Преговорите траеја до последните часови од Путиновата дводневна посета на Кина, а главниот спор беше околу цената.
Тоа што е потпишан во 4 часот наутро укажува дека Путин бил решен да не заминува од Шангај без постигнат договор, оценува Би-би-си. Меѓутоа, финансиските детали се „комерцијална тајна“ така што не е познато на што сè морал да се согласи.
Долгоочекуваниот договор потпишан на 30 години ѝ дава на Москва економски поттик во моментот кога САД и Европската Унија настојуваат да ја изолираат поради украинската криза. Тој ѝ овозможува на Русија да го зголеми бројот на пазарите за гас, кој сега ѝ го продава главно на Европа.
-Русија и Путин можат да демонстрираат дека не се сосема изолирани поради украинската криза. Русија покажа дека има мошне сигурно стратегиско партнерство со Кина“, рече за АП Кеун-Вук Паик, вишиот соработник на Оксфордскиот институт за студии на енергетиката – пишува Вијести.
Рускиот гас ќе ѝ помогне на Кина да ги намали недостигот од овој енергенс и зависноста од јагленот. Кина во последниве 10 години најде други снабдувачи со гас. Туркменистан во моментов е нејзиниот најголем странски снабдувач, а минатата година почна да увезува природен гас од Мјанмар.
Газпром би требало да ѝ обезбедува 38 милијарди кубни метри гас годишно на кинеската Национална нафтена корпорација (ЦНПЦ), рече портпаролот на руската компанија Сергеј Кипријанов. Тоа е приближно една четвртина од моменталната кинеска годишна потрошувачка.
Русија ќе вложи 55 милијарди долари за исполнување на договорот, а Кина 22 милијарди, им рече Путин на руските новинари во Шангај.
Огромните руски полиња на гас првпат ќе се поврзат со азискиот пазар во процут со новиот гасовод преку Сибир, кој исто така е дел од пакетот.
Рускиот пратеник Алексеј Пушков, кој се најде на листата на американските санкции, рече дека договорот покажува дека Русија не може да се изолира.
-Обама би требало да се откаже од политиката на изолирање на Русија: нема да може – напиша Пушков на Твитер.
Еден британски експерт за енергија предупреди дека новата соработка би можела да доведе до зголемување на цената на гасот за европските клиенти, кои се сè позависни од Русија, а сега се соочуваат со конкуренција.
Шефот на Газпром Алексеј Милер одби да каже која цена е договорена, но извори од компаниите рекле дека Газпром одбил да оди под 350 долари за илјада кубни метри.
Повеќето европски клиенти плаќаат од 350 до 380 долари според повластените долгорочни договори потпишани во последниве две години.
Според оценката на Би-би-си, бидејќи гасоводот „Силата на Сибир“ нема да почне да испумпува гас до 2018 година, економскиот ефект врз европската криза ќе биде ограничен.
Поважни ќе бидат инвестициите на Кина во руската инфраструктура, наведува Би-би-си, заклучувајќи дека, иако Путин можеби не потпишал најдобар гасен договор, отворањето на економската врата со Кина би можело да биде поголемо достигнување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.