Една мајка од Лондон си го заборавила детето во такси, а таксистот тоа го забележал дури по 15 минути возење по Лондон, откако на тоа му укажал муштерија, кој седнал на задното седиште, пишува „Дејли мејл“.
Потоа се сетил дека девојчето и нејзината мајка ги качил во Ковент Гарден, каде биле на пазарење. За жал, мајката од таксито ги земала само кесите, додека ќерката ја „заборавила“.
За среќа, девојчето, очигледно, сакало да се вози затоа што не плачело и мајка му, по сè судејќи, не му недостигала. Од друга страна, додека таксистот стигнал до местото каде што мајката излегла од таксито, таа веќе повикала полиција и со 30-ина луѓе хистерично ја барала ќерката.
– Кога излегов со девојчето од таксито, народот скандираше и ракоплескаше. Беше како на филм. Мислам, луѓето во такси оставаат лаптопи или некои работи, но сè уште никој не оставил дете – раскажа шокираниот Ертан Расит.
Мајката подоцна раскажа малку поинаква приказна. Тврди дека таа не го заборавила, туку само прво од автомобилот ги извадила кесите, а кога се свртела да го земе детето, таксистот веќе тргнал.
– Викав и трчав по него, но ниту ме слушаше ниту ме гледаше – рече госпоѓата, чијашто приказна, сепак, имала среќен крај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


