
Откако беа објавени две англосаксонски листи, северноамериканска и британско-ирска, а потоа и листата на јужноамерикански романи што го освоија светот, британскиот весник „Дејли телеграф“ објави листа на 15 најдобри европски и руски романи.
„Дејли телеграф“ не прави рангирање на романите, туку само избор на 15 најдобри романи и, според книжевните критичари, листата ја отвора прочуеното дело „Процес“ (1925) на Франц Кафка. Уште од самиот почеток, кога Јозеф К. е уапсен без објаснување, читателот е вплеткан во ова единствено дело на 20 век, кое ја доловува атмосферата на светот во кој живееме.
Објавен во првите години по Втората светска војна, романот „Зар е тоа човек“ (1947) донесува потресно сведоштво за Аушвиц. Ова ремек-дело го напиша поранешен заробеник на овој озлогласен логор, италијанскиот писател и научник Примо Леви.
На листата се најде и романот „Живот: Упатство за употреба“ (1978) на Французинот Жорж Перек, еден од најуспешните експерименти на 20 век. Станува збор за книжевна сложувалка. Дејството се случува во една куќа во Париз, за осум часа во една ноќ, на 23 јуни 1975 година.
На листата, исто така, се најде и „Дон Кихот“ (1605-1615) на Мигуел де Сервантес – таткото на сите современи романи. Тешко е да не се сакаат неговите романи и, едноставно, да не им се препуштите на соништата за поубавиот свет и на приказната за витезите и за борбата со ветерниците…
Иако не е роман во класична смисла, на листата се најде и збирката есеи на Жан Жак Русо „Исповеди“ (1782). Неговата првобитна идеја да се анализира себеси со сите свои мани и доблести, на еден начин, го смени погледот на светот во тогашна Европа.
Место меѓу петнаесетте најдобри романи на светот во изборот на „Дејли телеграф“ најде и „Во потрага по загубеното време“ (1913-1927) на Марсел Пруст. Трансформацијата на интровертното дете во уметник се запишани во еден од, според многумина, најдобрите романи и, секако, најдолгите.

„Неподнослива леснотија на постоењето“ (1984) на Милан Кундера, исто така, е на листата во која доминираат романи од 20 век. Софистицирано дело, кое личи на поврзани есеи, претставува совршен отпор на тоталитаризмот во сите облици, со низа интересни живи јунаци, кои не се забораваат.
Меѓу руските класици се најде и „Ана Каренина“ (1877) на Лав Николаевич Толстој, ремек-дело, кое и многу децении по објавувањето претставува реална слика не само на руското општество, туку и на човечката душа.
На листата е и романот „Гркот Зорба“ (1946) на Никос Казанѕакис, кој раскажува за грчкото секојдневие, а ни го доловува преку ликот на разиграниот Грк.
Најстариот претставник на европската книжевност на листата е ренесансната класика „Декамерон“ (1351-1353) на Џовани Бокачо. Мрежата направена од 100 испреплетени приказни што ги раскажуваат жителите на Фиренца, криејќи се од чумата, се претвори во една од најдобрите слики на човечката душа и природа, но и на човечкото општество во целина. До оваа италијанска класика на листата има уште едно дело на италијанската книжевност на 20 век, романот „Ако една зимска ноќ, некој патник“ (1979) на Итало Калвино.

Уште една руска класика е на листата, тоа е „Злосторство и казна“ (1866) на Фјодор Михајлович Достоевски. Овој роман може да се чита како криминалистичка приказна, како возбудлив психолошки роман, како борба меѓу идеалите и против нив… Овој роман е вистинско отсликување во неколку дела на руската душа.
Романот „Принцезата де Клев“ (1678) за кој се верува дека го напишала Ла Фајет е приказна за жена што живее за својата љубов и се бори за неа, без разлика на цената што треба да ја плати. Овој роман важи за прв психолошки роман. Подоцна, писателите како Жорж Санд во ова дело пронашле доволно материјал за своите лудории.
