| четврток, 6 декември 2018 |

По поплавите: Македонија им нуди помош на Србија и на БиХ

gruevski_pismo_nato_g-copy

Премиерот Никола Груевски денеска информира дека Владата внимателно ги следи состојбите во Босна и Херцеговина и во Србија со поплавите. Испратено е писмо до двете влади за подготвеност на Република Македонија да испрати помош, од каква било природа, која што во овие критични моменти може да помогне.

Писма со сочувство се испратени до премиерот на Србија, Александар Вучиќ, и до претседателот на Советот на министри на БиХ, Вјекослав Беванда.

– Состојбата во овие држави е алармантна. Србија прогласи вонредна состојба и очекува дури и влошување на ситуацијата во наредните часови. Ние сме подготвени за нешто што би ни било побарано, со сите наши расположливи ресурси што ги имаме за ваква намена да помогнеме – потенцира Груевски.

Премиерот информира дека го активирал Кризниот штаб во Република Македонија.

– Разговарав со министерот Јанакиески на секој час да ја следат состојбата во Република Македонија. Утре ќе имаат и седница – истакна Груевски.

Од вестите што ги добив од Кризниот штаб, како што рече, ситуацијата во Република Македонија засега е добра.

– Во наредните десетина дена не се очекува да се случат некакви поплави. Но, тоа не значи дека не треба будно да се следи ситуацијата, како од централно ниво, од Владата и од државните институции, така и од локално ниво и веднаш да се алармира доколку дојде до некакви промени. Што се однесува до Македонија можам да кажам дека сме во полна готовност во случај да се случи нешто слично како во овие две држави, веднаш сите државни институции да реагираат – посочи Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top