Депресијата е главна причина за болест и хендикеп кај младите луѓе од 10 до 19 години, се наведува во последниот извештај за здрајето на адолесцентите кој го објави Светската здравствена организација (СЗО).
Организацијата смета дека три главни причини за смртта на адолесцентите во светот се сообраќајните несреќи, сидата и самоубиството. Во 2012 година во светот починале 1,3 милиони адолесценти. Ова е првпат СЗО да објави комплетен извештај посветен на здравствените проблеми на адолесцентите.
Проблемите се поврзани со пушење, дрога, алкохол, сида, ментално здравје, исхрана, сексуалност и насилство.
– Светот не му посветува доволно внимание на здравјето на адолесцентите – изјави докторката Флавиа Бустеро, помошничка на генералната директорка за здравје на жената и децата во СЗО.
Некои студии покажуваат дека кај некои лица кои патат од ментални проблеми, првите симптоми се регистрирани уште во 14. година. Ако се лекувале на време, би можела да се спречи смртта.
Според СЗО дијареата и инфекциите на белите дробови се втора и четврта причина за смртта на младите на возраст од 10 до 14 години.
СЗО во извештајот опфатил истражувања направени во 109 земји во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.