| четврток, 6 декември 2018 |

Нема веќе ќе ти платам кога ќе имам

Законот за финансиска дисциплина се однесува на регулирање на обврските меѓу приватните субјекти со рокови за плаќање од 60 дена, освен доколку двете страни не се договорат поинаку, кога исплатата може да се изврши максимум до 120 дена. Спроведувањето на овој закон треба да ја зголеми ликвидноста на економијата, обемот и брзината на стоковно-паричните трансакции, што ќе има директно влијание врз зголемувањето на обемот на агрегатната побарувачка и БДП на земјата

Ekonomija88-1

Од почетокот на овој месец почна примената на Законот за финансиска дисциплина, кој во практика треба да овозможи регулирање на меѓусебните плаќања на приватните субјекти во рок од 60, односно 120 дена, ако е тоа предвидено со договорот. Роковите за исплата на долгот на државата кон приватните фирми, пак, е уште пократок, поточно не може да биде подолг од 60 дена. Исклучок претставуваат договорите со кои се предвидува повеќегодишна јавна набавка, кога плаќањата се извршуваат во согласност со динамиката на реализација на набавката што е предмет на договорот. Практичната примена на Законот за финансиска дисциплина значи дека нема веќе склучување договори за работа со плаќање кога ќе се има и кога ќе се може.

Договореното за работа ќе мора да се направи во предвидениот рок, во согласност со склучениот договор меѓу странките, но и плаќањето да биде во рок од два, односно четири месеци. Овој закон го бараа и го добија компаниите и тие, генерално, очекуваат позитивни ефекти од неговата примена. Сметаат дека тој ќе воведе ред во меѓусебните плаќања во приватниот сектор, но, што е уште побитно, и државата ќе мора да се придржува до предвидените рокови. Сепак има и предизвици на патот на примената на овој закон. Еден од нив е фактот што компаниите, кои во иднина веќе нема да можат бесконечно да го одложуваат плаќањето на фактурите, можат да навалат кај банките барајќи кредити за обртни средства.

– Очекувањата на бизнисмените од спроведувањето на Законот за финансиска диспциплина се многу позитивни. Сепак првите резултати од неговото спроведување ќе бидат видливи кон крајот на оваа и почетокот на идната година. Со одредбите на овој закон се предвидува намирување на платежните обврски како меѓу приватните субјекти, во рок од 60 дена, односно 120 дена, ако се направи таков договор, но и на државата кон приватните субјекти во рок од 60 дена. Навременото намирување на обврските треба да ја подобри ликвидноста на приватниот сектор. Исклучок е Фондот за здравство, за кој одредбите од законот ќе почнат да важат дури по две години – вели Мирче Чекреџи, од Сојузот на Стопански комори на Македонија.

– Донесувањето на овој закон ќе ја подобри финансиската дисциплина. Очекуваме дека тие компании што ќе бидат нередовни со плаќањата, полека да бидат исклучени од функционирањето. Одредени проблеми се можни на почетокот, посебно кај тие фирми што имаат заостанати обврски. Но очекуваме надминување на проблемите. Генерално, секоја од компаниите индивидуално е подготвена за примена и за спроведување на  новата регулатива. Тие што не се во можност да ги исполнат барањата побараа алтернативни начини за расчистување на старите обврски, најчесто во форма на банкарски кредити – велат од ССК.

Идентичен став изразуваат и одговор­ните во Стопанската комора на Маке­донија.

– Законот за финансиска дисциплина, кој почна да се применува од 1 мај 2014 година – по четири месеци од негово влегување во сила (8 јануари 2014 година), воспостави обврска за компаниите меѓусебните плаќања да ги извршуваат во рок од 60 дена, кој по исклучок може да изнесува најмногу до 120 дена, а во случај кога рокот за плаќање не е утврден или кога договорите содржат ништовна одредба во однос на рокот за плаќање во согласност со одредбите на овој закон, плаќањата треба да се извршат во рок од 30 дена. Освен што се дисциплинираат компаниите, со овој Закон се воспоставува обврска и за субјектите од јавниот сектор плаќањата кон приватните субјекти да ги извршуваат во рок од 60 дена. За дел од нив – Фонд за здравствено осигурување, за корисниците на средства од него, за јавните здравствени установи, јавните претпријатија и за трговските друштвата основани од државата, општините или Град Скопје, Законот е со одложена примена од 1.1.2016 година. За овие субјекти крајниот рок за намирување на паричните обврски за оваа година е 120 дена, а за 2015 година изнесува 90 дена – велат од Стопанската комора на Македонија.

Според одговорните во СКМ, Законот за финансиска дисциплина е добро системско решение бидејќи соодветствува со европската регулатива и ја нагласува одговорноста на сите субјекти за редовно и навремено намирување на паричните обврски. – Со тоа се очекува дека ќе помогне навреме да се вршат плаќањата и да се подобри ликвидноста на компаниите и остварувањата на нивните развојни планови. На таков начин ќе се постигне финансиска дисциплина на пазарот и ќе се спречи процесот на создавање нови и нови должници – додаваат од Стопанската комора.

