за спасување и наоѓање на исчезнатите домашни миленичиња. За таа цел е изработена посебна интернет-страница во која сопствениците не можат да испратат информации за нивните исчезнати домашни миленици или да добијат сознанија за пронајдени животни.

Формирана е и посебна мрежа на доброволци кои се задолжени за спасување и хранење на овие животни.

– Луѓето ни се обраќаат и ни кажуваат каде се наоѓа некое милениче и ние одиме таму – изјави 27-годишниот доброволец Иван Мунитлак, кој е дел од тимот што се грижи за помош на исчезнатите домашни миленичиња.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top