Македонија има целосна поддршка од Италија во заложбите за членство во НАТО и ЕУ, и со право истрајува на позицијата за почитување на меѓународното право. Во идното претседавање на Италија со ЕУ, проширувањето останува високо на агедата, а македонската држава може да смета на максимална поддршка и за развој на инфраструктурата и останатите области.
Ова, јави известувачот на МИА, е истакнато на денешната средба во Рим на претседателите на Македонија и на Италија, Ѓорге Иванов и Џорџо Наполитано.
Двајцата претседатели разговарале за отворените прашања со кои се соочува ЕУ, блокадите на Македонија во изминатиот период и за тоа како да се најде начин да успее во заложбите да стане членка на НАТО и на ЕУ.
– Од нивна страна, како и досега, ја имаме целокупната поддршка и помош и тие ќе бидат нашиот глас за време со претседавањето со ЕУ, изјави по средбата Иванов.
Заедничка оценка на македонскиот и на италијанскиот претседател е дека политичкиот дијалог помеѓу двете држави е на највисоко ниво и е добра основа за продлабочување на соработка во сите области.
– Не случајно мојата прва билатерна посета во вториот мандат е Италија затоа што е следниот претседавач со Европската унија и голем пријател на Македонија. Минатата година одбележавме 20 години од воспоставувањето дипломатски односи и за овие години Италија стана нашиот петти трговски партнер на Македонија. Не поддржуваат во сите наши заложби и Италија е навистина земја пријател на Македонија. Со претседателот Наполитано разговаравме за тоа дека во претседавањето со Унијата проширувањето останува високо на агендата, истакна претседателот Иванов.
Со неговиот италијански колега разговарале за меѓународното право во контекст на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, при што е истакнато дека Македонија со право истрајува на општо прифатените принципи за негово почитување.
Разговаравме, посочи Иванов, особено во контекст на неговата изјава што ја даде во Варшава, кога рече дека се уште ЕУ не е Европа и оти со вклучување на Западниот Балкан конечно ЕУ ќе може да зборува во името на цела Европа.
– Во тој контекст, беше спомнат и нашиот случај, особено со пресудата од Меѓународниот суд во Хаг, затоа што во последно време имаме случаи кога европски лидери се повикуваат на меѓународното право, а во други случаи забораваат истото тоа да го потенцират за Македонија. Претседателот на Италија кажа дека меѓународното право мора да се почитува, односно меѓународната заедница има обврска за почитување на воспоставениот стандард на целата планета, а тоа е меѓународното право. Исто така и дека Македонија со право истрајува на она што се општо прифатени принципи што треба да ги почитува секоја земја, затоа што ние со Грција сме презеле меѓусебни обврски со привремената спогодба, таа не ја почитува, поради што беше нашиот сучај во Хаг, рече Иванов, потенцирајќи дека однесувањето кон пресудата на Меѓународниот суд во Хаг не ни дава гаранција дека Грција ќе почитува каква било идна спогодба или договор, рече Иванов.
Македонија од Италија, додаде, очекува поддршка и во настојувањата за членство во Јадранско јонската иницијатива, каде италијанската држава е еден од значајните партнери. – Тоа, пред се, ни овозможува нашиот регион да се развива инфраструктурно и да имаме поврзување со останатите држави од регионот. Затоа заложбите на Италија се Коридоорт 8 да се оформи и тие ќе го поддржат тој процес затоа што тоа е и во нивен интерес, посочи Иванов.
Тој во Италија ја предводи македонската државна делегација во рамки на чествувањето на Свети Кирил. Четириесет и шесттата традиционална манифестација во чест на Свети Кирил, според Иванов, е исто така традиција која ги зближува Македонија и Италија на културен план. Соработката, пак, во областа на образованието, меѓу останатото, ќе се продлабочи и со меморандумите за соработка на македонски и италијански универзитети, предвидени при престојот на Италија.
По средбата со Наполитано, шефот на македонската држава ќе го посети Италијанското здружение за меѓународни односи, каде ќе одржи предавање на тема „Од Виа Игнација до Виа Европа“.
Во Ватиканските музеи синоќа, во присуство на претседателот Иванов, беше отворена изложба „Словенски ракописи од Македонија од 13. до 19 век“, со што почна 46. издание на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, со која паралелно се одбележува 20 годишниот јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и Ватикан. Програмата на манифестацијата продолжува вечер со изведба на балетската претстава „14 часа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани