| четврток, 6 декември 2018 |

Романтична фотографија за двата трофеи на Работнички (фото)

Работнички одигра одлична сезона и ги собра двата трофеи во македонскиот фудбал, што е причина за голема радост на популарните „романтичари“. Едно самофотографирање за две титули, фотографија за аналите на клубот, кој тивко, но мошне умешно и квалитетно се наметна како најдобра екипа во сезоната 2013/14 во Македонија.

Прво со победа од 2-0 во финалето против Металург го освоија пехарот наменет за победникот на националниот куп, а потоа со триумф над Еуромилк на едно коло до крајот на домашниот шампионат ставија печат и на шампионската круна. Работнички ќе нѐ претставува во квалификациите за Лигата на шампионите, а во Европа ќе играат и Турново, Металург и Шкендија.

Вардар, кој беше фаворит за трета едноподруго круна, на крајот извиси и со реми во Штип против Брегалница го заврши првенството на петтата позиција која не води во Европа. Од Првата лига испаднаа Напредок, Гостивар, Македонија Ѓ.П. и Еуромилк, а нови членови на елитата се Тетекс и Силекс, екипи што се враќаат во Првата лига по пауза од една сезона.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top