| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Го славиме делото кое претставува мост за зближување

Претседателот Ѓорге Иванов испрати честитка до граѓаните по повод Денот на сесловенските просветители

ivanov inaug

Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, и да ви посакам најискрени желби за добро здравје, благосостојба и радосни празнични мигови. 24 Мај е голем празник бидејќи ги слави светите браќа Кирил и Методиј, кои својот живот го посветија на ширењето на христијанската вера на нашите простори преку својата мисионерска, учителска и просветителска улога. Преку својот ангажман како основоположници на словенската писменост и култура, тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени.

И оваа година македонската држава им оддава признание и почит на апостолите на Словените, славејќи го делото кое претставува мост за зближување, соработка и поврзување. Она во што тие веруваа и се залагаа, претставува дополнителен поттик да продолжиме и понатаму да даваме свој придонес за развој и промоција на образованието и науката. Големото дело на светите Кирил и Методиј нè задолжува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста.

Потсетувајќи на историската и епохална мисија на солунските браќа, остануваме доследни на нивниот пример за верба и истрајност, промовирајќи ја пораката за почитување на човековите права, слобода, достоинство, правото на идентитет, писменост и култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top