Сарајлиите повторно се гости во Скопје. Во организација на „Дрим тим Скопје“, Дражен Жериќ-Жера и другите членови на групата, само една година пред нивниот голем јубилеј, 30 години на сцената, повторно ги запеаја нивните незаборавни хитови.
Жера, кој е препознатлив по својот остар однос кон медиумите, сепак, не можеше да не испрати поздрав со стиховите „таму каде вечно сонце сјае“.
– Драго ми е секогаш кога ќе дојдеме во Македонија, тука сѐ е топло и искрено. И овојпат ќе дадеме сѐ од себе за да направиме концерт за паметење – вели Жера.
Посетите на Македонија секогаш му течат без план, но без едно задоволство не може да се почне престојот на југот.
– Задолжителна е само чорбата, па скарата, а потоа што биде, нека биде – коментира тој.
Без разлика на тешките времиња низ кои поминаа сите групи од поранешните југословенски републики, „Црвена јабука“ и ден-денес работи на нови албуми и материјали. Следната година го слават своето 30-годишно опстојување на музичката сцена на Балканот. Но, Жера не гледа на годините како на некој посебен успех неповрзан со неговата работа. Според него, музиката и математиката не одат заедно.
– Сѐ уште не е крај, па да се прават анализи. Ова не е математика. Песната е душа, не може да се гледа како на државна сметка – смета Жера.
Можеби составот на групата често се менуваше, но љубовните песни останаа карактеристични за „Црвена јабука“. Според нејзиниот лидер, не постои формула за евергрин.
– Не постои рецепт како во кујна, ниту, пак, песната може да се нарача како јадење во ресторан. Нема правила, нема објаснувања. Само емоција без силикон – вели Жера.
Босанецот упорно им пркоси на годините. Вели дека ќе одмора дури кога ќе умре. До тогаш ќе работи на тоа да остане запаметен и да ужива во плодовите од тешката работа дури е жив.
– Жалосно е што обично дури кога човек ќе умре, некој му дава потврда за тоа колку е добро тоа што го работел – смета Жера.
Тој вели дека „Црвена јабука“ ќе има уште многу песни и албуми, со кои и групата и ние полесно ќе ги преживееме тешките времиња.
– Заситен сум од човечката глупост, од песната никогаш не се наситив – завршува тој.
Интересни факти за „Црвена јабука“:
– Групата своето име го добила кога на еден од првите состаноци со продуцентите, тапанарот Дарко Јелчиќ–Цера донел црвено јаболко.
– Само една година по основањето, на патот кон Мостар, каде што требало да настапуваат, групата доживува тешка сообраќајна несреќа, во која загинуваат двајца од членовите, меѓу кои и првиот лидер Дражен Ричл-Зијо.
– Групата неколку пати го смени својот состав, но од почетокот до ден-денес во неа членуваат Дарко Јелчиќ и Дражен Жериќ-Жера, кој го презеде лидерското место и ја оживеа групата по трагедијата.
– Поради тешките услови во Босна, сите членови на „Црвена јабука“ во деведесеттите години почнаа да го напуштаат Сараево. Последен остана Жера, кој, сепак, во 1994 година замина во Загреб, каде што живее и работи и ден-денес.
– „Црвена јабука“ има повеќе од 20 албуми, студиски, компилациски и снимени на концертите низ цел Балкан во живо.
(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.