| четврток, 6 декември 2018 |

Реприза на „Камен“ на Турски театар на сцената на Театар Комедија

Турскиот театар вечерва со почеток во 20 часот ќе ја изведе репризата на претставата „Камен“ од  Мариус вон Мејенбург, во режија на Билге Емин. Претставата ќе биде изведена на сцената на Театар Комедија (Стар МНТ) со титл на македонски јазик.

Преводот е на Сибел Арслан Јешилај, режија: Билге Емин, сценографија: М.Нуруллах Тунџер, костими: Марија Пупучевска, а музика: Оливер Јосифовски. Улогите ги толкуваат: Вита: Зиба Радончиќ, Волфганг: Џенап Самет, Хајдрун: Сузан Акбелге, Хана: Зубејде Селимовска Али, Мице: Фунда Ибрахим и Штефани: Билјана Јовановска.

Драмата „Камен“ претставува емотивно сеќавање, која го следи  животот на едно семејство од  Дресден во различни историски времиња (1935, 1945, 1953, 1978, 1993) и говори за семејниот мит, за криењето на вистината за злосторството на нацизмот.

Претставата се занимава со проблемот на губењето на идентитетот, односно градењето идентитет со лажно минато. Дали можеме да изградиме иднина без вистината за сопствената историја? Потребата од што е можно поскоро соочување со вистината е доказ дека без вистината не е возможен идентитет.

Во претставата, градењето на идентитетот почнува со неговото ослободување, до кое се доаѓа преку разрешување на семејниот мит. Лагата за семејниот мит, пренесуван од генерација во генерација, не настанала од потребата за фалсификување на историјата, туку како потреба за снаоѓање на „малиот човек во големите времиња“… вели режисерот Билге Емин.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top