| четврток, 6 декември 2018 |

Со аудиенција кај папата почнаа активностите на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“

На средбата меѓу Иванов и папата Франциск се разговарало за состојбите во христијанството, релациите на Македонија и Ватикан, кои годинава одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и за прашања од историјата, филозофијата и секојдневието

543992DAD399E73C60C03DC2142D1E9F

Со аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска во Ватикан, претседателот Ѓорге Иванов и македонска државна и црковна делегација ги почнаа активностите во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
На средбата меѓу Иванов и папата Франциск се разговарало за состојбите во христијанството, релациите на Македонија и Ватикан, кои годинава одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и за прашања од историјата, филозофијата и секојдневието.
– Со папата Франциск, разговаравме за тоа како да ги негуваме во Македонија вредностите кои се и основа на христијанството, односно почитта на другиот, дијалогот меѓу луѓето и желбата за постигнување мир и сплотеност меѓу луѓето во нашата држава, како и секаде во светот, како мисија што ја промовира и Неговата светост – изјави претседателот Иванов по средбата.
На средбата македонскиот претседател до Папата ја повторил поканата за посета на Македонија. Оценето е дека во изминатите 20 години од кога се воспоставени дипломатски односи на Македонија и Ватикан се изградени почит и пријателство кои создаваат основа за нова соработка.
На аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, Иванов беше придружуван од сопругата Маја Иванова, министрите за надворешни работи и за образование и наука, Никола Попоски и Спиро Ристовски, амбасадоорот на РМ во Ватикан Звонимир Јанкулоски, а црковната делегација ја предводи архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и во нејзин состав се митрополитот Европски г. Пимен, епископот Хераклејски г. Климент, отец Климент Мишањ, свештеник во Пјаченца, отец Гоце Костов, парох во струмичката католичка црква.
Папата Франциск од македонската делегација доби на подарок резба „Свети Кирил“ и икона од Богородица, како и книга со црквите во Македонија. По пленарната средба со Папата, претседателот Иванов и делегацијата, во Апостолската палата во Ватикан, имаа средба со државниот секретар на Светиот престол, монсињор Пјетро Паролин.
Во текот на престојот во Италија македонскиот претседател ќе има билатерална средба со
својот италијански колега Џорџо Наполитано, а ќе одржи и предавања на Универзитетот „Федерико Втори“ во Неапол и Институтот на Франко Фратини.
Културната програма од манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ почнува утревечер со изложба „Словенски ракописи од Македонија од 13. до 19 век, во организација на НУБ „Св. Климент Охридски од Скопје“. За време на манифестацијата ќе биде изведена балетската претстава „14 часа“ во театарот „Курино“.
На централниот настан од чествувањето, поклонението на гробот на Свети Кирил во црквата „Свети Климент“, молебен ќе одржи владиката Европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top