Зоран Заев, според познавачите, си ја одигра улогата што му беше доделена при повлекувањето на Бранко Црвенковски од лидерската позиција од СДСМ. Им „покажаа“ на тие што сметаа дека треба институционално да се надминуваат проблемите во земјава, таканаречените „противници на отпорот“, ги поминаа сите институционални чекори за да дојдат до овие избори на кои покажаа дека без отпор се освојуваат помалку гласови од тие што му обезбедија 42 пратенички места на Црвенковски. Со тоа и „борбата“ меѓу „заевистите“ и „бранковистите“ се покажа како голема лага на која наседнаа малкумина, но која требаше да ги извади на површина тие што сѐ уште сметаат дека на СДСМ му е потребна свежина.
Пророкот се јави: „Ниту јас ниту Заев“
Иако далеку од очите на јавноста, тој преку странска агенција прати порака до делегатите на претстојниот конгрес: „Ниту јас ниту Заев не сме решение за СДСМ“. Црвенковски со тоа ја одигра ролјата од која се плашеа и која како најцрно сценарио ја посочуваа и политиколозите и блиските до СДСМ. Се покажа дека Заев, иако требаше да биде „новиот ветер“ во СДСМ и СДСМ требаше да има „нови лица“ со што би се отфрлил наследениот багаж на партијата, бил само една „показна вежба“ за да се постигне тоа што најдобро функционира во партијата – на најгруб можен начин да се расчисти со неистомислениците и по цена на прелажани гласачи и на нарушен углед на државата.
Со ова негово јавување, повторно се гази врз сето тоа што претставува демократски процес во една партија. Тој повторно ги мести марионетките во партијата. И не му е тешко. И Заев и делегатите на конгресот се дел од неговите активности пред да си замине. Заев ги измени составите на партиските тела со доставување свои лојални членови, додека, пак, составот на делегатите на конгресот е избран од најблизок соработник на Црвенковски.
Заев со ваквата улога му се оддолжи на Црвенковски за аболицијата. Всушност, дел од познавачите посочуваат дека, можеби, и аболицијата била дел од стратегијата на Црвенковски за во Заев да има човек на кој може да смета во иднина, а притоа да не поставува прашања или услови. Затоа Заев и не се бунтуваше за новата функција во партијата доделена на Радмила Шекеринска и за раководство со партиски функционери што и дотогаш ја кроеја партиската политика заедно со Црвенковски.
Ако во времето за смена на Црвенковски многумина во Стево Пендаровски видоа негов наследник, тој тогаш тоа го одбиваше со неколку изговори – дека не е член на партијата или дека нема организациско-административни способности. Но, Пендаровски до самиот крај не ја признаваше ниту партиската кандидатура за претседател на државата. Всушност, Заев го расчисти теренот што сега треба да го заземе Пендаровски. Ослободен од противниците на „отпорот“ и од амбициите на неколкумина противкандидати на Заев – од кои еден си замина од СДСМ, а другиот беше „главниот стратег“ за изборната програма и за придружните фолклорни демонстрации – Пендаровски сега ќе може да продолжи со „отпорот“ на Црвенковски. Таму каде што застана – со опозиција на улица и нарушен углед на државата.
Црвенковски прво го аминуваше Заев, сега Пендаровски
Ако се потсетиме на периодот од пред конгресот на кој требаше да се избере наследник на Црвенковски, тој ги повика кандидатите кај него еден по еден „за да ги елаборираат програмите“ со што, всушност, и се потврди дека вистинскиот избор не го прават делегатите на конгресот, туку лично Црвенковски. Дури и на конгресот влегоа заедно, рака под рака. Под другата му беше Зоран Јовановски. Тогаш се шпекулираше за конфликт меѓу Црвенковски и Шекеринска што, пак, сега не би требало да е проблем бидејќи сѐ погласни се информациите за нејзиното напуштање на земјава, следејќи ја кариерата на нејзиниот сопруг.
Сега Црвенковски отворено го испофали Пендаровски, исто како да го води под рака пред делегатите. Според него, „отпор не се тера од канцеларии“, а за тоа е потребен лидер „со голем кредибилитет“ и „поголем обединувачки капацитет“. Значи, на Црвенковски му треба наследник кој сега, ослободен од оние кои сакаат Македонија да е држава во која работите би се решавале институционално, а иднината да се определува според избор на подобра изборна програма, би го повел народот во нова „војна“ и отпор кон сѐ што претставува демократска придобивка и развој. Така, Црвенковски за таа улога, всушност, избра човек кој би повел и би застанал на чело на група луѓе на улица, спроти барикадите, спроти оние кои би застанале во одбрана на системот. Всушност, повторно би се случиле поделбите кои доведоа и до оние сцени пред парламентот, кога со тампон-зона полицијата ги двоеше луѓето од меѓусебна пресметка.
Тука на виделина излегува и стратегијата зошто Пендаровски, всушност, сам ја водеше кампањата. Со тоа Пендаровски нема да може да се спојува со СДСМ кој требаше да изгледа пред јавноста дека застанува спроти Црвенковски. Со тоа стана јасно дека СДСМ, односно тој што ги влече конците, воопшто не се надеваше на претседателското место, туку водеше кампања за промоција на Пендаровски како иден лидер на СДСМ. Дома и во странство.
Со тој чекор е јасно дека пораките што Пендаровски ги упати од трибината во Приштина, по конгресот на кој се очекува тој да го поведе СДСМ, ќе станат и официјална стратегија на идното раководство на СДСМ. Во комбинација со „отпорот“ кон институциите и нарушувањето на угледот на државата, може да се очекува и спроведување на уличните сценарија на Црвенковски, доловени со стратегијата „Надеж“, а кои не ги заборава ниту тој во последното интервју „Слободата се освојува, не се подарува“.
А, гласовите и поддршката за власта дадени на изборите? „Народот секогаш е во право, дури и кога греши“.
(Пишува: Наум Стоилковски | Фото: Република
Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст