| четврток, 6 декември 2018 |

Маријана суспендирана од МТВ затоа што се фотографирала полугола за „Вест“

Презентерката на вестите на МТВ Маријана Димовска е суспендирана од работа, поради разголената фотосесија за „Вест”, која излезе минатата сабота – објави весникот.

– Mи се јави колешка од МТВ и ме праша зошто треба да ме смени на вести. Јас ѝ одговорив дека нема потреба од тоа, сè до утрово, кога разбрав дека МТВ нема да ми го продолжи договорот. Три часа пред да ми почне смената, ме викна директорот на МТВ, кој ми соопшти дека веќе немаат потреба од мене, поради тоа што фотографиите објавени во „Вест“ се негираат со политиката на куќата. Се договоривме спогодбено да не го потпишам договорот, кој ми истекува на први јуни. Јас не им одговарам ним, мене не ми одговара хонорарот. Во МТВ не бев вработена, имав авторски договор, кој го продолжував секој месец. Од тоа што го слушнав, ако е вистина, ова била идеја на уредниците. Ме чуди, ако толку им пречеле фотографиите, зошто не ме суспендираа веднаш откако излезе весникот во саботата? Јас водев вести и во саботата и во понеделникот – изјавила Маријана во телефонски разговор за „Вест“.

Од МТВ, пак, велат дека фотосесијата не е причина за непродолжување на договорот.

– Причина за непродолжување на договорот на Маријана не е фотосесијата, ниту тоа што била на насловна страница на „Вест“, туку главно е што во лето немаме потреба од хонорарци. Не сакам да се меша едно со друго. Маријана не доби отказ, таа не е вработена за да добие отказ. Со неа имавме авторски договор и тој договор истекува на први јуни. Не е само таа, договорот не им е продолжен и на други работници. Причината за тоа е што иде лето, има Светско првенство во фудбал, дури, можеби, нема ни вести да има. Од први септември, доколку има потреба, можеби, повторно ќе ги активираме. Ќе го кажам моето лично мислење како уредник, а тоа е дека тоа што го направи со фотосесијата не е во ред. Во МРТВ имаме етички кодекс за однесување на сите вработени и фотосесијата се негира со договорот. Среќа што Маријана не е вработена, зашто да беше, поради фотосесијата ќе беше на дисциплинска. Таа го прекрши кодексот и, како хонорарец, не можам да ја казнам со ништо, освен да не се продолжи договорот –  вели Диме Ратајкоски, одговорен уредник на првиот програмски сервис во МТВ за весникот.

Целиот текст во „Вест“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top