| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската писателка и поетеса Лидија Димковска доделуваше награда во Полска

lidija

На гала-свеченост во Полскиот театар во Варшава на 14 мај беше доделена најголемата меѓународна награда за животно дело од областа на поезијата во Полска  „Херберт“ во чест на еден од најзначајните полски поети Збигњев Херберт. Наградата оваа година се доделува по вторпат, а ја доби американскиот поет со српско потекло Чарлс Симиќ. Поздравна реч за неговото творештво пред присутните одржа Лидија Димковска која е член на меѓународното жири за оваа престижна награда.
Останатите членови на жирито се меѓународно истакнатите писатели Михаел Круегер, Агнета Плејел, Томас Венцлова, Жауме Валкорба Плана, Едвард Хирш и Јарослав Маколајевски. Честа  за обраќањето пред присутните и лауреатот Чарлс Симиќ и припадна токму на Димковска која истакна дека Чарлс Симиќ е и американски и европски поет кој е веќе самиот поетска школа, поетско движење, класик чија поезија ја читаат и постарите и помладите.
Хуманистичкиот поглед на неговата поезија го поврзува со Збигњев Херберт кој исто како и Симиќ беше поет на човечката состојба,  додавајќи дека Средна Европа за Херберт и Источна Европа за Симиќ не се само географски подрачја туку културна меморија присутна во нивните дела, а двајцата големи поети беа и самите сведоци на најдраматичните промени во поновата европска и американска историја.
Во Варшава Чарлс Симиќ и Лидија Димковска ги прими во својот дом кој е и седиште на фондацијата „Херберт“ и сопругата на Збигњев Хереберт, Катарина Херберт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top