| четврток, 6 декември 2018 |

Донирани 143.370 евра парична помош од Македонците за настраданите во БиХ и во Србија

poplavi-srbija-555x370

Обилните врнежи што ја зафатија Република Србија и Босна и Херцеговина  во изминатиов период, кои доведоа до излевање на реките од речните корита, напукнување и излевање на неколку брани, предизвикаа бројни последици на инфраструктурата, земјоделските посеви и домовите на жителите во неколку региони во државата.  Црвениот крст на Р. Македонија веднаш по појавата на природната катастрофа, која ги зафати подрачјата на Србија и на Босна и Херцеговина, направи контакти со двете национални друштва на Црвениот крст и амбасадите на двете држави во РМ, и во согласност со материјално човечките ресурси понуди помош во екипи и опрема за спасување (гумени чамци, спасители, тим за процена за хуманитарните потреби на населението и станица за прочистување вода). По објавениот апел од страна на Меѓународна федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина, Црвениот крст на Р. Македонија преку Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвениот крст се вклучи во собирање хуманитарна помош.

Црвениот крст на РМ на 19.05.2014 од магацинот во Момин Поток  го испрати првиот конвој на хуманитарна помош од 5 шлепери со околу 100 тона – во вредност  од 2.675.950 ден или 43.511 евра за настраданото население од поплавите во Србија. Целокупната активност е во координација со Црвениот крст на Србија и со учество на амбасадата на Република Србија во РМ. На 20.05.2014 од магацинот во Момин Поток тргнаа 4 шлепери помош околу 80 тона –  во вредност од 1.503.443 ден или 24.446 евра за настраданото население во Босна и Херцеговина. Целокупната активност е во координација со Црвениот крст на Србија и со учество на Амбасадата на Босна и Херцеговина.

Наведената помош е дел од помошта обезбедена од индивидуални донации на граѓаните на РМ, донации од фирми и компании и резервите на Црвениот крст на РМ. Логистичка поддршка за транспортот на хуманитарната помош дава Владата на РМ.

Во текот на вчерашниот ден беа собрани околу 50 тони храна, 25 тони хигиена, 2000 ќебиња, 5 тони млеко, 80.000 литри вода, 2 тона бебешка храна, 2000 пара обувки, 20 тона  употребувана облека, други намирници и останата материјална помош.

Паричните средства собрани од трите телефонски оператори 070/075/077 за донации на Црвениот крст заклучно со 20.05.2014 изнесуваат 8.860 300 денари или 143.370 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top