| четврток, 6 декември 2018 |

Од голтање многу антибиотици на крај ќе нема лек за идните генерации

Според извештајот на СЗО, Македонија е во друштво со Турција, Србија и со Литванија, кои имаат највисока отпорност на антибиотици против бактерии поврзани со болести на белите дробови. Во Македонија е алармантна отпорноста на антибиотици против бактериите што предизвикуваат цревни заболувања

Zivot88-Antibiotici-1

Јане третпат годинава влегува во ординацијата кај својот матичен лекар и инсистира да му препише антибиотик, амоксиклав, по можност, бидејќи тој, според неговите познавања, имал широк спектар на дејствување. Му тече носот, има кивавица, изнемоштен е, има болки во мускулите и инсистира да добие антибиотик за да се излекува побрзо. Матичната лекарка го советува да пие повеќе течности, да јаде повеќе овошје и зеленчук, да избегнува јагленохидрати во исхраната и да одмора повеќе. Тој не го добива антибиотикот од лекарката, но решава на своја одговорност да го купи, приватно, без рецепт.

Јане е еден од 50 илјади Македонци што дневно пијат антибиотик. Македонија е лидер во Европа по голтање капсули. Пред нас се само Грција и Кипар. За антибиотска терапија во земјава годишно се трошат 12 милиони евра. Споредено со Словенија, во Македонија два и пол пати повеќе се користат антибиотици.

Според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), светот е загрозен од бактерии што се отпорни на антибиотици. Тие бактерии се поопасни дури и од сида, се вели во извештајот на СЗО. Нам ни се заканува постбактериска ера во која антибиотиците што порано дејствувале, веќе не се ефикасни бидејќи бактериите развиле отпорност на нив поради пречеста употреба. Според извештајот на СЗО, Македонија е во друштво со Турција, Србија и со Литванија, кои имаат највисока отпорност на антибиотици против бактерии поврзани со болести на белите дробови. Во Македонија е алармантна отпорноста на антибиотици против бактериите што предизвикуваат цревни заболувања. Стапката на отпор е 46,3 отсто, што е највисока во светот, се вели во извештајот на СЗО.

– Само кај нас сѐ уште се препишува антибиотик за бактеријата стрептокока ауреус, според некои застарени правила. Тоа е бактерија која секој од нас ја носи во себе. Бадијала се пијат антибиотици за таа бактерија. Организмот така развива отпорност. И тоа не е случај само со оваа бактерија. Нашата нација едноставно има навика да голта апчиња. На сите семинари што ги посетуваме, постојано ни се потенцира да се редуцира употребата на антибиотици – вели д-р Марија Андоновска, општ лекар.

Според неа, многу е ниско нивото на медицинска култура во Македонија. Без разлика на достапноста до информации во ова време, интернетот, отвореноста на лекарите да објаснат за штетните последици од пиењето антибиотици кога нема потреба, многу бавно се придвижуваат работите во земјава. Доктор Андоновска смета дека само преку медиумите може да се влијае врз навиките на пациентите.

– Неверојатна е злоупотребата на лекови, особено на антибиотици. Не успева ниту инсистирањето на лекарите дека антибиотик се препишува откако ќе се направат крвна слика, тестови од урина и ќе се земат примероци, па ако има присуство на бактерија, тогаш ќе се препише антибиотик. Деведесет проценти од пациентите инсистираат на антибиотик. Ги советуваме дека тоа не е исправна терапија, дека грипот, настинката или, пак, кивавицата не се лекуваат со антибиотик, туку со лежење и со многу течности и одмор – објаснува д-р Андоновска.

 

Доктор Оз или хомеопатија?

Хомеопатијата е тренд кој ја зафати Македонија во последната декада, а медицинските лица не сакаат многу да коментираат во врска со резултатите што се добиваат со тој начин на лекување. Маја, мајка на деветгодишниот Виктор и тригодишната Ивана, е решена да ги лекува своите деца со хомеопатски лекови.

– Мислам дека ги „отрув“ децата со антибиотици. Откако Ивана почна да оди во градинка, минатиот септември, постојано е болна, ѝ тече носот, има бактерија во носот која си ја пренесуваат со брат ѝ. Не знам колку сирупи на антибиотска база испи. Затоа почнав да се интересирам за хомеопатијата како лекување. Ќе видиме дали ќе даде резултат – вели Маја.

Хомеопатијата ги лекува заболувањата на тој начин што го следи природниот тек на болеста, при тоа помагајќи му на организмот да се врати во својата рамнотежа.

– Македонците седат пред телевизор, ги гледаат доктор Оз и баба Рада и потоа доаѓаат во ординација и бараат да им се препише антибиотик за да оздрават побрзо. Тука нешто навистина не е во ред. Едноставно, недостига медицинска наобразба. Тоа не значи дека сите треба да станат лекари и сами да се лекуваат (а, тоа многу често го прават), туку да ги читаат упатствата и да ги слушаат препораките од лекарите – вели д-р Андоновска.

 

Во Македонија во 2013 година се откриени 511 резистентни изолати

Во Македонија минатата година во 26 лаборатории биле откриени 511 резистентни изолати.