За експертите овој закон претставува продолжение на претходните законски решенија.

– Законот за финансиска дисциплина, на некој начин, претставува продолжение на проектот наречен „Задолжница“. Со неговата примена ќе се засили финансиската дисциплина согледана во скратување на времето за плаќање на долговите и за поефикасна реализација на должничко-доверителските односи меѓу компаниите. Во минатиот период просечната наплата на побарувањата изнесуваше и до 270 дена. Со примената на овој закон, периодот на наплата на побарувањата ќе се намали на 60 дена, а ако фирмите меѓусебно се договорат, тој рок може да се зголеми и до 120 дена. Тоа ќе ја зголеми ликвидноста на економијата, ќе ги зголеми обемот и брзината на стоковно-паричните трансакции, што ќе има директно влијание врз зголемувањето на обемот на агрегатната побарувачка и БДП на земјата. Со таа мерка ќе се зголеми обртот на парите и ќе се намали зависноста на компаниите од зајмени пари за да одговорат на нивните обврски спрема други економски субјекти (држава, претпријатија, вработени, банки…). Се разбира, тоа ќе влијае позитивно и врз вкупната ефикасност, ефективност и профитабилност на компаниите. Најпосле, примената на таа мерка ќе има позитивно влијание врз стабилизирањето на побарувачката на пари во економијата, што значително ќе го олесни спроведувањето на монетарната политика на земјата – вели професорот на Американ колеџ Скопје, Томе Неновски.

Според него, финансиската дисциплина и ликвидноста на економијата дополнително ќе се зголемат откако ќе влезат во сила одредбите на законот и за државните органи.

– Скратувањето на роковите за плаќање на обврските и од страна на државата, несомнено, ќе има силно влијание врз паричната и ликвидносната слика на економијата. Сето тоа заедно ќе има повеќекратно позитивно дејство врз економијата, што повратно ќе се манифестира во редовно и прогресивно извршување на даночните обврски на економските субјекти – додава Неновски.

Според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, со воведувањето конкретни рокови, како и со обврската да се плаќа во предвидените рокови, потоа предвиденото плаќање на прекршочна казна и камата ако се отстапи од тие рокови, ќе се прекине практиката на неплаќање на обврските.

– Станува збор за едно барање на домашните фирми во Република Македонија, кое предвидува воведување рокови за плаќање на обврските меѓу субјектите од приватниот сектор, но и кога приватните субјекти работат со државата. На некој начин се создаде култура на неплаќање на обврските, што не е добро за една пазарна економија и за функционално домашно стопанство, при што голем број фирми се жалеа од таа ситуација и бараа да се најдат инструменти со кои ќе се прекине тоа. Токму со Законот за финансиска дисциплина им излегуваме в пресрет на тие барања – вели Ставрески.

Тој додаде дека тоа е практика и во други земји што се членки на ЕУ и изрази уверување дека сите субјекти што работат во сферата на легалната економија и тие што имаат добра намера да работат и склучуваат трансакции и да ги плаќаат обврските ќе бидат заштитени со овој Закон.

Новата регулатива предвидува строги парични санкции за тие што ќе ги пречекорат роковите предвидени за плаќање. „Глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра ќе му се изрече за направен прекршок на правното лице субјект од јавен сектор и на правното лице економски оператор од приватниот сектор доколку не ја намири паричната обврска во роковите утврдени со овој закон“, пишува во законот. Нема да има толеранција ни за директорите на фирмите, ниту, пак, за раководителите на буџетските органи. Глоба од 750 до 1.500 евра ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во компанија од приватниот сектор ако не ја намири навреме обврската. Истите казни важат и за одговорното лице во државен орган доколку не го доставило навреме барањето за плаќање до трезорот на Министерството за финансии. „Доколку не се намири паричната обврска во утврдените рокови, а субјектот од јавниот сектор го доставил барањето за плаќање во трезорот на Министерството за финансии во рокот, а министерството не ги исплати паричните средства во рокот, глоба од 750 до 1.500 евра ќе му се изрече за сторен прекршок на министерот за финансии“, се прецизира во законот. Исто така, тој предвидува дека дове­ри­телот има право на надомест за доцнење од должникот од 3.000 денари, без претходно потсетување и опомена. Тоа, пак, не го исклучува и правото на казнена камата, која се пресметува и наплатува според закон.

Според бизнисмените, Законот за финансиска дисциплина ќе има уште поголем ефект доколку многу брзо се донесе и закон за брз банкрот, со кој, практично, како со хируршки рез, сите несолвентни субјекти ќе се исчистат од економскиот простор.

Законските одредби за јавните здравствени установи, јавните претпријатија, трговските друштва формирани од државата, општините, Фондот за здравствено осигурување и јавните здравствени установи ќе се примену­ваат од 1 јануари 2016 година.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top