| четврток, 6 декември 2018 |

Љубовта не е вљубеност

Кога две личности, кои биле странци, како што и сите ние сме, ненадејно дозволат да се урне ѕидот меѓу нив, да почувствуваат блискост, соединување, тој момент ќе биде еден од најблажените, највозбудливите доживувања во нивниот живот.

Тоа доживување е уште поубаво и почудесно за лицата, кои биле осамени, изолирани, несакани. Тоа чудо на ненадејна интимност често е олеснето доколку е споено со сексуална привлечност и задоволство или на таков начин е поттикнато.

Оваа состојба на вљубеност ја опишал Ерих Фром, а слично во својата книга „Патот по кој поретко се оди“ ја опишува и Скот Пек. Од сите заблуди во врска со љубовта, најсилно и најуверливо е тоа дека „вљубеноста“ е љубов или барем една нејзина манифестација.

Повеќето од нас патат поради својата осаменост и тежнеат да побегнат надвор од ѕидините на поединечниот идентитет во состојба, која повеќе ќе се изедначи со надворешниот свет. Искуството на вљубеност ни дава можност за вакво бегство, но на кусо. Суштината на феноменот на вљубеност е ненадејно уривање на еден дел од границата на егото, што ни дозволува да го стопиме својот идентитет со идентитетот на другата личност. Ненадејното ослободување на себе од самиот себе, експлозивното прелевање во оној кого го сакаме и драматичниот прекин на осаменоста, што е проследено со уривање на границата на егото е искуство, кое повеќето го доживуваат како екстаза. Споени сме со оној кого го сакаме! Нема повеќе осаменост!

Но двајцата автори се согласуваат дека вљубеноста по природа не е трајна. Кога двајца луѓе подобро ќе се запознаат нивната интимност го губи чудесниот карактер, а првобитното возбудување се претвора во разочарување и досадување. И тогаш заклучуваме дека се било грешка, дека сепак не сме ја нашле вистинската личност, се обидуваме се одново. Или пак
остануваме во врската разочарани и уверени дека љубовта воопшто не постои.

Во нашата култура романтичната љубов се става на пиедестал. Сите очекуваме да се вљубиме. Нашите срца мораат постојано да чукаат, нашите мисли мораат постојано да бидат насочени кон саканата личност, а сексуалната желба треба секогаш да биде голема.

Многумина од нас тежнеат за ваква интензивна љубов, дури и доколку по природа не сме нешто посебно романтични. Веруваме дека еден чудесен ден ќе ни се случи токму таква љубов: ќе го сретнеме и ќе препознаеме дека станува збор за оној вистинскиот и ќе живееме среќно се додека смртта не не раздели.

Во која мерка сите описи за љубовта од филмовите и романите се совпаѓаат со реалноста? Малку или воопшто! Потребни се недели, месеци, па и години за добро да запознаеме некоја личност и да видиме дали ни одговара. Тешко можеме во истовреме да бидеме лудо вљубени и објективно да ја проценуваме нашата иднина со партнерот.

Некои луѓе се повнимателни и порационални и сепак размислуваат добро пред трајно да се врзат со некого, други пак влетуваат во односот без оглед на предупредувањата од типот не брзајте, запознајте се подобро и живејте некое време заедно. Што е уште полошо таквите романтичари обично немаат сила да излезат од односот, кога ќе се појават сериозни
проблеми, најчесто поради страв, срам или претерана зависност од партнерот.

– Ниту една човечка активност не почнува со толку големи надежи и очекувања и не завршува со толку тешки и болни разочарувања. Кога тоа би било случај со која било друга активност, пишува Фром, луѓето би биле љубопитни кои се причините за тој неуспех и што човекот би можел да стори за да го подобри тоа. Тој нагласува дека првиот чекор во тоа настојување е спознанието дека љубовта претставува умешност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top