– Во првите шест месеци од хемокултури, односно од крв се изолирани 24 бактерии стафилококи, од кои осум, односно 33 отсто, спаѓаат во групата на резистентни. Македонија има проблем со резистентни стафилококи. Има појава на бактерии што се резистентни кон пеницилин и цефалоспорин, со тоа што бројот се намалува – соопштуваат од Институтот за јавно здравје.

Дел од бактериите во својата природа имаат вродена отпорност кон антибиотици, но има и бактерии што со текот на времето се адаптираат на живот во присуство на антибиотици и создаваат механизми со кои стануваат отпорни. Кога антибиотиците се користат повеќе од дозволеното, тогаш бројот на таквите бактерии се зголемува, особено бројот на таканаречени мултирезинстентни бактерии кои се отпорни кон повеќе антибиотици. Така се зголемува можноста еден антибиотик да не може да дејствува тогаш кога навистина е потребен.

– Не постојат слаби или јаки антибиотици, туку секој антибиотик уништува одредени бактерии. Кај нас, поради пречестата употреба на условно кажано послабите антибиотици, пациентите на крај пијат сумамед. Тоа не е случај со скандинавските земји, на пример, каде што малку се користат лекови. Затоа ним им дејствува, на пример, амоксиклав и не им е потребен сумамед или панцеф – објаснува д-р Андоновска.

Zivot88-Antibiotici-2

Што се антибиотици?

Антибиотици се лекови што се користат за лекување бактериски инфекции, како што се пневмонија, сепса, туберкулоза, со убивање на бактериите или спречува на нивниот раст. Непотребното и зголемено употребување на антибиотиците ја намалува нивната моќ да дејствуваат кога се потребни.

Во последните 25 години не е откриен нов антибиотик. Примената на антибиотиците во сериозни инфекции предизвикани од бактерии и примената на вакцините го продолжуваат животот на луѓето.

За откривање на еден антибиотик, се потребни децении, а отпорност се создава за помалку од еден месец. На глобално ниво свеста за нерационалната употреба на антибиотици е висока, но уште постојат многу земји каде што тие може да се земат и без рецепт.

Овие лекови ги убиваат патогените бактерии, кои ги предизвикуваат инфекциите, но истовремено се убиваат и корисните бактерии во цревата, вагиналната флора и устата, кои имаат одбранбена улога во организмот, со што може да дојде до драстично намалување на имунитетот. Во организмот на човекот живеат повеќе од илјади таканаречени добри бактерии и тие се неопходни за нормално функционирање. Кога ги нема, тогаш се појавуваат штетни микроорганизми, како што се габите. Затоа треба да биде внимателен при употребата на антибиотиците, советуваат лекарите.

 

Отпорноста не избира возраст и земја, секој е потенцијална жртва

Отпорноста на антибиотици потенцијално може да го загрози секој човек, без разлика на возраста и земјата во која живее, се наведува во извештајот на СЗО. Тоа е голема закана за јавното здравје, а последиците ќе бидат разорни, се наведува во документот.

Светот се движи кон ерата на антибиотици во која една обична инфекција или помала повреда, која со децении можела да се лекува, може да биде смртоносна. Супербактериите може да избегнат влијание дури и на најсилните антибиотици и тие се пронајдени во сите региони во светот. Една од најпознатите супербактерии е МРСА, која во САД и во Европа секоја година убива по околу 19 илјади лица, што е поголем број од тие што починале од сида.

 

За да бидат ефикасни, антибиотиците треба да ги употребуваме соодветно

Од 2013 година Македонија се приклучи на централноазиски и источноевропски систем за следење на антимикробната резистенција (ЦАЕСАР) на Светската здравствена организација (СЗО). Тоа е еден од клучните чекори во борбата со овој здравствен проблем, односно отпорноста на бактериите – следењето на антимикробната резистенција. Во таа насока е и препораката за примена на методологијата ЕУКАСТ за одредување на осетливоста на бактериите кон антибиотици.

Ако сакаме антибиотиците да бидат ефикасни, треба да ги употребуваме соодветно и рационално. Антибиотската резистенција е проблем кој ги засега сите – од тие што ја креираат политиката, тие што ги произведуваат, тие што ги препишуваат до тие што ги употребуваат антибиотиците. Според истражувањата на СЗО, половина од сите пациенти ги употребуваат несоодветно.

– Антибиотиците мора да се употребуваат така како што се препишани од доктор, во препорачана концентрација, време на земање и интервал меѓу две дози. Дури и кога пациентот се чувствува добро, препишаниот антибиотик мора да се зема соодветно и до крај. Никогаш не треба да се користи антибиотик оставен од лекување на претходна инфекција. Но, поради многу ниската медицинска култура кај нас, тоа често не се применува. Кај нас дозите на антибиотици се обично доволни за 4-5 дена. И кога на пациентите им велиме да дојдат на контрола, откако ќе ги испијат пропишаните таблети, за да им препишеме нови, ретко, многу ретко се враќаат во ординацијата на контрола. И така, лечени-недолечени, сами свој лекар, не ја земаат терапијата до крај – вели д-р Андоновска.

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top