
Во новиот филм на Мартин Скорсезе „Волкот од Волстрит“, Леонардо ди Каприо го глуми амбициозниот Џордан Белфорт, кој има дарба за заработување милиони, но сака да се забавува и да лумпува. Филмот е снимен според вистинска животна приказна за човекот што на 26 години станал мултимилионер заработувајќи по неколку илјади долари во минута.

Џордан Белфорт
– Во годината кога навршив 26 години заработив 49 милиони долари, што ме изнервира бидејќи тоа се само три помалку од еден милион неделно – вели Џордан.
Роден е на 9 јули 1962 година во Бронкс, во семејство на сметководителите Лија и Макс Белфорт. Израснал во еврејско домаќинство. Во текот на летото, меѓу завршувањето на училишните обврски и почетокот на универзитетот, Белфорт и неговиот близок пријател од детството Елиот Ловенстерн заработиле 20.000 долари од продажба на италијански мраз од преносливи ладилници, кој им го продавале на посетителите на плажата. Џордан планирал овие пари да ги искористи за да го плати патот до училиштето за стоматологија. Дипломирал на американскиот универзитет, со диплома по биологија, а потоа се запишал на Колеџот за дентална хирургија во Балтимор. Сепак, тој заминал оттаму откако деканот на училиштето му рекол: „Златната доба на стоматологијата заврши. Ако си тука само затоа што си во потрага по заработка, тогаш си на погрешно место“. Тоа бил неговиот прв ден на колеџ.
Кариерата како брокер ја почнал во „Л.Ф. Ротшилд“. Подоцна ја формирал сопствената брокерска куќа „Стратон Оукмонт“, каде што измамничкиот бизнис го водел како развратен римски император – успешните вработени биле наградувани со проститутки, алкохол и со дрога, неуспешните биле отпуштани. Шмркањето кокаин и оргиите биле дел од секојдневниот живот. Работниците биле охрабрувани да имаат секс во стаклен лифт со целосен поглед на канцеларијата, имало голи групи што марширале, а од женскиот персонал на забавите се очекувало да танцува топлес и да спие со мажи.
Но, царството на Џордан Белфорт, финансирано од 150 милиони фунти што ги добил со измама од инвеститорите, почнало да пропаѓа во доцните 90-ти години. Тој одлежал само 22 месеца за измама и перење пари, при што напиша две книги мемоари, кои се основа за филмот „Волкот од Волстрит“.
Тричасовната црна комедија, во режија на Мартин Скорсезе многумина ја опишаа како еден од најизопачените филмови на Холивуд воопшто. Но, Белфорт тврди дека приказната не се натпреварува со светот од реалниот живот, расипан од дрога, туку е приказна за фирмата за продажба на акции „Стратон Оукмонт“, која ја споредува со библиските дувла на грешните, Содома и Гомора.
– Не секоја фирма имаше проститутки во визбата, дилери на дрога на паркингот, егзотични животни во салата за состаноци и натпревари во фрлање џуџиња во петоците – вели Џордан.
Дури и Ди Каприо (39), кој ги сака забавите, го опиша Белфорт, кој сега има 51 година, како најголем хедонист што некогаш го запознал.
– Тој е како императорот Калигула во денешно време. Тој не се воздржува од ништо и е непомирлив во својата похота за богатство и лудо трошење – рече Ди Каприо.
Белфорт, поранешен продавач на морска храна од врата до врата, водел живот на висока нога со својата сопруга Надин Кариди, русокоса моделка родена во Лондон, и со армија од скапо платени проститутки. Во едно попладне, подгреано со дрога, Белфорт отпишал јахта и еден од своите два хеликоптера. Го смачкал својот „мерцедес-кабриолет“ со неговата мала ќерка неврзана на совозачкото место, која, за среќа, поминала неповредена. Тој, исто така, морал да се врзе со ремен на седиштето од прва класа во авион, откако сексуално нападнал стјуардеса. А кога останал без таблетите за сексуален нагон „квалуде“ додека престојувал во апартман од 9.000 фунти за една ноќ во лондонскиот хотел „Дорчестер“, му порачал на својот возач во Њујорк да долета со „конкорд“ и да му донесе таблети.

Кратко време пред да пропадне неговата империја тој ја убедил тетката на Надин, наставничка, која ја игра Џоана Ламли, да му дозволи да испере милиони долари преку швајцарска банка користејќи го нејзиното име. Таа починала пред тој да ја изведе измамата.
Познатиот продавач Џош Шапиро од сега веќе непостојната „Стратон Оукмонт“, се сеќава дека бил награден со курва што наплатувала по 300 фунти на час за склучување договори, а Белфорт дури ангажирал голи марширачки групи за да го „охрабри“ за време на студените повици. Други награди биле неограничен кокаин, „екстази“ и „квалуде“. Младиот женски персонал во фирмата на Лонг Ајленд, Њујорк не бил исто третиран.
Мажите им се обраќале безобразно, а на забавите тие биле бесплатен дивеч за машките колеги. Неговиот однос кон моделката за пиво „милер лите“ – Надин, не бил подобар. Тој пренел 100 вработени и 100 проститутки во Лас Вегас за оргии исклучително за мажите пред нивната венчавка на Кариби од 600.000 фунти. Се пофалил дека имал секс со неа на душек од три милиони долари, направен од банкноти од по 100 долари.
– Откако го изгледав филмот останав без зборови. За мене сето ова е поинакво искуство отколку за публиката. Јас се помирив со своето минато, напишав книга и тоа за мене претставуваше катарза. Но, кога ќе се види сето тоа на екран, со некој што добро си ја врши својата работа, буквално се испотив во некои моменти. Кога шмркав кокаин имав интензивни реакции на сето тоа – вели Белфорт.

Надин, која сега има 51 година, се разболела од неговото мамење и од дрогата, го оставила откако ја турнал низ скалите во неговата палата од 24 спални соби на Лонг Ајленд.
Во меѓувреме, финансиските регулатори му се приближиле на Белфорт и тој бил обвинет за вештачко дување на цените на акциите и е затворен во 2003 година.
Со Надин се развеле во 2005 година, и тој сега е свршен со Ен Копе и држи мотивациски говори и предава „техники на продажба“ на млади брокери што сакаат да „создадат богатство за поголем успех“.
– Заработувањето пари е толку лесно. Навистина е. Тоа не е тешко да се направи – вели Белфорд.
Вистинската нето-вредност на Белфорт е мистерија. Тој заработи повеќе од два милиона долари од книгите и од авторските права за филмот.
– Мислев дека се луди – вели тој за објавувањето на книгите.
Заработува петцифрени суми за говорите што ги држи, заедно со приходите од инвестициите што ги направи во Австралија. Но, тој не може да задржи сѐ. Според еден судски налог, половина од сѐ што заработува мора да се пренамени за да го врати долгот од 110 милиони долари, колку што им должи на повеќе од 1.500 инвеститори, кои ги „одрал“.
– Секогаш чувствував дека ако имам повеќе, тогаш би се чувствувал добро. Но, мислам дека колку што повеќе имав, толку полошо се чувствував. Сите имаме такви дупки, нели? Проблемот е што има некои начини да ги затнеме дупките што се одржливи. Излегувањето и е… дваесет курви секоја вечер – тоа беше забавно кога го правев, но тоа, навистина, не е одржливо – вели тој.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