Романот на Михаил Лермонтов „Херојот на нашето време“ (1839) не само што е херој на нашето, туку и на секое време.
Листата на „Дејли телеграф“ ја затвора романот на Томас Ман „Исповед на измамникот Феликс Крул“. Ова е последно дело на Ман, за кое критичарите сметаат дека е едно од најзабавните, го бара одговорот на едно од најголемите прашања што го мачи писателот – дали уметниците се лажговци? Дали декаденцијата ќе ја уништи Европа? Патот до одговорот на ова прашање се наоѓа во овој роман на Ман.
Кои се најдобрите англосаксонски романи?
„Дејли телеграф“ објави листа и на 15 најдобри автори од Северна Америка, не образложувајќи ги критериумите по кои е составена листата.
Листата ја предводи делото на Натаниел Хортон, „Писмото на Скарлет“, а потоа се „Моби Дик“ на Херман Мелвил и „Авантурите на Хакалбери Фин“ на Марк Твен.
На листата се уште и:
„Повик на дивината“ на Џек Лондон,
„Плодовите на гневот“ на Џон Стајнбек,
„Денот на независноста“ на Ричард Форд,
„Колос од Марусија“ на Хенри Милер,
„Ловец во житото“ на Џером Дејвид Селинџер,
„Страв и параноја во Лас Вегас“ на Хантер С. Томас,
„Љубена“ на Тони Морисон,
„Сите тие убави коњи“ на Кормак Макарти,
„Срцето е осамен ловец“ на Карсон Мекалерс,
„Мозаик на бегалци“ на Ен Мајклс и
„Мора да разговараме за Кевин“ на Лајонел Шрајвер.
Меѓу романите што се најдоа во потесниот избор, но не и во најдобрите 15 се и:
„Големиот Гетсби“
„За кого бијат камбаните“ и
„Колибата на чичко Том“.
Британско-ирската листа почнува со „Том Џонс“ на Хенри Филдинг, духовита приказна за пикантните авантури на главниот јунак во 18 век. Потоа се „Ема“ на Џејн Остин, „Големите очекувања“ на Ч арлс Дикенс, а на листата се уште и „Госпоѓа Деловеј“ на Вирџинија Вулф, „Љубовникот на леди Четрли“ од Д.Х. Лоренс, „Јас, Клаудиј“ на Роберт Грејвис…
На листата кај латинскоамериканските романи меѓу првите десет го нема Борхес
Листата на десетте најдобри латинскоамерикански романи, кои ја составија литературните критичари на „Дејли телеграф“, ја предводи „Градот и кучињата“ (1963) на нобеловецот Марио Варгас Љоса.
На листата е култниот роман „Куцкамен“ на Хулио Кортесар за кого Пабло Неруда своевремено велел дека тие што не го читале Кортесар, страдаат од сериозна, невидлива болест. Свое место на листата има и „Сто години самотија“ (1967) на Габриел Гарсија Маркез, потоа „Моќ и слава“ (1940) на Греам Грин, „Дневникот на мотоциклистот“ (1993) на Ернесто Че Гевара.На листата се најде и збирката есеи „Лавиринт на самотијата“ (1950) на Октавио Пас, кој извршил големо влијание на мексиканската интелигенција, а универзалноста на ова дело му донесе светска слава. Во одбраното друштво е и „Куќа на духови“ (1982) на Изабел Аљенде, новинарката што кога се појави во крајот на осумдесеттите години со своето дело ја остави без зборови читачката публика. За делото на Пауло Коелјо „Алхемичарот“ се дебатира со децении, но неспорно е влијанието на романот во поп-културата. Доволно е да се спомене дека ова е најпродавана книга на еден жив писател. Роберто Болањо го напиша романот „Диви детективи“, кое му овозможи да влезе во овие 15 најдобри романи, а листата на „Дејли телеграф“ ја затвора романот „Како вода за чоколада“ на Лаура Ескивел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


